Марина Хадровиќ има 20-годишно искуство во бизнисот, продажбата и маркетингот во рамките на индустријата за широка потрошувачка и веќе дванаесет години е дел од компанијата „Монделез интернешнл.“ По завршувањето на дипломските студии, својата кариера ја започнала во „Орбико“, а во 2012 година доаѓа во „Монделез интернешнл“ (тогашен „Крафт фудс интернешнл). Во 2022 година е именувана за генерална директорка за регионот Адрија и Бугарија, каде што е одговорна за растот, работата и успешното раководење на тимот кој е задолжен за спроведување на локалните стратегии за развој. Пред да биде именувана за генерална директорка, Хадровиќ била директорка на одделот „Еуропеан бизнис јунит“ на „Монделез интернешнл“ со седиште во Цирих.
Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs
Пред точно две години ја презедовте позицијата на генерална директорка за регионот Адрија и за пазарот во Бугарија. Како компанија, но и лично, кои се најголемите предизвици со кои се соочивте во овој период?
Живееме во динамично и предизвикувачко време, кое се одликува со и натаму високата инфлација, многубројни економски и гео-политички предизвици кои несомнено влијаат врз целиот синџир на снабдување и во прехранбената индустрија. Исто така, моментално се соочуваме и со историски пораст на цените на некои од основите состојки на нашите производи, како што е какаото. Во таквите работни услови, во кои ние како поединци или организации не можеме да влијаеме, моќта и отпорноста на компаниите се огледуваат во брзината на приспособување и во способноста преку адекватна понуда на производи и пристап во маркетингот и продажбата да ги усогласиме барањата и потребите на денешните потрошувачи со нашата стратешка определба за континуиран пораст. Не е лесно, но „Монделез“ има луѓе кои се посветени, искусни, оптимисти и брендови кои потрошувачите ги сакаат.
Лично, наместо предизвици, во изминатите две години преовладуваше чувство на исполнетост поради повторното поврзување на домашната деловна заедница и работата на „домашен“ терен. Имам неверојатна желба да покажам колку бизнисот на нашите простори може да биде добро и квалитетно одработен и колку е можно адекватно да се одговори на сите предизвици затоа што дејствуваме и работиме заокружено – партнерски, почнувајќи од купувачите, соработниците и партнерите, па сѐ до потрошувачите. Пред сѐ, нашите производи се квалитет, емоција и вкус. Затоа сакаме да бидеме избор за консумирање во домовите во нашиот регион, но и кога сме надвор или во движење.
„Монделез“ има луѓе кои се посветени, искусни, оптимисти и брендови кои потрошувачите ги сакаат.
Како неповолните економски услови, воените судири, намалената куповна моќ... влијаат врз Вашите планови за натамошен развој на компанијата и дали има место за оптимизам?
Од една страна, предизвиците со кои се соочуваме влијаат врз донесувањето на некои одлуки кои не се популарни, но се неопходни за да можеме долгорочно да оствариме одржливи резултати. Во исто време, тие можат да претставуваат дополнителна можност за иновации и унапредување на нашата оперативност и активности. Особено во денешните услови, сметам дека кога зборуваме за развојот и активностите на големите брендови, неопходно е да размислуваме надвор од зададените рамки, да вложиме дополнителен напор за да ги пронајдеме заедничките нишки и дополнително да им се доближиме на потрошувачите.
Фактот е дека кондиторската индустрија на просторите на поранешна Југославија, особено во Србија и Хрватска, е многу развиена, па какви резултати оствари компанијата на овие пазари и дали сте задоволни?
Во првото тримесечје од годинава на глобално ниво остваривме добри резултати. Исто така, добри резултати се забележани и во Централна и Јужна Европа, каде што припаѓаат регионот Адриа и Бугарија, особено во категориите печива и бисквити. Добриот почеток на годината, кој судејќи според изгледите се прелива и во вториот квартал, ја покажува нашата цврста определеност и стратегиски пристап пркосејќи им на предизвиците да бидеме глобален лидер во „снекинг“ индустријата и да обезбедиме долгорочен одржлив раст. И покрај инфлацијата, потрошувачите и понатаму ги одбираат нашите производи, со тоа нашата задача е да продолжиме да нудиме дополнителна вредност.
