Истражувањето ги разгледува ефектите што коронавирусот ги има врз индустријата за пакувана храна и врз глобалните синџири на снабдување, како и трендовите во индустријата кои ќе останат и по пандемијата.
Извор: „Еуромонитор интернационал“
Појавата на коронавирусот влијаеше врз голем број индустрии, од кои некои се најдоа во целосен застој. Сепак, индустријата за пакувана храна е една од малобројните што забележаа зголемена побарувачка како директна последица од пандемијата.
Иако целосното влијание од глобалната здравствена криза допрва ќе се почувствува, ограничувањето на движењето и затворањето на сервисите за храна резултираа со зголемување на купувањето, па дури и трупање резерви. Со проширувањето на коронавирусот се случија и значајни промени во тоа што, кога и како се купува.
Истражувањето ги разгледува ефектите што коронавирусот ги има врз индустријата за пакувана храна и врз глобалните синџири на снабдување, како и трендовите во индустријата кои се очекува дека ќе останат и по пандемијата.
Четири клучни промени на животниот стил на потрошувачите
Превентивно здравје. Од почетокот на кризата со вирусот, освен зголемената побарувачка на производи за дезинфекција на рацете и маски, се бараат и различни суплементи и производи за зајакнување на имунитетот.
Промена на каналот за купување. Работата на рестораните, услугите за брза храна и меѓународните патувања беа запрени во многу земји, што влијаеше врз начинот на кој потрошувачите комуницираат и живеат. Дел од градовите постепено почнаа да ги укинуваат ограничувањата.
Правење резерви. Продажбата на основните производи е зголемена и во онлајн и во офлајн-каналот на продажба. Зголемената побарувачка на овие производи, во комбинација со проблемите што настанаа во снабдувањето, го ограничи купувањето на одредени производи (од еден до три) во одредени земји.
Домашна изолација. Професионалниот и приватниот простор се соединија, претворајќи го виртуелниот живот во нова реалност за голем број потрошувачи. Традиционално, овој начин на живот е многу поблизок до помладите генерации, но пандемијата ги принуди и другите да се потпрат на технологиите во секојдневните рутини.
Тешката економска ситуација негативно ќе се одрази врз сервисите за храна бидејќи и кога сите ресторани ќе бидат отворени, потрошувачите ќе продолжат да јадат дома за да ги намалат трошоците.
Влијанието на кризата врз индустријата: јадењето дома е нова нормалност
Со затворањето на рестораните и другите оператори со храна домашните кулинарски вештини и достапноста на состојките станаа главни фактори во обликувањето на оброците и тоа што го консумираат потрошувачите. Доставата на храна и различните апликации за испорака остануваат отворени, но поради несигурноста за тоа како вирусот може да се пренесе, потрошувачот е фокусиран на безбедноста и хигиената на операторите што ја подготвуваат нарачаната храна. Тој начин на размислување, во комбинација со глобалниот пресврт кон јадење дома, дејствуваше како катализатор за потрошувачите да ги подготвуваат оброците колку што е можно посамостојно.
Според истражувањето од 2020 година за животниот стил на луѓето, 24% од младите луѓе не веруваат во сопствените кулинарски вештини и користат (полу)готови оброци. Сепак, затворањето на рестораните и карантинот поттикнаа голем број од луѓето да станат готвачи и да го прифатат готвењето во домашни услови.
На краток рок, тестенините и конзервираната храна беа некои од најпродаваните производи и онлајн и офлајн. Подолгорочно гледано, Ковид-19 треба да ги охрабри потрошувачите повеќе да се грижат за сопственото здравје и да вклучуваат повеќе хранливи материи во исхраната. Производите со здравствени придобивки, како што се јогуртите за зајакнување на имунитетот, веќе станаа многу популарни во Јапонија. Сепак, и финансиската неизвесност исто така има големо влијание – потрошувачите ќе го намалат купувањето на премиум производи и ќе се преориентираат кон приватните трговски марки.
Влијанието на кризата врз грицкањето: грицките се заменуваат со традиционални оброци
Во зависност од тоа колку ќе трае карантинскиот период, ќе зависат и последиците на трендот „снекификација“. Ова е период на подем на традиционалните термини за оброци – во секојдневната рутина на луѓето, консумацијата во движење (или на работа) и потрошувачката на грицки се заменети со традиционалните оброци.
