Нашето општество е парализирано. Во исчекување дека почетокот на преговорите и самите преговори за членство во Европската Унија ќе ни ги решат сите проблеми во државава, никој во Македонија не презема ништо. Големото очекување кое ни се сервира, членство во Унијата што ќе значи благодат за сите, како да ќе потече мед и млеко за нас што живееме во државава, поттикнува само два типа на луѓе.
Пишува: Горан Теменугов, економски новинар
Првиот тип се оние што сметаат дека сега или никогаш е време да се збогатат по секоја цена, а вториот дека некој однадвор, читај ЕУ, ќе ја заврши работата со корупцијата, со пропаднатото судство, со лошото образование, нефункционалната јавна управа и слабата и неконкурентна економија.
Првиот тип на луѓе чии занимања варираат од портири, „бизнисмени“, па до доктори од секаков тип, дали лекар или на наука, го користат исчекувањето на вторите кои пак, како што напишав, мислат дека некој „камшикар“ однадвор ќе дојде и ќе нѐ натера да си ја средиме државава.
Овие вторите успеаја да ја умртват секоја иницијатива, секој обид за подобрување на работите. Го чекаат големото „чудо“. Секако, ова не ги амнестира ни оние што ништо не преземаат и чекаат нивните да дојдат на власт, па да почнат нешто да прават.
Ова општествено милје јасно покажува дека во Македонија во моментов воопшто не е можно да се градат краткорочни, а камоли среднорочни и долгорочни политики. Економијата е на автопилот, како и сè друго.
Ова исчекување дојде дотаму што веќе сѐ подлабоко навлегува дефетизмот во луѓето и не веруваат дека нешто може да се промени. Веќе толку сме рамнодушни, што ни стана сосема нормално дека некој на Онкологија крадел лекови од болните од карцином, нормално е тоа што дел од основците повторно немаат учебници, а реформите во образованието воопшто и не се имплементираат, нè изненади што се крадат компјутери од добротворни организации чија цел е секое дете да може да ги поседува. Веќе не нè вознемирува ниту веста дека за само седум месеци во буџетот се собрани 112 милиони евра помалку на име данок на додадена вредност од планираното за овој период. На годишно ниво ова е потфрлање од 2,5% на целите приходи во буџетот. Смируваат дека состојбата ќе се подобри во втората половина од годината, но да не заборавиме дека велеа и дека од 1 септември секое дете ќе има учебник, но ете, пак немаат сите.
Во ова време на дефетизам и непреземање никакви дејствија, слушаме за успеси на владата и за тоа што ќе прави опозицијата кога ќе дојде на власт. Но, реалноста е сурова и каде и да се свртиме, гледаме потполно нефункционирање на системот. Толку е сè гнило, што и вестите од типот компанија која добива огромни државни пари ја загадува животната средина со согорување на отпадно масло опасно за здравјето на граѓаните не нè вознемирува. Да не споменувам и дека веќе не ги регистрираме вестите за нападите на владата кон Антикорупциската комисија, како и секојдневните информации дека фирми и поединци спонзори на партијата на власт, ДУИ, добиваат милионски тендери од државата.
Да не се навраќам наназад и да потсетувам на трагедиите со „Дурмо турс“, „Беса транс“ и модуларната болница во Тетово...
Ова општествено милје јасно покажува дека во Македонија во моментов воопшто не е можно да се градат краткорочни, а камоли среднорочни и долгорочни политики на сите нивоа на живеење. Економијата е на автопилот, како и сè друго. Но, автопилотот е добар само кога параметрите на летање се познати, но при турбуленции управувањето го презема капетанот и тој е одговорен за патниците. За жал, во моментов насекаде, на ниво на светски случувања, регионални и домашни, имаме опасни бури кои бараат сериозен и секако многу проактивен пристап. Но, како да се постигне тоа кога имаме две доминантни групи во општеството, оние што по секоја цена сакаат да се збогатат и оние што веруваат дека некој однадвор ќе ни ги реши проблемите. А тие однадвор не дека би можеле, но ете, нашите очекувачи на надворешна помош веруваат дека тие можат сè, но не разбираат дека се борат со бури кои ги „шибаат“ нивните земји и региони бидејќи сè се менува. Само ние сме заспани. Македонија во моментов е во сериозни проблеми.
Многу сериозни.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.