Кога во еден момент работите на повеќе од 50 пазари, се менува перцепцијата – од наоѓање разлики во работата меѓу два пазари до наоѓање на сличностите меѓу 50 пазари.
Разговараше: Данче Драгинова-Камчева, danche@instore.mk
Биографски податоци
Датум на раѓање: 14.4.1973 година.
Образование: Инженер по електротехника.
Кариера:
- Work and Travel program, САД (од 1996 до 1999 година);
- Marketing Coordinator во „Дневник“, Македонија (од 1999 до 2000 година);
- „П & Г“ (од 2001 до 2019 година):
- Key Account Manager, Македонија, Country Manager, Македонија/Албанија/Косово (2001-2005 година);
- Head of Modern Trade, Бугарија (од 2005 до 2007 година);
- Sales Capability Manager, Балкан (од 2007 до 2010 година);
- Business Development Director, Distributor Operations Director, глобални пазари во развој (од 2010 до 2014 година);
- Head of Trade Marketing Health & Oral Care, Regional commercial director & Distributor Capability, Југоисточна Европа (од 2014 до 2018 година).
- Commercial Director во „Лореал“, Србија (од 2019 до 2021 година);
- Chief Executive Officer во „Бејби фуд фактори“, Србија (од 2021 до 2024 година);
Моментална функција: Head of Operational excellence in sales во „Нелт груп“, Србија (од август 2024 година)
Хоби: Гитара и пеење, едрење, читање, пинг-понг.
Брачна состојба: Оженет, две деца.
Најголемата опасност не е во тоа што поставуваме високи цели и не успеваме да ги постигнеме, туку во тоа што поставуваме премногу ниски цели и ги достигнуваме, е цитат од италијанскиот ренесансен уметник Микеланџело, кој нашиот соговорник Ненад Николовски често го користи во комуникацијата со соработниците. Од август минатата година тој го води секторот Operational excellence in sales (оперативна извонредност во продажбата) во групацијата „Нелт“. Во интервјуто ни ја раскажа неговата богата професионална приказна.
Желба за предизвици
Кога се обидува да се присети како мал што сакал да биде кога ќе порасне, Ненад признава дека не можел да се определи само за еден пат. Мислам дека сакав да бидам музичар затоа што уште од мали нозе почнав да учам виолина, а потоа пробав и неколку други инструменти. Од пубертетските денови свирам гитара, кога сфатив дека сакам и да пеам. Истовремено, ја сакав и математиката – решавањето математички проблеми ми беше забава. Дополнително, одев со дедо ми на пазар и трговијата ми беше интересна.
За време на распадот на Југославија и по неколкуте тешки економски години, нашиот соговорник, размислувајќи за сопствената иднина, бил уверен дека мора да има подобро од тогашната ситуација. Во текот на студентските денови веќе почнала да се оформува целта дека мора да излезе од земјата и да проба нешто различно.
Првото работно искуство за Ненад е програмата „Work & Travel“ во САД. Вели дека за тие три години добил забрзан курс по капитализам, што во тоа време било новитет кај нас. Следува работата во весникот „Дневник“, период исполнет со учење и вежбање продажни и маркетинг-вештини. Тоа беше период на огромен развој на фирмата, кога и идеите од некој јуниор како мене беа земани предвид и некогаш применувани. Тоа ми даваше полет и сила да грабам напред. Од друга страна, сфатив дека македонските компании заостануваат многу зад американските и оти не сум подготвен да ги прифатам тие лимити долгорочно.
Во 2001 година Ненад влегува во FMCG-индустријата, како дел од „П & Г“. Признава дека тогаш немал јасна перцепција што е FMCG, тоа што му било важно било дека сакал да работи во продажба, особено во престижна глобална фирма во која „тешко се влегува“. Отсекогаш сум сакал предизвици!
Од локално до глобално
Нашиот соговорник истакнува дека „П & Г“ е неверојатна компанија што многу вложува во едукација на вработените и има политика на „промоција однатре“, со акцент на развој на луѓето од почетокот на кариерата. Вредностите на компанијата целосно се совпаднаа со моите лични вредности. Тоа, плус големите заложби, доведе до одлични резултати што беа наградувани со унапредувања и зголемени одговорности, нешто што му го посакувам на секој млад човек. Многу рано во кариерата сфатив дека кога имаш луѓе под своја одговорност, повеќе од половина време треба да го посветиш вложувајќи во нив, а не во бизнисот, за да имаш долгорочни резултати.
