Актуелно

Мирче Јовановски: (Не)успешни економии

17 Sep 2015
 
Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"
 
Статистичките податоци за БДП и за извозот не се доволни. Економија што не работи за најголемиот број граѓани е погрешна (пропадната), смета познатиот економист и нобеловец, Јозеф Штиглиц.

Колку некоја економија е успешна не зависи само од статистичките податоци за зголемување на домашниот бруто-производ, туку и од тоа дали повеќето луѓе ги чувствуваат ефектите од таквиот пораст. Секојдневно сме сведоци на презентирање бројки со кои се докажува прогресот во економијата, порастот на индустриското производство, зголемување на странските и на домашните инвестиции, нивното влијание врз извозот, вработеноста... Исто така, великодушно пред избори (но не само тогаш) се зголемуваат платите на администрацијата или пензиите, што, според многумина, е без соодветно покритие во економијата.

Оваа слика, би рекле, не е само македонска специфика, па дури ни само балканска практика.  Проблематично е кога информациите, случајно или намерно, се селектираат. На пример, задржан е кредитниот рејтинг, што во услови на економска криза во светот и на домашната политичка криза е за пофалба. Но, истовремено се прескокнува негативната прогноза за иднина, што всушност е дел од истиот извештај на кредитните агенции.

Деновиве, познатиот економист и нобеловец Јозеф Штиглиц изјави дека економија што не работи за најголемиот број граѓани е погрешна (пропадната) економија. Тој ги анализира состојбите во американското општество, но многу констатации може да се пресликаат и на балканските состојби.

Во интервју за американскиот блог „Гаукер", Штиглиц вели дека нееднаквоста во САД е влошена и покрај некои чекори кои биле преземени, како зголемувањето на минималната плата. Речиси целото зголемување на приходите од 2009 до 2012 година оди кај еден процент од населението. Деведесет и еден отсто од зголемувањето. Веројатно најнееднаквиот пораст што сме го имале, констатира овој угледен економист.

Во Македонија, ако се земе предвид Џини-индексот, нееднаквоста е меѓу најголемите во Европа. Иако нема валидни податоци за последните две-три години, според релевантни економисти, состојбата не се подобрува, туку - напротив. Тоа значи дека најголемата корист од порастот не го чувствуваат поголемиот, туку мал дел од популацијата.

Универзитетскиот професор Драган Тевдовски, еден од економските стратези на опозицијата, смета дека пазарот не е основната причина за зголемување на нееднаквостите. Но, и дека постојниот даночен систем и социјалните трансфери не влијаат на намалување на нееднаквоста во доходот во македонското општество. Во неговата неодамна објавена колумна, тој предлага напуштање на сегашната практика на рамен данок и поправилна распределба на социјалните трансфери.

Многу економисти блиски до владејачката партија го сметаат токму нискиот рамен данок за еден од клучните за привлекување странски директни инвестиции и отворање на фабриките во слободните економски зони, кои сега генерираат една третина од македонскиот извоз. Прашање за дискусија е дури и да дојде до промена на власта на парламентарни избори во април наредната година, колку ќе се има смелост да се посегне по поголеми реформи во оваа област, ако тоа значи затворање на постојните капацитети во економските зони, губење работни места и намалување на извозот.

Од друга страна, и социјалното раслојување со себе носи големи ризици. Koја е црвената линија или, како што го нарекува Штиглиц, „корозивниот ефект" врз демократијата и функционирањето на општеството? Овие гранични точки секако не можат да бидат исти за една земја во која демократијата е влезена во секоја пора на општеството и каде се водат широки дебати за сите проблеми, со држави како што се балканските, каде обично власта си зема право да ја толкува вистината.

Истото важи и за излезните решенија. Но, вреди да се размисли за еден негов предлог. А, тој се состои, отприлика, во следново – како што ја нарекува „предаторската" политика на финансискиот сектор да се замени со одобрување кредити на фирми за нови бизниси. За такво нешто не треба голем напор дури и кај нас.

Сигурно дека ваквото пренасочување во догледно време би дало многу поголеми ефекти отколку гасењето пожар со социјални мерки. Работата е само што кај нас, не толку финансискиот сектор, туку политичарите имаат „предаторски" навики, од кои последиците ги чувствуваат сите. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...