Македонија

Полексена Јанкуловска: Жените носат други вредности и пристап во менаџментот

07 Mar 2025

Родовата еднаквост во бизнисот е тема што добива сè поголемо внимание, но искрено верувам дека родовата правичност е она што треба да го бараме, а не само формалната еднаквост. Во многу индустрии, жените имаат пристап до истите можности како и мажите, но патот до успехот не секогаш е ист. Често, жените мораат да направат поголеми жртви за да стигнат до лидерски позиции – било тоа да е балансот меѓу приватниот и професионалниот живот, било да е потребата постојано да се докажуваат во опкружување што традиционално не било насочено кон женското лидерство.

Пишува: Полексена Јанкуловска, регионална маркетинг-менаџерка во „Бимилк“

Од мое искуство, во работната средина немам почувствувано дискриминација од страна на компанијата или мажите околу мене, напротив – поддршката постои. Но, тоа не значи дека не постојат предизвици. Главниот проблем не е во тоа дали жените добиваат шанса, туку колку повеќе треба да вложат за да ја искористат таа шанса. Тоа е нешто што мораме да го менуваме со вистински системски решенија – преку поддршка, флексибилност и создавање на услови во кои жените ќе имаат простор да се развиваат без дополнителни бариери.

Не би рекла дека жените се поуспешни од мажите по дефиниција, но сметам дека жените носат други вредности и пристап во менаџментот што ги прават извонредни лидери. Она што најчесто го гледам кај жените лидери е:

  • Емпатија и интуиција – Жените често се подобри во разбирање на потребите на својот тим и на клиентите, што води до подобра комуникација и посилна поврзаност во организацијата.
  • Флексибилност и способност за балансирање – Жонглирањето помеѓу повеќе улоги (кариера, семејство, личен развој) ги прави жените одлични во поставување приоритети и решавање на сложени ситуации.
  • Стратешка упорност – Жените кои стигнале до менаџерски позиции често морале многу повеќе да се докажуваат на секој чекор. Оваа постојана борба гради одлучност и јасна визија за успех.
  • Градење тимска култура – Од мое искуство, жените се особено посветени на создавање на средина во која тимот напредува заедно. Јас лично го гледам ова во мојот тим, каде сите заедно растеме, учиме и се поддржуваме.

Најдобрите лидери не се дефинирани според полот, туку според тоа како водат и инспирираат. Жените докажуваат дека нивниот пристап кон менаџментот носи резултати, а комбинацијата на емоционална интелигенција, аналитички пристап и истрајност е она што ги прави одлични лидери.

Женските права не се само „женска тема“ – тие се општествено прашање. Само кога сите – и жени и мажи – се вклучени во оваа борба, можеме да постигнеме вистинска промена. Поддршката од мажите е клучна бидејќи тие се дел од одлучувачките структури во многу сектори. Ако сакаме да создадеме средина каде што жените имаат еднакви можности да напредуваат, да бидат ценети и да ги добијат заслужените лидерски позиции, мора да работиме заедно. Но, исто така, многу е важно жените да бидат гласни и видливи. Ако не зборуваме за предизвиците, ако не ги истакнуваме успешните примери, ништо нема да се промени. Во таа смисла, жените треба да бидат лидери во оваа борба, но не и единствените кои ја водат. Во маркетингот често велиме – ако не ја контролираш нарацијата, некој друг ќе ја раскаже за тебе. Истото важи и за женските права. Колку повеќе зборуваме, делуваме и градиме примери на успешни жени, толку побрзо ќе се сменат работите на системско ниво.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...