Актуелно

Горан Теменугов: Збор е збор, но вистината е помила

21 Aug 2017
 
 
Реално, навистина реално, не можеше да се очекува драстично намалување на дефицитот со ребалансот. Но, длабоко верувам дека можеше да се намали оваа дупка за десетина милиони евра.

Пишува: Горан Теменугов, новинар

Ви реков. Вака, неизживеан човек ќе си даде на значење дека тоа што со години го пишувал, добило јавна потврда. Но, иако тастатурата милно ме повикуваше како што глисер повикува  архиепископ, нема да пишувам за 363 милиони евра скриен долг што Владата и општините ги имаат кон фирмите во држава. Иако тастатурата милно ме повикуваше како тендер, политичар, нема да пишувам за милионите евра потрошени од Буџетот за репрезентација или, народски кажано, за ручеци и за други ситни и покрупни задоволства на луѓето од минатата власт, кои беа на високи раководни функции. Иако тастатурата ме повикува како што СЈО кани член на ВМРО-ДПМНЕ, нема да пишувам за промашените траси на двата автопатишта и да се зезам дека во Охрид тресит земјотреси за да ја исправат делницата и да не се плаќаат дополнителни 100 милиони за поправка на утката што е направена пред неколку години. Тастатурата ме повикуваше и како што политиката го ангажираше граѓанскиот сектор за свои потреби, но нема да пишувам за лудата идеја прв човек на државната компанија за производство на електрична енергија во ЕЛЕМ да биде странец, кој експресно со одлука на Владата доби македонско државјанство. За ништо од овие „бомбончиња" нема да пишувам.        

Ќе пишувам за нешто подосадно. Веќе видено, веќе напишано. Иако си ветив дека до почетокот на септември нема многу да ја критикувам актуелнава власт, нели треба да ѝ се остават сто дена за да се снајде по 11 години во опозиција, сепак, мојата природа е посилна од мојот збор.

Реалноста вели дека намалувањето на јавниот долг за 0,3 отсто е математичка операција. Вратени се скапи кредити кон странство, со висока камата и на нивно место сме се задолжиле кај домашните кредитори со пониски камати. Добар потег, но не и суштински.

Ребалансот на буџетот за 2017 година ќе помине во Собранието. Ќе се прекрои државната каса. Се скратија по 47 милиони евра како на расходната, така и на приходната страна. Но, буџетскиот дефицит остана речиси ист. Односно се намали за скромни 650.000 евра.

Веројатно држат сите објаснувања на актуелната власт зошто ребаланост изгледа вака како што изгледа. Држи аргументот дека буџетот, со сите преземени обврски за годинава, го направи ВМРО-ДПМНЕ и дека многу е тешко нешто подрастично да се смени со ребалансот. Држат и аргументите дека треба да се најдат пари и за предизборните ветувања на СДСМ, како укинување на радиодифузната такса, евтина дневна тарифа за електрична енергија, за минимална плата од 12.000 денари и слично. Но, можеше СДСМ да ја прати клучната порака со ребалансот. А тоа дека ќе го намалува буџетскиот дефицит. Дека ќе ја намалува разликата од тоа што Владата планира да го собере преку даноци и давачки и тоа што испланирала да го потроши како резултат на својата политичка визија.

Прескромно е намалувањето за 650.000 евра на буџетската дупка. Или од 302,5 милиони евра се намали на 301,9 милиони. Ова значи дека и СДСМ, како претходно и ВМРО-ДПМНЕ, ќе мора да се позајмува за да може да ги финансира буџетските обврски. Ова за мене е лош старт. Реално, навистина реално, не можеше да се очекува драстично намалување на дефицитот со ребалансот. Но, длабоко верувам дека можеше да се намали оваа дупка за десетина милиони евра. Не дека тоа ќе сменеше многу, но ќе пратеше јасна и силна порака дека Владата на СДСМ ќе се стреми да владее со помалку задолжувања. Едноставно, јавниот долг кој во последниве девет години се дуплираше, може да се намалува само ако се намалува буџетскиот дефицит.

Од Министерството за финансии на ова мое писание ќе одговорат дека јавниот долг е намален за 0,3 отсто. Но, реалноста вели дека ова намалување е математичка операција. Вратени се скапи кредити кон странство, со висока камата и на нивно место сме се задолжиле кај домашните кредитори со пониски камати. Добар потег, но не и суштински. Мора на јавноста да ѝ се упати јасна порака. Порака која ќе ни го покаже патот по кој ќе одиме со економските политики со СДСМ. Вака, напорите остануваат бледи и мирисаат на политички потези, за ловење Гласови, а не на сериозни реформи кои ни се потребни. Но, ај, за да бидам барем малку во духот на моето ветување за стоте дена и докрај да не го погазам зборот, да ги оставиме да поработат.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...