Владата донесе одлука за ограничување на бруто-производната маржа на дел од основните прехранбени производи до 10 отсто и во трговијата на големо и во трговијата на мало.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во изјава за Instore истакна дека пред донесување, мерката била претставена пред Стопанската комора.
Министерството за економија и труд, пред да ја предложи мерката, оствари средба со Стопанската комора на Северна Македонија на која беше презентирана мерката, периодот во кој би се применувала, како и опсегот на производите што би биле опфатени. Секако дека контролите за нејзина примена ќе бидат засилени, истакна Дурмиши.
Во меѓувреме, на крајот од септември стапи во сила Законот за нефер трговски практики, но дел од трговците побараа измени и негово пролонгирање. Со овој закон се опфатени над 2.000 прехранбени производи.
Потрошувачите и трговците се во очекување какви ќе бидат ефектите од овој закон и дали ќе придонесе да се намалат неправилностите на пазарот.
Јованка Трајкова, комерцијална директорка во „Рептил“
Во нашата држава сите законски регулативи и рокови се со календарски рокови и завршни сметки со крајот на годината, а институциите кои ги воведуваат законите не ги применуваат тие рокови, што е голем проблем за стопанството. За времетраењето на усогласувањето на Законот ги посетивме организираните обуки со претставник од Министерството за економија, но останаа многу нејаснотии и нерешени прашања.
Коректно би било барем да добиевме одговори на сите нејаснотии и нелогичности што се наведени во Законот. Примената на Законот ќе ни го наруши планот за раст и развој, во кој се вклучени и зголемените трошоци за плати и живот, па со скратување на буџетот дали треба да ги намалиме и платите на вработените или ние што сме локални маркети треба да менуваме дејност?
Во секој случај, ние сме за примена на Законот, но да се реши со дополнителен правилник за повратот на стоката бидејќи со примената на Законот не е дозволен поврат на стока, да се реши начинот за спроведување на акциите, многу активности, потврди и документација за да се спроведе истата, а од акциите најмногу добива крајниот потрошувач. Сега со Законот ќе се намали бројот на акциите, а од друга страна се спроведува кампања на Владата за замрзнување на бруто-профитната маржа.
Замрзнувањето на маржите не е оправдано, а може дополнително да направат анализа Заводот за статистика и Министерството за економија и да се види од претходните две години во кои бевме под мерки колкава е загубата и дали воопшто се задоволни крајните потрошувачи – граѓаните.
Оваа мерка е за сите граѓани и е контрадикторна со просечната нето-плата во РС Македонија, која е 670 евра и која е поголема или иста со онаа на нашите соседи од поранешна Југославија, а тие не се толку многу увозно зависни држави како нашата. Владата треба да се грижи за вистинските социјално ранливи семејства, а не ние како трговци сега да ги покриваме направените трошоци од скапите годишни одмори, шопинг во Грција во секој неработен ден и празник, полни кафеани и скапи автомобили.
Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија
Секое мешање на политиката во загарантираното со Устав право за слободна трговија создава негативни последици кон индустријата и трговијата, како и спротивен ефект од посакуваниот. Пример, со воведувањето разни владини мерки со фиксирање цени, присилно намалување, како и ограничување маржи се стопира пазарната конкуренција и борбата за освојување на пазарот, кој е секогаш по принципот на намалување на цените на производите.
Ако делот од индустријата побара усогласување на Законот за нефер трговски практики, како и објаснување, а колку што видов и во Стопанската комора голем дел од целата индустрија и трговија го бара истото, тогаш Владата треба да прифати едно вакво барање и да изнајде начин заедно со Министерството за економија да го усогласи и објасни, за да биде лесно прифатено и спроведливо! Искрено, треба да се дообјаснaт и сменат некои одредби од Законот!
Генерално Законот за нефер трговски практики се носи со цел одредени дополнителни рабати, кои изнесувале над 10% досега, да се слеат како средства со кои одредени прехранбени индустрии би функционирале послободно, со што би се создала можност за некое намалување на цените за да имаат бенефит и граѓаните и компаниите, како и вработените во нив. Но, на крај ќе видиме!
Како што кажав и претходно: „Само што се создаде еден период без никакви мерки и почнаа срамежливо да функционираат пазарните услови и конкуренцијата, кои придонесуваат за намалување на цените во понудата и побарувачката, веднаш ги стопиравме тие услови.“ Секако дека директно негативно ќе влијаат врз компаниите, а по мерките индиректно и кон граѓаните. А ако на тоа се надоврзат и идните, зимски покачувања на цените на суровините и енергентите, тогаш несаканиот ефект ќе биде огромен!
Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија
Законот за нефер трговски практики ги укинува непотребните трошоци што маркетите им ги наметнале на нивните добавувачи.
Со укинувањето на овие трошоци логично е да дојде до намалување на цените на одредени производи и да се зголеми конкуренцијата. При создавањето на Законот имаше широк круг на консултации и повеќе различни институции го дадоа своето мислење и тие сугестии се вградени во Законот. Знаете, секогаш кога се воведува нешто ново постои отпор и страв од тие промени, тоа е нормално, но измена на Законот, а тој воопшто не стартувал, е контрапродуктивно и непотребно, и значи трошење ресурси и енергија на погрешни работи.
Најголеми придобивки од овој закон ќе имаат крајните потрошувачи - граѓаните бидејќи во формирањето на моменталните цени влегуваат и одредени трошоци кои и реално не постојат. Во Европската Унија постои истиот закон и доколку сакаме европски услови за живеење и работење, логично е да постои и кај нас. Поради непостоењето на овој закон, цените на производите се непотребно повисоки и многу често кога ги споредуваме со цените во маркетите во земјите на ЕУ, сфаќаме дека ненамерно ги мотивираме нашите граѓани да пазарат во некои маркети во соседството и сите, и компаниите, и државата, и граѓаните, имаме загуба од оваа појава.
Носењето две мерки за исто прашање може да предизвика конфузија и забуна. Според нас, најдобро е во овој момент да се фокусираме на Законот за нефер трговски практики бидејќи тој има поширок опфат и може да даде повеќе ефекти.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.