Македонија

78 насто

20 Apr 2023

 Пишува: Горан Теменугов, новинар  

Како ретко кога и како ретко за што, македонското општество се сплоти околу укинувањето на две одредби од Законот за плати на функционерите од страна на Уставниот суд. Со укинувањето на овие одредби, по автоматизам платите на сите именувани функционери во Македонија би се зголемиле за 78 насто. Интересно е што оваа вест ќе останеше под радарот да не реагираше претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој јавно се побуни дека е непримерно неговата плата во време на криза да порасне за речиси илјада евра или од 93.000 на 165.000 денари.

По реакцијата на претседателот, лавина од реакции. Кој стигна и каде стигна, се коментираше, секако најмногу негативно. Имаше и апологети на партиите од власта кои сакаа да објаснат дека нема да биде толку големо зголемувањето, но и дека платите на функционерите се толку многу ниски, па затоа биле корумпирани и ја краделе државата.

Владата уплашена од негативните реакции, 24 часа по обелоденувањето на информацијата најави дека нема да дозволи енормно да се зголемат платите. Нејзиниот став е дека зголемувањето нема да биде дури за 78%, а размислуваат како мерка да преземат намалување на коефициентите според кои се пресметува платата на именуваните и избрани функционери.

Сума сумарум, општ хаос околу ова прашање. Имаше и објаснувања дека целата вест не е точна бидејќи погрешно се земени параметрите за пресметка и дека реално покачувањето би било 17,8 насто.

Но, додека јавноста реагираше, а на реакциите се надоврзаа и опозициските партии за да ќарат некој поен кај граѓаните, никој не ја отвори темата што точно укина Уставниот суд. Кои одредби и кога е донесен Законот кој во себе имал противуставни елементи? Што се укинало и зошто?

За жал, како и сè во Македонија, и ова се претвори во дневнополитичка пресметка. Никој не загриза подлабоко за да дојде до мотивите за укинувањето на овие два члена.

Кога ќе се види соопштението на Уставниот суд, се гледа дека се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија донесен во 2010 година и изменет во 2014. Предметот по кој Уставниот суд се изјасни на 21.3.2023 година бил формиран лани, на 21.11.2022 година по иницијатива на адвокатот Бојан Стојевски. 

Значи, над една деценија сме имале противуставни делови на Законот и дури лани, некој адвокат, за кој немам информации кој е, се сетил да ги оспори одредбите и Уставниот суд за четири месеци ја донел одлуката. За многумина ова е исклучителна ажурност на судот. Сепак, никој не навлезе подлабоко во случајот и да го открие професионалното портфолио на адвокатот, кои му се клиентите, па да го праша зошто се загрижил за овие два члена од Законот, па ги оспорил. Едноставно, на јавноста да ѝ се даде поширока слика за целиот случај и да се направи обид да се открие мотивот на адвокатот.

Ако се откриеше мотивот, можеби ќе се намалеа шпекулациите дека Владата преку Уставниот суд сака на функционерите да им обезбеди повисоки плати, при што и самите уставни судии би се офајдиле. Бидејќи укинувањето на двете одредби значи повисоки плати и за нив.

За жал, како и сѐ во Македонија, и ова се претвори во дневнополитичка пресметка каде што главниот збор го имаат партиите и нивните поддржувачи на социјалните медиуми. Никој не загриза подлабоко за да дојде до мотивите за укинувањето на овие два члена. На крајот, може единствен мотив е противуставност и обидот на Уставен суд да исправи децениска грешка, со што ќе направи обид за враќање на владеењето на правото. Но, ова, до овој момент кога се пишува текстов, за жал, нема да го дознаеме. Ќе живееме во шумот на полувистини и донепроверени информации, што оди во корист само на политичките елити и групациите околу нив, кои се борат за останување или освојување на власта.

Затоа, во периодот до средината на наредната година, кога се очекуваат редовните парламентарни избори, треба да бидеме многу внимателни околу информациите што ќе ни се пласираат. Сериозно ќе треба да ги проверуваме бидејќи ќе има контрадикторни, па дури и невистинити, но ќе има и такви кои ќе бидат потиснувани само за да не предизвикаат негативно влијание за некоја од партиите. Затоа очи и ум широко отворени и да се проверуваат сите, ама баш сите информации.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...