Освен плата, ESOP-програмите нудат сопственичка вклученост, со што ги охрабруваат вработените да инвестираат енергија и креативност во успехот на компанијата.
Пишува: Дејан Алексов, адвокат во „Алексов и Мемиши“, dejan@almelaw.com
Познато е дека кај нас програмите за „таложење удел“ на вработените речиси и не се користат поради законски ограничувања. Меѓутоа, дали навистина не постои опција да се користат вакви мотивирачки програми за вработените?
Што претставува ESOP и каде се користи?
ESOP (Employee Share Ownership Plan) е програма што им овозможува на вработените да стекнат сопственост во компанијата преку поседување дел од уделот. Ваквите програми создаваат поголема посветеност и мотивација, како и задржување на вработениот подолго во истата компанија.
ESOP-програмите особено се користат во стартап-светот бидејќи на почетокот стартапите немаат големи финансиски ресурси, а сепак мора да најдат начин да ги мотивираат и да ги задржат вработените. Освен плата, тие нудат сопственичка вклученост, со што ги охрабруваат вработените да инвестираат енергија и креативност во успехот на компанијата. Меѓутоа, овие програми се користат и во други индустрии, во кои платите се веќе конкурентни и високи. Преку ESOP, компаниите се издвојуваат на пазарот на труд.
Како функционира програмата?
Ваквите програми вообичаено траат околу 5 години. Во овој период вработениот постепено добива удел во компанијата.
Најчесто во првата година (cliff-период) вработениот воопшто не добива удел, но со истекот на годината тој одеднаш добива 25% од уделот што му следува. Наредните четири години (vesting-период) остатокот од 75% од уделот постепено пропорционално се „таложи“ на месечно ниво.
Компаниите вообичаено одвојуваат од 5 до 20% (option pull) од вкупниот удел што е наменет за вработените затоа што на тој начин, сепак, управувачкото мнозинство останува кај основачите, а вработените ќе имаат право да се стекнат со добивка или капитална добивка од продажбата на својот удел.
Најголемиот предизвик во домашното законодавство е сложената административна процедура при промени на уделот. Постапката бара заверки кај нотар, пријава до Централниот регистар и ангажирање адвокати. Овие постапки честопати се скапи и долготрајни, со што редовното ажурирање на уделот (месечно или квартално) станува речиси невозможно. Дополнително, честите промени бараат значителни ресурси и организација, што ги демотивира компаниите да ја применат оваа практика. Затоа, според локалните прописи, не можат да се спроведат класичните ESOP-програми.
Различни држави имаат различни видови програми, но најчесто се среќаваат следните:
Овој план често се користи во стартапи во рана или средна фаза. Вработените добиваат „phantom“ удели чија вредност зависи од пазарната процена на компанијата. Правото на удел вообичаено се реализира на крајот од истекот на vesting-период, или исплата се реализира при излез (exit) или друга важна финансиска трансакција.
Enterprise Management Incentive (EMI) е владино поддржан план за помали и средни компании во Обединетото Кралство, кои вработуваат поголем број луѓе со британско државјанство или престој. Преку EMI, фирмите можат даночно поволно да им понудат сопствеништво на вработените, со што ги мотивираат и ги задржуваат талентираните кадри.
STAK (Stichting Administratiekantoor Plan) се користи најчесто од холандските компании, но и од други европски фирми. Се формира доверителски субјект (stichting), кој им доделува потврди или „depository receipts“ (DRs) на вработените. На тој начин вработените имаат финансиски права и можност за профит, без да добијат формално право на одлучување.
Овој план е стандарден за американски компании со седиште во САД. На вработените им овозможува право да купат удел по однапред договорена цена или да го добијат како бесплатен грант. Ако вредноста на компанијата се зголеми, вработените остваруваат дополнителна финансиска корист.
Phantom-планот (понекогаш наречен „виртуелен план“) е ESOP-модел каде што вработените добиваат „phantom“ (виртуелни) удели во vesting-периодот наместо вистински удели.
Вработените добиваат право на уделот, кој ќе се таложи во периодот што е определен од фирмата. Кога периодот ќе помине, постапката за преносот на удел ќе се реализира само еднаш, односно на крајот од периодот, кога вработениот ќе го добие целосниот удел.
Компаниите можат да нудат ваква програма за сите работни позиции за кои сметаат дека треба да се дел од програмата. Во програмата и договорот се дефинирани условите за правото на доделување удел и времето на неговото регистрирање. Во ваков случај, договорите би биле регулирани од облигационото право, а понатаму договорот за пренос на удел од Законот за трговските друштва.
На тој начин компаниите избегнуваат сложени и скапи постапки при секоја промена на сопственоста, а сепак им овозможуваат на вработените финансиски бенефиции поврзани со порастот на вредноста на компанијата.
За адвокатската канцеларија
„Алексов и Мемиши“ обезбедува правна експертиза за бизниси, иновациски и технолошки проекти во сите фази на развој. Канцеларијата работи со компании од различни големини, почнувајќи од стартапи и инвеститори (бизнис-ангели и фондови на ризичен капитал) до добро етаблирани друштва. Клиентите работат во области како: развој на софтвер и иновации, дигитализација, образование, маркетинг и дизајн, транспорт и логистика итн. Услугите вклучуваат основање и регистрација на компании, инвестициски процедури и правни ревизии, издавање правни мислења, изработка на договори, работни односи и сите други правни аспекти што му се потребни на еден бизнис.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.