Македонија

Минус 3,1%

04 Dec 2024

Ретко кога се соочувам со предизвикот да имам грст теми на кои сакам да пишувам, а да морам да се решам само за една. Ова е таков случај бидејќи октомври ни донесе дузина интересни економски случувања.

 Пишува: Горан Теменугов

Го претставија Буџетот за 2025 година, заврши владината мерка за ограничување на трговските маржи на 10%, односно заврши т.н. есенска кошничка, па помина првиот месец од примената на Законот за спречување нефер трговски практики, беа претставени очекувањата за порастот на македонската економија од меѓународни финансиски институции, легнаа парите од унгарскиот кредит и почна битката со банките како да се пласираат 250 милиони евра во стопанството, а да не се зголеми каматата за фирмите над 3,25%.

Има да се пишува и за инфраструктурните проекти и колку тие се остварливи и што сè смени актуелната власт во своите ставови во однос на претходно кажаното и најавено.  

Но мене, стариот песимист, ме загрижува нешто сосема друго. Иако оцените се дека македонската економија се стабилизира по турбулентните три кризни години, поради скапите енергенти и инфлацијата, еден показател станува загрижувачки. Тоа е трговската размена со Германија.

Извозот кон Германија е намален за 3,1, додека вкупниот извоз се намалил за дури 5,7% во споредба со лани или изразено во пари за 313 милиони евра. Ова не е само статистика, ова е аларм за сите нас.

Сите знаеме дека оваа земја се соочува со сериозни економски проблеми и полека тие стануваат топ-тема во германската политика, а ја загрижуваат и Европа. Но, кај нас, во Македонија ова како да е споредна тема. Релативно малку се анализира, многу малку е присутно во јавниот простор, а исто така и стопанските комори и политиката како да не посветуваат доволно внимание на овој сѐ поизразен проблем.

Иако медиумите ја пренесуваат веста дека „Фолксваген“ сака да затвори дури три фабрики во Германија, нешто што не се случило од 1938 година кога почнала со работа првата фабрика на овој гигант, ова некако не се поврзува со Македонија.

А дека треба, треба.

Доволно е да се видат најновите статистички податоци за трговската размена на државава со странство и ќе биде јасно дека вкупниот извоз од јануари до август 2024 се намалува, а увозот останува на речиси исто ниво. Кога ќе се расчленат податоците, се забележува дека извозот кон Германија, која е наш најголем трговски партнер, е намален за 3,1%. Ова е значителен пад кој може да има сериозни последици врз нашата економија, особено ако се земе предвид дека Германија е пазар за 41,1% (а беше 44,6%) за македонските производи.

Причините за овој пад се повеќеслојни. Од една страна, економските проблеми во Германија доведоа до намалена побарувачка за увозни производи. Од друга страна, македонските компании се соочуваат со зголемени трошоци за производство, што ги прави нивните производи помалку конкурентни на германскиот пазар.

Во овој контекст, потребно е да се преземат мерки за поддршка на извозниците и за диверзификација на извозните пазари. Владата и стопанските комори треба да работат заедно за да се најдат нови можности за извоз и да се намали зависноста од германскиот пазар. Само така ќе можеме да ја заштитиме нашата економија од надворешни шокови и да обезбедиме одржлив пораст во иднина.   

И? Дали некој сериозно разговара за ова? Дали некој сериозно ќе се фокусира на ваква дебата? Дали некој нешто ќе преземе?

Ако ја прошириме темава, ќе видиме дека вкупниот извоз се намалил за дури 5,7% во споредба со лани или изразено во пари за 313 милиони евра.

Ова не е само статистика, ова е аларм за сите нас. Време е да се разбудиме и да преземеме конкретни мерки. Ако продолжиме да го игнорираме овој тренд, ризикуваме да ја загубиме нашата кршлива економска стабилност и да се соочиме со уште поголеми предизвици во иднина. Владата мора да преземе проактивни мерки за поддршка на извозниците, да ги намали трошоците за производство и да ги стимулира инвестициите во нови технологии и пазари. Само така ќе можеме да ја заштитиме нашата економија и да обезбедиме одржлив пораст.

Можеби ова е поважно од дискусиите за минимална плата, за пензиите, за маржите, за вакви или такви потрошувачки кошнички. Времето истекува, кризата се продлабочува.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...