Приходите на хрватските трговци со мешана стока во 2020 година изнесуваа нешто повеќе од 40 милијарди куни, што е за 306 милиони куни повеќе отколку во 2019 година, објави Агенцијата за заштита на пазарниот натпревар.
Од податоците е видливо дека пазарот оствари раст лани, во пандемиска година, но тој раст беше значително помал отколку во претходните години.
Лани, трговците на мало со храна, пијалаци и хигиенски производи, располагаа со 4.707 продажни места, што е за 14 продажни места повеќе отколку годината претходно. Од друга страна, вкупната нето продажна површина е намалена за 14.500 квадратни метри, или за еден отсто. Од 51 активен стопанственик во областа, кај 30 има пораст, а кај 21 има пад на приходите. Најголем номинален пораст на приходите има кај домашниот трговски синџир „Плодине“. Следуваат „Шпар“, „Лониа маркети“, „Лидл“ и „Студенац“.
Водечката позиција на малопродажниот пазар и натаму ја има „Конзум“ кој е во состав на групацијата „Фортенова“. пазарниот удел на „Конзум плус“, со 608 продажни места, изнесуваше 20 - 30 отсто и бележи благ пад во споредба со 2019 година. „Лидл“, главниот конкурент на „Конзум“, продолжи да расте, но со поспоро темпо од минатите години. лани постигна пазарен удел од 10 - 20 отсто.
Пазарното движење покажува благо намалување на концентрацијата, односно пад на пазарниот удел на водечките 10 трговци (од 83,4 на 82,7 отсто). Но, истовремено е зголемен уделот на првите пет трговци, па тие држат нешто помалку од две третини од вкупната малопродажба.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.