По позицијата Country Manager за Македонија/Албанија/Косово, во 2005 година Ненад добива ново работно место во Софија. Со оглед на тоа што претходните пазари не нуделе можност за соработка со глобални клиенти, „П & Г“ му понудила позиција за работа со најголемите купувачи во Бугарија („Метро“, „Карфур“, „Кауфланд“, „Била“). Го прифатив предизвикот по цена на кариерата на сопругата. Заедно одлучивме – бевме свесни дека тоа е за подобро и никогаш не зажаливме.
Сите позиции на Ненад од 2007 до 2015 година биле пионерски за регионот, бидејќи работел според принципот „location free“, кој тогаш не бил распространет, а многубројните патувања биле секојдневие. Првата таква позиција била Sales Capability Manager, на која е многу горд бидејќи било препознаено дека успешно ги развива тимовите и добил шанса да го прави тоа за цел Балкан, а подоцна и на ниво на EMEA (Европа, Блискиот Исток и Африка). Учев на теми што никогаш не би можел да ги совладам на локално и регионално ниво, работејќи за глобалните пазари во развој, сегмент кој е најпретприемачкиот дел на „П & Г“. Кога во еден момент работите на повеќе од 50 пазари, се менува перцепцијата – од наоѓање разлики во работата меѓу два пазари до наоѓање на сличностите меѓу 50 пазари и како да го искористите тоа за проширување на бизнисот.
Нова страница
По повеќе од 18 години во „П & Г“, Ненад прави промена и трага по нови предизвици. Според него, стратегијата е многу користен збор во бизнис-светот, но не и егзекуцијата. Од друга страна, егзекуцијата е единствената стратегија што потрошувачите ја гледаат во маркетите, и тој лично има голем фокус кон тој дел од бизнисот. Тоа ме поведе да ги контактирам двете компании со најдобра егзекуција во маркетите – „Лореал“ и „Кока-Кола“, и добив понуди од двете фирми.
По речиси две години како комерцијален директор во „Лореал“ – Србија, тој во 2021 година преминува во групацијата „Нелт“, поради најголемиот предизвик дотогаш – да ја води компанијата „Бејби фуд фактори“, која произведува и продава бебешка и здрава храна во триесетина земји. Со помош на акумулираното знаење, големата поддршка и одличниот тим, успеавме да направиме неколку „историски“ резултати – од креирање нова голема супкатегорија во цел Балкан со Nutrino Lab pouch во здравата храна до забрзан пораст на категоријата и уделот на Nutrino во бебешката храна, водејќи до апсолутна лидерска позиција во Србија/Црна Гора и петкратно зголемување на прометот за три години.
Пред половина година Ненад прифаќа нов предизвик во „Нелт“ на групациско ниво (12 пазари на два континенти, плус неколку производствени фирми), водејќи го секторот Operational excellence in sales, во кој се наоѓаат повеќе важни сектори (Promo & Pricing, Route to Market, Sales Analysis, Capability).
За професионализмот, животот и за успехот
Ненад признава дека во сите кариерни преселби имало и одредени тешки моменти, но сѐ додека промените се со правилна причина, прифатливо е да се биде далеку од дома, особено ако другата земја на некој начин станала дом. Секогаш недостига поширокото семејство. Редовно ја посетувам Македонија за да се видам со семејството и со пријателите. Светот е помал, па веќе релоцирањата не се толку тешки како порано. Ми недостига и храната од мајка ми, но и мезето во кафеана ????, кое мислам дека е најдобро во регионот.
Според него, особините што се потребни за луѓето на повисоки функции во компаниите се повторуваат, без разлика на позицијата и на индустријата. Знаењето што е потребно е различно, но грижата за луѓето, барањето предизвици и иновативноста се „мотори“ за секој успех. Во мојата кариера агилноста и адаптибилноста во сѐ позабрзаниот свет на промени се покажаа како важни не само за успех, туку и за преживување. Овие особини се дел од мојот карактер, но како и сè друго, постојано постои потреба од развој и надградба.
Само напред, промената е добра! им препорачува Ненад на колегите на кои ќе им се укаже можност да ја развиваат кариерата надвор од родната земја. Кога се двоумиш на почетокот од кариерата, треба да ја избереш активната опција. Или ќе биде подобро и ќе напредуваш, или ќе научиш нешто, па макар и од сопствените грешки.
Тој додава дека е многу задоволен од неговата досегашна кариера, но ќе продолжи да бара нови предизвици. Неговиот најголем успех е што останал конгруентен, без да ги жртвува личните вредности. Според него, клучот е во добриот „match“ меѓу личните и вредностите на фирмата.
На крајот од разговорот Ненад заклучува дека дури и помалку успешните одлуки воделе до учење и напредок, затоа што, на крајот на краиштата, кариерата, како и животот, е маратон, а не спринт.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.