Продажба

Емир Ганибеговиќ: Една од ретките позитивни работи по пандемијата

07 Sep 2023

Прашање од милион долари: Кога е најдобро настаните да се одржат виртуелно, а кога да се одлучиме да ги одржиме физички?

Автор: Емир Ганибеговиќemirgany@gmail.com

Драги мои,

Како сте? Како се чувствувате ова жешко лето­?

Дали ќе успеете да поминете една или (за оние поуспешните) две недели на морски брег, исклучени од сè? Или (сепак) понекогаш ќе мора да бидете онлајн, проверувајќи дали стигнала некоја важна е-порака на која мора да одговорите, бидејќи, нели, без вас ништо не се може...

Дефинитивно, претходните три години беа години на виртуелни настани, не само во продажбата, туку и во сите аспекти од животот. Платформата Zoom нè спаси, и приватно и професионално. Ни овозможи да ги завршиме „итните“ работи, кои запнаа поради неможноста за физичка средба со деловните партнери, но нè спаси и кога изолирани од својот дом се гледавме „во живо“ и разговаравме со најблиските...

Толку се врзавме за Zoom, што и денес емотивно ја доживуваме платформата, а знаеме дека емоцијата што производот може да ја предизвика кај купувачот е најважната што може да се постигне, на начин што ни создава „пеперутки во стомакот“ кога ќе го видиме неговото лого. Се прашуваме каква е иднината на виртуелните настани, кога веќе пандемијата го заврши тегобниот пат и најпосле нè остави на раат. Да се разбереме – многу научивме, ја сфативме предноста на онлајн-комуникацијата, ги оптимизиравме состаноците и заштедивме време, олеснивме многу аспекти од животот...

Од непотребно возење по градскиот метеж, фрлање пари за паркинг... сè до намалување на стресот за тоа како сме облечени и дали сме го избрале вистинскиот дезодоранс, дали сме го прикриле „природниот“ мирис. Стекнавме ново онлајн-знаење и горди сме што од почетното (не)знаење стигнавме до ниво на другите да им објаснуваме како да додадат презентација на Zoom, а притоа да не им го одвлечат вниманието на другите гледачи. Тоа богатство од нови вештини дефинитивно ќе ни помогне и понатаму да ги применуваме. Сепак, пред нас се појавува предизвикот различните можности на средбите „онлајн“ и „во живо“ да ги споиме во конкретен план.

Знаеме дека онлајн-настаните и состаноците можат да достигнат до многу поширока публика и да имаат ефекти на начини на кои никогаш не сме ни замислувале. Но, како денес, кога се вративме во „нормалното“, да го избалансираме односот меѓу реалните и виртуелните состаноци? Пред нас е возбудлива иднина, во која тие што ќе ја пронајдат совршената формула и балансот ќе бидат победници! Следува прашањето од милион долари: Кога е најдобро настаните да се одржат виртуелно, а кога да се одлучиме да ги одржиме физички?

Забележуваме дека постои голем глад за нови и динамични презентации, кои се интерактивни, одговорни и забавни.

Вредноста на виртуелното ја надминува пандемијата

Според еден од објавените извештаи на „Линкдин“, 75 отсто од експертите за маркетинг низ целиот свет велат дека планираат долгорочно да продолжат со виртуелните настани. Директорите за продажба планираат да имаат повеќе виртуелни состаноци (60 отсто) отколку во живо (40 отсто). Иднината дефинитивно ги вклучува двата формата. И како што се вели – во секое зло има и по нешто добро, ова е една од ретките позитивни работи што ни остана по пандемијата.

Иако, условно речено, припаѓаме на технолошки заостанатите земји и региони, во овој дел имаме среќа: мобилни телефони и лаптопи имаме сите, и дури и најбавните меѓу нас веќе успеаја да се извежбаат за онлајн-состаноци. Сепак, секој од продажба ќе ви каже дека постојат аспекти и ефекти од состаноците во живо кои виртуелно не можат да бидат постигнати. На пример, виртуелно не може да произведете ефекти на случајна комуникација меѓу двајца што чекаат ред покрај шведска маса, разговор со едноставен контакт лице в лице, случајна средба на одредена конференција... Сепак, кога веќе споменуваме аргументи „против“, ајде да кажеме и неколку аргументи „за“ виртуелните состаноци и настани:

  • Заштедуваме на возење и паркинг, не се грижиме за облеката;
  • Удобноста во сопствената канцеларија или дом не може да се спореди со таа во салите за состаноци;
  • Дефинитивно најважното – штедиме време!

