Анализи

ИГД: Експанзија од иновации

29 May 2019

Инвестирањето во приватните трговски марки продолжува да го зголемува темпото на европскиот малопродажен пазар

Автор: Џон Рајт, раководител за малопродажна анализа за Европа, Средниот Исток и Африка, ИГД

Развојот на трговските брендови е на различни нивоа и ги опфаќа основниот, премиум, органскиот и етичкиот асортиман. Фокусирајќи се на иновациите како еден од начините за диференцијација на малопродажните трговци во оваа област на пазарот, ви прикажуваме седум извонредни активности.

  1. Ирска: „Центра“ на „Мусгрејв“ се фокусира на здравствените потреби на купувачите

За да го засили силниот пораст од 2018 година, кога забележа зголемување на продажбата за 3,6 отсто, форматот „Центра“, во сопственост на „Мусгрејв“, сè повеќе се фокусира на премиум асортиманот Inspired by.

Продажбата на трговскиот бренд, кој беше лансиран во август 2018 година, досега изнесува 6,3 милиони евра, а трендот на пораст продолжува и годинава.

Трговската марка Inspired by ги таргетира купувачите што се во потрага по здрави производи во к-продавниците (C-store, convenience store). Обезбедувањето поздрав избор стана суштински елемент на асортиманот на „Центра“, а Inspired by ги рефлектира потребите на ирскиот потрошувач, кој станува сè посвесен за здравјето и покажува зголемен интерес за премиум производите.

  1. Велика Британија: „Теско“ го воведе Jack's во новиот формат

Во септември минатата година „Теско“ ја претстави приватната трговска марка Jack's, која е достапна само во новиот истоимен дисконтен формат.

Во првата продавница „Џекс“ трговскиот бренд сочинува околу 70% од 2.600 SKU, од кои сите се приватни марки. Асортиманот е развиен во партнерство со 350 доставувачи на „Теско“ и вклучува голем број иновативни производи, а е поставен со спецификација за квалитет на ниво на трговскиот бренд Exclusively at Tesco.

Развиен како одговор на промената на однесувањето на купувачите, „Џекс“ е компактен супермаркет со ограничен асортиман и е дизајниран да понуди едноставно купување. Со силен фокус на вредноста, новиот дисконтен формат им вети на купувачите дека ќе биде најевтиниот во градот Чатерис, Кембриџшир, со квалитетна предност пред конкурентите.

  1. Шведска: „Кооп“ повторно го лансира органскиот Änglamark

„Кооп“ – Шведска го релансира асортиманот на органската приватна марка Änglamark.

Асортиманот е збогатен со нови производи, кои се достапни во сите 650 продажни објекти и преку интернет. Повторното лансирање на Änglamark овозможи проширен избор, иновативни производи и подобро етикетирање, а има цел на купувачите да им обезбеди полесно и подобро да го негуваат одржливиот начин на живот.

Како резултат на зголемената ангажираност на индустриите и потрошувачите во сегментот органска храна, овој вид храна станува сè поприсутна на малопродажната сцена. Со појавата и експанзијата на мноштво органски приватни марки, брендови и категории, пазарот станува сè покомплексен и поконкурентен. Западна Европа е вториот по големина органски пазар на глобално ниво, по Северна Америка, со голема побарувачка за специфична, здрава и „транспарентна“ храна, која ќе има помало влијание врз животната средина.

  1. Норвешка: „Рема 1000“ на етикетите додава „често добро по“

Во Норвешка, дисконтерот „Рема 1000“ додава „често добро по“ (often good after) на етикетите со „најдобро до“ (best before) на своите приватни трговски марки.

Новиот начин на означување ги опфаќа конзервираната храна, јајцата, млечните производи и сувата храна, а целта на овој потег е да го намали нивото на отпад од храна во земјата.

Ова следува по успешниот експеримент што трговецот го направи со додавање на „често добро по“ на јајца од неговата приватна марка.

  1. Холандија: Експанзија на La Place на „Џамбо“

Во Холандија, „Џамбо“ воведе нови производи во портфолиото на La Place по повод десеттиот јубилеј на приватната трговска марка.

Трговецот го купи прехранбениот бренд во 2016 година, а ексклузивно ги продава производите од 2017 година. Експанзијата на приватниот бренд на „Џамбо“ сега вклучува околу 9.000 производи.

  1. Белгија: „Карфур“ ја проширува палетата со ознака Fairtrade

Промовирани за време на „Фертрејд вик 2018“ (од 27 октомври до 4 ноември), „Карфур“ воведе нови органски производи со ознака Fairtrade, со што вкупниот број на производи со ознаката за фер трговија достигна до 113.

Производите се приклучуваат на постојната линија кафе Sélection со ознака Fairtrade, која ја носат и бананите и џемовите.

  1. Португалија: „Континенте“ воведува 300 нови производи, со најава за повеќе

На настанот „Опен хаус бај Континенте“, кој се одржа во септември минатата година, компанијата „Сонае МЦ“ објави дека годинава ќе лансира 300 нови приватни трговски марки за „Континенте“.

Во иднина малопродажниот трговец тврди дека ќе им даде приоритет на Equilíbrio (балансирана исхрана) и на Seleção (премиум свежи производи), кои сочинуваат 8% и 4% од продажбата на приватни трговски марки.

Во меѓувреме, асортиманот на органски трговски марки на „Континенте“ ќе се прошири со 50 производи, а се очекува порастот на продажбата да биде троцифрен.

Приватните марки сочинуваат 30% од продажбата на „Континенте“.

За авторот: Џон Рајт му се придружи на тимот на ИГД во јули 2012 година и ја води програмата за истражување во Европа. Редовно ги посетува пазарите низ регионот, следејќи ги најновите формати, приватните трговски марки, маркетингот и дигиталните стратегии. Исто така, тој ги води и истражувањата на ИГД за иднината на малопродажбата. Пред да се приклучи кон ИГД, Џон работел во „Еуромонитор интернационал“. Дипломирал право на Универзитетот во Бирмингем.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...