Како Вашите брендови котираат кај потрошувачите на овие пазари, кој е водечки бренд на секој од овие пазари и според Вас, зошто е така?
Во нашето портфолио се глобалните брендови Milka, Toblerone, Oreo, 7days, кои се сакани од потрошувачите не само на овие простори. Нивната сила е во тоа што успешно се комбинираат елементите како препознатливост и доверба на потрошувачите кои уживаат, широките дистрибутивни канали, како и можностите за дополнително инвестирање и иновации во развојот на производите, амбалажата итн. Секако, од локалниот тим зависи како големите глобални брендови ќе им се приближат на домашните потрошувачи и како ќе се искористат специфичностите кога се во прашање нивните навики во исхраната и преференциите кон производите. На сите пазари имаме барем еден бренд кој е лидер во сегментот во кој се натпреваруваме, а во истражувањето спроведено меѓу генерацијата Z, Milka и Oreo минатата година беа прогласени за најкул брендови во Хрватска во категоријата чоколада и бисквити.
Вашето доаѓање на сегашната функција се поклопи со годишнината на компанијата кога се претстави програмата за нејзиниот иден развој, под името „Визија 2030“. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа и како се одвива нејзиното спроведување на пазарите каде што Вие раководите?
„Визија 2030“ претставува наша одлучност да обезбедиме долгорочен пораст на основниот бизнис, посветеност во новите инвестиции и унапредување на одржливиот развој. Сето тоа за да се позиционираме како компанија која ја предводи иднината на индустријата во која работиме. Во регионот Адриа и во Бугарија имаме јаки глобални и локални брендови, сјајни тимови и ја негуваме културата на различност и долгорочно креираме додадена вредност за луѓето и заедниците каде што работиме. Покрај тоа, со засилувањето на локалниот пристап и тимовите во насока за развој и имплементација на плановите под закрила на глобалната стратегија сме на добар пат да придонесеме кон „Визијата 2030“ и со тоа 90% од приходите да биде генериран преку нашите основни категории – чоколада, бисквити и печива. Работиме на многу локални иницијативи во сите сегменти на работењето, од одржливост до кампањи за нашите брендови, а со тоа ќе биде уште подобро во период кој е пред нас.
Глобално и кај нас тенденција е луѓето сѐ повеќе да посветуваат внимание на своето здравје и што јадат, а Вие се обидувате да им излезете во пресрет на нивните потреби трудејќи се да им обезбедите „вистинска грицка, за вистински момент, направена на вистински начин“. Објаснете ни што се подразбира под оваа тенденција и мисија?
Во светот сѐ повеќе е во пораст ужината или снекот во кој уживате во вкусните залаци помеѓу класичните оброци. Затоа ние во компанијата „Монделез интернешнл“ настојуваме на потрошувачите да им обезбедиме вистински снек, за вистински момент, направен на вистински начин. Тоа подразбира дека имаме широк асортиман на висококвалитетни и вкусни производи кои можете да ги консумирате во различни пригоди, во моменти кога ќе го посакате тоа и кои се направени од одржливо одгледувани состојки. Многу сме посветени на тоа нашите производи да бидат направени на економски, еколошки и општествено одржлив начин, а начелата на одржливост ги почитуваме во целиот производствен процес, од набавка на суровините и ефикасно и обновливо користење на природните ресурси, па сѐ до заштита на човековите права и промовирање на сигурноста на работното место.
Секоја година го претставуваме извештајот „Стејт оф снакинг“, глобална студија за потрошувачките трендови која на годишно ниво дава увид во тоа на кој начин потрошувачите донесуваат одлуки за ужина. Што покажуваат најновите податоци?