Дефинитивно мора да се вклучиме и длабински да ги научиме Zoom, Microsoft Teams и Google Meet бидејќи ни отвораат многу интересен и креативен простор за работа.

Дигиталните искуства се позитивни

Пред нешто повеќе од три години поголемиот дел од маркетиншките идеи за виртуелни настани беа вебинарите. Како публика, мораше да гледате слајдови, кои најчесто беа со цел да ви продадат нешто. Денес многу мал број луѓе ќе ги препознаат тие искуства како виртуелни настани. Сега се зголемени очекувањата за однос со почит, во смисла на производствената вредност, но и во поглед на содржината.

Виртуелните случувања станаа позитивни искуства, водени со видеосодржини и стручни говорници, кои знаат како визуелно да се ангажираат преку концизни и живи презентации. Забележуваме дека постои голем глад за нови и динамични презентации, кои се интерактивни, одговорни и забавни.

Тоа ни отвора можност и предизвик за усогласување на виртуелните настани во нашата сопствена стратегија. Дефинитивно мора да се вклучиме и длабински да ги научиме Zoom, Microsoft Teams и Google Meet бидејќи ни отвораат многу интересен и креативен простор за работа. Доколку не ги користиме тие креативни опции, ризикуваме да бидеме непознавачи и публиката веројатно ќе нè исклучи поради сувопарните презентации. Вистина е дека виртуелните настани штедат многу време, но нивното третирање само како можност за намалување на трошоците и ресурсите дефинитивно не е одржлива стратегија. Очекувањата за длабинско познавање на новите виртуелни алатки се зголемени, па затоа мора да ги вложиме сопствените време и труд за да ги исполниме тие очекувања. Значи, ајде во текот на летото да работиме на длабинско проучување на Zoom, Microsoft Teams и Google Meet!

Во ред – имаме договор да се позанимаваме со новите виртуелни алатки. Но внимавајте, имаме уште еден многу важен момент! Виртуелните настани вклучуваат публика со поинаков начин на размислување, што подразбира и промена на сопствениот начин на размислување како презентер, т.е. како менаџер. Овој вид настани мора да го почитуваат времето на публиката и мора стриктно да бидат фокусирани на вредноста за купувачот. Не сме пред публика која ќе се откаже од своето попладне и ќе биде среќна да помине неколку часа слушајќи ја нашата продажна приказна, наместо да присуствува на настан во живо, со пијачка и вечера.

Треба да бидеме свесни дека нашата публика истовремено може да прави мноштво други работи покрај екранот на кој нè гледа. И кога веќе длабински сме ги научиле виртуелните алатки – останува креативноста. Тоа е делот што го имаме или го немаме. Тоа значи дека вашиот настан мора постојано да нуди уверлива причина за да го спречи отсуството на внимание кај учесниците.

Да заклучиме. Враќањето во старите циклуси на состаноци во живо повторно нè обзеде – среќни сме, полни со енергија и без ограничувања. Сепак, не треба да ги заборавиме знаењето и користа од виртуелните состаноци и настани. Со вистинската публика и со вистинскиот фокус, тие може да дејствуваат како моќни маркетиншки центри, кои можат да се поврзат во различни кампањи, содржини и искуства – и да донесат голема корист. Меѓутоа, како и за сè друго, потребни се влогови, планови и креативност.

Не постои единствено решение за иднината на виртуелните настани. Тие имаат широк опсег на улоги во различни фази кога се случуваат. Видовме дека пандемијата стана „најдобрата“ кампања за дигитални состаноци и маркетинг. Затоа е време да се посветиме на сопствените сили, да се потрудиме да одвоиме неколку дена од летово и да проникнеме во длабочината на виртуелните платформи. Тоа време, со сигурност, нема да биде залудно потрошено!

Среќно ни учење!

Останете со здравје!

Срдечно ваш,

Емир

Емир Ганибеговиќ по професија е дипломиран економист кој професионалната кариера ја гради во секторите за продажба на корпоративни брендови како Kraft, Varta, Jacobs и General Electric. Низ кариерата бил и на функцијата национален продажен менаџер за Boss, Max Factor и Gucci, како и за компаниите „Проктер & Гембл“ и „Марс“ (за регионот на БиХ, Македонија и Албанија). Од 2017 година во сопствената фирма „Про конс“ активно се занимава со консалтинг за продажба и успешен пласман на стоки и услуги на FMCG-пазарот. Живее и работи во Сараево.

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...