Ако погледнеме малку подалеку нанапред, тешката економска ситуација негативно ќе се одрази врз сервисите за храна бидејќи и кога сите ресторани ќе бидат отворени, потрошувачите ќе продолжат да јадат дома за да ги намалат трошоците. Во тој контекст, готовата храна и основните продукти се подобро позиционирани од грицките. Сепак, грицките не би требало нужно да претрпат тешки последици во текот на рецесијата. Како што се покажа и во текот на глобалната финансиска криза во 2008 година, малите грицкави задоволства и понатаму може да опстанат и да напредуваат и покрај економската нестабилност. На луѓето им се потребни тие мали работи за да ја намалат депресијата предизвикана од егзистенцијалниот и стеснетиот простор.
Влијанието на кризата врз синџирите на снабдување: локалното добива важност
Иако прехранбената индустрија е клучна за време на пандемијата, Ковид-19 дополнително ги истакна слабостите и тешкотиите во постојните синџири на снабдување на глобално ниво. Одржувањето на достапноста на производите стана исклучително тешко во услови на ограничена работна сила (поради инфекција или карантин), затворање на границите и, генерално, поради зголемената побарувачка за храна. Како резултат на тоа, некои трговци ги рационализираа резервите.
Британските бизнис-здруженија предупредија дека ограничените патувања и потенцијалните инфекции може да предизвикаат недостиг од 80.000 земјоделски работници. Франција предвидува недостиг од околу 200.000 земјоделци на врвот на сезоната за берба. И производителите од други земји изразуваат загриженост. Владите беа принудени да прават исклучоци и одредени бизниси беа ослободени од затворање за да избегнат понатамошни компликации. На пример, во Германија мораше да биде укинато стриктното затворање на границите со цел да се обезбеди поголема слобода на движење на работниците.
Веројатно синџирите за снабдување со храна во иднина значително ќе се променат, а локалното потекло ќе има сè позначајно место. Ковид-19 под знак прашалник ја стави „потребата“ за производи од целиот свет и покажа колку различните пазари се меѓусебно поврзани и ранливи.
Е-трговија
Од аспект на продажните канали, е-трговијата доживеа голем бум, со огромно зголемување на побарувачката. Владите го охрабрија овој начин на купување и потрошувачите го искористија за да се снабдат со потребните производи, истовремено одржувајќи социјална дистанца. Овој пораст значи дека на многу пазари побарувачката била значително поголема од понудата. Во период на кризата, голем број од луѓето првпат користеле е-трговија, што им овозможува на давателите на овие услуги да ги зголемат корисничките бази. Од друга страна, искуството може да биде фрустрирачко за купувачите што не биле во можност да се регистрираат, да организираат време на испорака или се соочиле со преоптоварени сервисери.
Иднина на пакуваната храна: што да очекуваме?
Краткорочни ефекти (први два квартала од 2020 година). Затворањето на сервисите за храна доведе до враќање на ритуалот на јадење дома и до зголемено купување на речиси сите малопродажни производи. Онлајн-купувањето ќе стане сè повообичаено. Синџирите за снабдување се на удар бидејќи границите се затворени, а работната сила е редуцирана поради инфекции, самоизолација и ограничување на патувањата. Голем број земји предупредуваат и на недостиг од земјоделски работници, и домашни и странски.
Среднорочни ефекти (до 2021 година). Порастот на купувањето прехранбени производи преку интернет ќе продолжи, со оглед дека мерката социјална дистанца ќе остане како препорака. Дури и кога ќе се отворат сите сервиси за храна, јадењето дома веројатно ќе остане до одреден степен, како резултат на финансиската несигурност. Купувањето прехранбени производи за подготовка на оброци и готова храна за консумација дома ќе останат приоритет.
Долгорочни ефекти (по 2021 година). Во постковид-периодот ќе бидеме соочени со намалена потрошувачка, а изборот на храна ќе биде според буџетските можности. Тоа во најголема мера ќе им биде од корист на дисконтерите. Потрошувачите ќе трошат помалку пари на јадење надвор од домот, дури и кога сите сервисери за храна ќе почнат со работа. Преминот кон онлајн-купување неминовно ќе се забрза.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.