Нашиот петгодишен извештај „Стејт оф снакинг“ покажува дека и покрај глобалната економска неизвесност, многу динамичното опкружување и покрај менувањето на потрошувачките навики, ужината останува омилена во исхраната на речиси 90% од потрошувачите кои секојдневно уживаат во неа. Студијата ни покажа дека се дава сѐ поголемо значењето на контролата на порцијата, затоа што речиси 70% од потрошувачите рекле дека бараат снек-производи кои имаат контрола на порцијата. На глобално ниво, потрошувачите избираат брендови кои се во согласност со нивните вредности со сѐ поголем акцент на производите направени на одржлив начин. Студиите од овој тип ни овозможуваат да ги разбереме промените во однесувањето на потрошувачите во поширок контекст, а истовремено и да ги истражиме потенцијалите за развој на нашата индустрија.
Предизвиците со кои се соочуваме влијаат врз донесувањето на некои одлуки кои не се популарни, но се неопходни за да можеме долгорочно да оствариме одржливи резултати.
Колкаво внимание посветувате на одржливото работење и во што може да се види тоа?
Нашата компанија ѝ дава приоритет на одржливоста во областите во кои има најголемо влијание, а тоа е одржливиот развој во некои од основните состојки што ги користиме за нашите производи, како што се какаото и пченицата. Горди сме што 99% од пченицата за потребите за производство за нашите бисквити во Европа ја одгледуваме во рамките на нашата програма „Хармони“, за одржливо одгледување пченица. Напредокот во остварените цели во областите за одржливост секоја година го прикажуваме во нашиот извештај „Снакинг мејд рајт“, а некои од последните резултати се намалување на емисиите на гасови и ефектот на стаклена градина за 3,7% во целиот синџир, како и намалување на расипувањето на храната во дистрибуцијата за 70%.
Локално, настојуваме да придонесеме во оние области на општеството кои се најважни. Животната средина е една од тие области и затоа заедно со нашите вработени и партнерите минатата година покренавме акција за садење нови листопадни и зимзелени дрвја во Србија, Хрватска и Црна Гора. Оваа година на пазарот во БиХ, со нашиот дистрибутер „Нелт група“, покренавме акција насочена кон заштитата и зачувувањето на биодиверзитетот во која ќе бидат посадени 10 медоносни садници и нови медоносни градини.
Како ја гледате глобалната индустријата на слатки и солени производи, а и во земјите каде што сте задолжени. Во која насока ќе продолжите да се развивате и какви се плановите на компанијата за натамошен развој на пазарите во кои раководите?
Според истражувањата на „Ниелсен IQ“, на глобално ниво снакинг индустријата во последните години бележи значителен раст за кој сметам дека генерално ќе се задржи во следниот период. Овој тренд е поттикнат од сѐ поголемата урбанизација на подрачјата, брзиот начин на живот, како и сѐ поголемата побарувачка за практични и брзи опции на храна што се консумира во движење. Сето тоа придонесува нашата индустрија да продолжи да се развива во насока на користење нови технологии во производството и пакувањето, ставајќи уште поголем фокус на одржливи решенија и еколошки посакувани практики во целиот синџир на снабдување, развој на производите кои го задоволуваат побарувањето на разновидни и иновативни вкусови, како и понуда на персонализирани производи и искуства кои на брендовите ќе им овозможат уште поголема емотивна поврзаност со своите потрошувачи. Кога е во прашање нашиот регион, точно е дека во вкусовите преовладува традиционалноста, но сѐ почеста е подготвеноста за иновации, акцентот на локалниот карактер, транспарентноста во производството, како и примената на еколошки прифатливи амбалажни решенија. Нашите планови ќе бидат насочени на континуирано следење и приспособување на актуелните услови во работењето и движењето на трендовите, како и на засилувањето на локалните стратегии со кои ќе го осигуриме натамошниот раст на нашите категории во овој регион.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.