Македонија

Пазарен инспекторат: Компании увозници намерно имале шпекулативни цени на лимонот

24 Mar 2020

Контролите ќе потраат затоа што инспекторите споредуваат цени, но ќе има многу високи казни за трговците кои не ги спроведуваат мерките на Владата, најави Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат, на денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет.

На прашањето зошто лимоните уште имаат високи цени, тој одговори: највисоките цени се определени кај други трговски стоки, кај лимоните станува збор за највисока маржа. Таму каде има највисоки цени, во најголем број маркети цените се вратени на ниво од 11 март. Таму каде тоа не е случај, со наредба на Државниот пазарен инспекторат, цените се корегираат на рафтовите, во книговодството и во фискалниот апарат. Имаме информации дека и во овие два дена, во поодалечени населени места, има зголемување на цените на основните прехранбени артикли.

Пауновски нагласи дека тие трговци ќе важат казни по Законот за трговија, кои се повисоки - 8.000 евра за правно лице и 2.400 за одговорното лице.   

Што се однесува до лимоните, откако излезе одлуката за најголемата маржа што можат да ја применуваат за јужното овошје, се покажа дека во нашата држава имало одредени, 4-5 компании кои увезувале и еден дел од тие компании намерно имаат шпекулативни цени, артиклите не ги појавувале на пазарот со цел нивната цена да се зголеми. Контролите што ги правиме во моментов кај оние кои тргуваат со јужно овошје, посебно големите трговци, малку ќе потраат бидејќи мораме најпрво да им ги видиме залихите на лице место, што е тоа што го набавувале после 11 март за што добиваме  податоци и од Царината. После инспекторите  одат и во книговодството за да видиме колку им била маржата од 1.01 до 11.03. За сите артикли што ги набавиле пред 11.03. треба да ја вратат цената и маржата на ниво што ги пресметувале и до тогаш, рече директорот на Пазарниот инспекторат.  

Кај малите трговци, контролите се во тек.

Верувам дека лимоните ќе бидат поскапи, но не оние цени кои се денес, каде има разлика од по 50 отсто. Апелирам до сите граѓани да се јават на бројот 191 и ќе излеземе во пресрет одлуката за замрзнување на цените да се почитува. Имавме и јавувања дека по заминувуњето на инспекторите, некој повторно ја враќа повисоката цена. Таму ќе постапуваме согласно чл. 30 од Законот за трговија, при што таа стока можеме да ја одземеме во корист на државата, нагласи Пауновски. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...