Актуелно

Горан Теменугов: Земја на пропуштени можности

11 May 2021

Ако во буре со вино ставите чаша оцет, ќе добиете буре со оцет. Ако во буре со оцет ставите чаша вино, ќе добиете буре со оцет.

Шопенхауеров закон за ентропија (Марфиеви закони)

Автор: Горан Теменугов, новинар

Македонската реалност е како жив песок. Секој што сака нешто да смени, да разбранува, секоја нова идеја која отстапува од сивата реалност, секое помрднување е причина за тонење. Затоа, веќе со децении сè е мирно. Сè е неподвижно за да не се потоне и затоа сè повеќе и повеќе општеството ни пропаѓа. Веќе може да се зборува за целосно нефункционален систем кој полека атрофира. Државата не може да ги испорача основните услуги за граѓаните, партиите воопшто немаат визија како да ја уредат државата и ја користат само за остварување партиски и бизнис-цели, а граѓаните се разочарани, без перспектива, без верба во подобра иднина. Едноставно, апатија.

Случајот со разрешувањето на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, кој одби да спроведе владина одлука и да преземе 35 лица од над 1.400 вработени во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кои не одеа на работа, а земаа плата, отвори една стара рана.

За мене, најголем проблем е во тоа што политиката, во овој случај самиот врв на владината коалиција не увиде можност да вдахне нов наратив, нова енергија, нов поглед во нашата сива реалност.

Пауновски сметаше дека негативно ќе влијае врз Инспекторатот ако 23 лица, за 12 лица со соодветно образование тој рече дека ќе ги вработи, доаѓаат на работа, а за нив нема соодветна потреба, односно повторно ништо не работат.

Мораше да се најде друго решение. Така ќе се испратеше силна порака дека политиката не е само за задоволување на тесно партиските интереси и договори, туку дека се бараат решенија како да функционираат институциите.

Ваквиот став, јавно во последниве 26 години колку што сум новинар, ретко, скоро никогаш не сум го сретнал кај други директори на јавни институции. И зошто е ова толку различно и важно? И зошто СДСМ и ДУИ, партиите на власт, требаа да најдат решение и да го остават на неговата позиција Пауновски и да најдат друго решение за 23 вработени?

Одговорот е затоа што функционирањето на државните институции, со исклучок на некои, е сосема изместено од нормалното. За тоа вина имаат, секако, децениските партиски вработувања, кои ескалираа во последнава деценија. А токму овие вработувања го создаваат синдромот кој владее во администрацијата, а тој е: Не можеш толку малку да ме платиш колку што можам малку да работам. Партиските вработени ако се од власта, не работат, оти партијата ги штити. Опозициските никој не ги тера да работат бидејќи, нели, не се од доверба. Затоа, ’рбетот на работниците се оние што не припаѓаат на ниту еден табор, туку на професијата. Е на таквите кога ќе им донесеш во близина некој што зема плата, а не работи, се јавува револт.

Ако Пауновски успеал да го реформира, да го „стегне“ Инспекторатот и наместо административци, да има далеку повеќе инспектори на терен кои напорно работат, значи успеал да наметне друг наратив.

Затоа мораше да се најде друго решение. Така ќе се испратеше силна порака до сите дека политиката не е само за задоволување на тесно партиските интереси и договори, туку дека се бараат решенија како да функционираат институциите. Да, и точно е дека тие 23 лица и така земале и досега плата, но има разлика дали некој што работи ќе ги гледа како доаѓаат на работа, а не работат. Моралот и работната етика во таа институција со текот на времето ќе паѓаат. Е па затоа, Македонија – жив песок.

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...