Актуелно

Горан Теменугов: Упад во буџетот

16 Sep 2016
Пишува: Горан Теменугов, новинар

Поплавите во Скопско, Владата ги искористи за да достави до Собранието измени на Законот за буџети, со кој ѝ се дозволува на извршната власт, без гласање на Собранието, во кризни ситуации да пренамени пет отсто од парите во буџетот и да ги стави во постојаната буџетска резерва.

Нема да пишувам за вториот ребаланс што ни се случи летово. По првиот во јули, дваесетина дена подоцна – втор ребаланс. Причина – поплавите во Скопскиот Регион кои однесоа 23 животи. Требаше да се најдат околу 30 милиони евра за обесштетување, а во постојаната буџетска резерва имаше само 1,6 милиони. Нема да пишувам и за тоа дека една од најдобрите европски економии, според Владата, македонската, од странските амбасади побара помош од 6.000 кофи, 2.000 метли, 1.000 џогери, 5.000 пешкири, 1.400 чифта гумени ракавици, 6.300рала гумени чизми, 2.000 лопати, 100 копачи, 500 мотики, 50 клешти, 25 гребла, 1.000 мантили за дожд и 100 црева. Ова беше за да се справиме со полавите кои зафатија десетина села.

Нема да објаснувам дека буџетскиот дефицит во вториот ребаланс скокна на четири отсто од БДП и тоа се должи на фактот што Владата не сакаше да скрати ниту еден трошок, како панорамското тркало во Вардар, барокизацијата на модерниот Градски трговски центар итн...

Едноставно, се чувствувам како во песната на ЕКВ, дека уморот е длабоко во мене. Умор од тоа што никој не се загрижува за вакви бројки и за вакви теми. Едноставно, тоа е толку далечно од нашата свест, од нашето секојдневие, што веќе е излишно да се пишува за тоа. Прашањето е дали јас сум „забегал" мислејќи дека овие теми се важни или, едноставно, навистина не вреди за нив да се пишува.

Затоа интимно решив овој текст да биде весел. Разигран. Темата да биде како млада мома на росна ливада. Радување на животот кој би требало да биде бајка.

Но, нешто кога не сака, едноставно не сака. Токму кога човек ќе помисли дека видел сè во врска со тоа како може да се потрошат пари од буџетот, Владата ќе најде начин да изненади. Иако навистина не сакав, едноставно не можев да премолчам како пратениците ѝ дозволија на Владата сама да решава како да распредели и да потроши пет отсто од буџетот. Поплавите во Скопско, Владата ги искористи да достави до Собранието измени на Законот за буџети, со кој ѝ се дозволува на извршната власт, без гласање на Собранието, во кризни ситуации да пренамени пет отсто од парите во буџетот и да ги стави во постојаната буџетска резерва. Во бројки, ова значи дека 150 милиони евра Владата ќе може да ги распределува како ќе ги троши, без да добие одобрение во Собранието. Лошото во сето ова е што за прогласување кризна состојба решава Владата, поточно, за тоа не е потребна одлука на Собранието.

За ваквите измени, опозицијата во Собранието посочи дека ги уриваат основите на парламентарната демократија. Парламентарното мнозинство составено од двоецот ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, пак, лаконски одговори дека откако ќе се потрошат парите, Собранието ќе може да побара отчет и да утврди за што се потрошени. А како ќе утврди, тоа веќе е друго прашање. Во измените на Законот за буџети, кој се состои само од неколку члена, никаде не се споменува отчетност и начин на контрола на парите што ќе се префрлат во постојаната буџетската резерва.

Буџетската резерва може да се најде во буџетот, како и во завршната сметка на буџетот. Но, никаде нема да има објаснување за што точно се потрошени парите. Само колку се дадени и колку реализарани. Дали завршиле за обесштетување, дали за ангажирање луѓе, дали за награди на полициајци, војници, админитративци, волонтери... тоа ќе остане мистерија.

Така што, на пратениците ќе им треба длабоко копање по документацијата на извршната власт за што и како ги трошела парите. Но, не само на пратениците. Каде во сево ова е буџетската транспарентност? Можноста на увид на јавноста да види дали парите се дадени на луѓето на кои навистина им биле потребни или некој ги искористил да награди некого, заслужено или незаслужено. Овие измени оставаат простор за многу сомнежи. За жал, најверојатно ќе се чека некој иден извештај на Државниот ревизор за работењето на Владата, па да се открие каде ќе завршат парите. А, 150 милиони евра не се малку пари...



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...