Актуелно

Горан Теменугов: Скржав министер за финансии, добар министер за финансии

26 Jun 2024

Завршија изборите. Победниците се познати и тоа се ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ. Во моментов кога го пишувам текстот се „крчка“ новата влада. Министерствата начелно се поделени, а останува да се дефинираат само имињата на новите министри. Секако, веќе се зборува дека Министерството за финансии ќе го води Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.

И мандатарот Христијан Мицкоски и сите од партијата најавија дека ќе бидат реформски насочени, со акцент на економијата и подобриот животен стандард. Исто така, се најавува дека огромната доверба од граѓаните, која се изрази со 58 пратеници од потребните 61 за самостојно формирање влада, не им дава простор за славење на победниците и дека мора за многу кус временски период да се испорачаат сериозни резултати.

Но, што би требало да се испорача? Секако, најдобро е да се отвори широк фронт за повторна изградба на еродираните институции, високата корупција и генерално целосно нефункционалниот општествен систем.

Но, пред да пишувам за главниот предизвик во економијата на идната влада, мора да го нотирам општиот главен предизвик. А тоа е враќање на довербата во институциите. Тоа ќе се постигне само ако идната влада биде потполно и реално транспарентна, што побрзо го врати владеењето на правото и ја искорени селективноста.

Ова што го пишувам изгледа малку излитено, малку веќе видено и малку идеалистички и воопштено.

Но, досегашното над 30-годишно искуство како независна држава покажа дека овие неколку елементи, кога ќе се постигнат во помала или поголема мера, се основа за стопанството да даде исклучително добри резултати. Само да ве потсетам, најдобрите економски резултати се постигнаа кога владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 2004 до 2008 година, негуваа елементарна транспарентност во своето работење и достапност до информации, но и можности за дебати околу политиките. Економијата тогаш растеше од 4,5 до 6% годишно.

Но, морам да укажам и на нешто друго. Во наредниот период мора да извлечеме поука од минатото околу оценување на политиките и тоа да не го мешаме со начинот на владеење. Тие две работи се различни и треба и така да им се приоѓа. Основно што ние како јавност мора да го бараме од идната власт е добро да владее, што значи демократски и со слобода на медиумите преку кои ќе може да дебатираме за одредени политики. Но, не смееме да тврдиме дека некој лошо владее само затоа што носи економски и политички мерки кои нам или на некоја група не ѝ се допаѓаат. Ако мерките се донесат при широка јавна дебата и ги издржат критиките на јавноста или можеби дел од нив се коригираат, граѓаните при таква демократска дебата ќе може да донесат заклучок што е подобро. Затоа, мора сите да бидеме внимателни при ова, за да ги поттикнеме демократијата, транспарентноста и јавноста, врз кои понатаму ќе може да донесеме реални заклучоци.

Само преку широка дебата ќе треба да ги цениме политиките што ќе ги спроведе Министерството за финансии, кое ќе биде душа на економската консолидација и основна институција која ќе треба да го поттикне порастот.

Затоа ова министерство и министерката ако биде именувана, пред сè, ќе мора да направат сериозна ревизија на државните трошења, да се види кои се непотребни. Ако се откријат пари кои можат да се кратат, не би требало веднаш да се залетаат со пренамена и со нив да гаснат пожари, туку би требало буџетскиот дефицит да го намалат и конечно, реално, да го намалат и јавниот долг. Консолидирањето на буџетот и стегање на ременот би било прво и основно што треба да го направат. Идната министерка, секако ако ја именуваат, треба да биде исклучително рационална во трошењето и тоа да се граничи до ниво на скржавост.   

Исто така, многу важно, да не подлегнува на партиски притисоци, туку првите две години да ја постави основата бизнисот да се ослободи од стегите и од буџетската зависност и да почне да го прави она во што е најдобар. Профит и да плаќа даноци.

Значи, министерката треба да има солиден ’рбет за да одолее на напливот на убедувања од своите сопартијци дека партија = држава = државна каса. Треба еднаш засекогаш да се потенцира дека партиските интереси не се секогаш, во наш случај скоро никогаш, исто што и општо добро.

 

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...