Регион

(ГАЛЕРИЈА) Саем „Винска визија на Oтворен Балкан“

07 сеп 2022

Белград беше винскиот епицентар, на кој на едно место се собра винската елита – еминентни винари, лозари, мајстори, енолози, сомелиери, дистрибутери и трговци со вино, не само од регионот туку и од голем број земји од светот.

Приреди: Редакцијата на InStore

Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ се одржа од 1 до 4 септември во Белград, во организација на Стопанската комора на Србија, Белградскиот саем и Сојузот на лозари и винари на Србија. Саемот се одржа под покровителство на земјите од Отворен Балкан. На свеченото отворање на четиридневниот настан присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерите на РС Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама.

Белград беше винскиот епицентар, на кој на едно место се собра винската елита – еминентни винари, лозари, мајстори, енолози, сомелиери, дистрибутери и трговци со вино, не само од регионот туку и од голем број земји од светот. Саемот беше со изложбен и со продажен карактер – вратите беа отворени за посетителите, кои имаа можност да ги вкусат  најдобрите вина и да поразговараат со винските мајстори. Освен тоа, беа организирани и стручни собири од различни формати, мастер-класови, разговори за потенцијалите на винската индустрија на Балканот, за можностите за зголемено учество на светскиот пазар, како и бизнис-средби, преку кои изложувачите добија можност да го прошират своето работење.

Саемот претставува уникатен начин за вкрстување на винските патишта на Балканот и ги обединува најдобрите производители на вино. Тој го промовира единствениот спој на вкусот и мирисот, кој го претставува не само духот на Балканот, туку и неговата географија и богатството на сорти, истакнуваат организаторите.

Престижен „Вински трофеј“ добија Barovo Red 2019 на „Тиквеш“ за најдобра автохтона сорта и Kamnik The Orange 2019 на „Камник“ за сортата „оранж“.

На „Винска визија на Отворен Балкан“ учествува речиси 400 излагачи од 22 земји, од кои 160 излагачи од Србија и 26 од Албанија. Од РС Македонија, под слоганот „Вкуси го животот“, учествуваа 42 винарници и 3 дестилерии, кои промовира повеќе од 300 различни вина и ракии. Освен земјите-членки на Отворен Балкан, изложувачи имаше и од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка, Австралија, САД и од други земји.

На третиот ден од меѓународниот саем „Винска визија Отворен Балкан“ беа прогласени најдобрите вина, од кои главната награда „Вински трофеј“ им беше доделена на две македонски и на седум вина од Србија. Српската премиерка Ана Брнабиќ ги додели престижните трофеи за најдобра автохтона сорта на „Тиквеш“ за црвеното вино Barovo Red 2019 и за сортата „оранж“ на „Камник“ за виното Kamnik The Orange 2019.

Вината беа оценувани од жири-комисија, составена од 25 меѓународни судии, од кои пет беа „мастери на виното“, најпрестижните титули во винскиот свет. Натпреварот се организира во категориите бели, црвени, розе, пенливи, слатки, портокалови и збогатени вина, а посебни трофеи им беа доделени на вина направени од автохтони сорти од Балканот. Освен трофеите, 12 вина освоија платинести медали, 85 златни, 187 сребрени и 163 бронзени.

Домаќинот на саемот, Стеван Рајта, претседател на Сојузот на лозари и винари на Србија, истакна дека биле оценувани повеќе од 600 вина. Добивањето добар меѓународен рејтинг, од светски експерти, им помага на винарниците да бидат препознатливи по нивните вина на меѓународно ниво и полесно да го освојат пазарот, рече тој.

Во фокусот на „Винска визија на Отворен Балкан“ беше и храната, како вид традиција, со пет мастер-шефа од земјите на Отворен Балкан. Од РС Македонија имаше 10-ина производители на храна, кои ја претставија автентичната македонска кујна. На манифестацијата имаше купувачи од ЕУ, САД, Кина и од други земји. Вкупно 300 квадратни метри беа резервирани за туризмот, каде што беше присутна и македонската Агенција за промоција на туризмот.

Gallery: Vinska vizija



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...