Регион

Промовиран проектот на ГИЗ: Поддршка на регионалната економска интеграција

16 Jun 2022

Почна да се спроведува проектот на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) – „EU4Business: Поддршка на регионалната економска интеграција, кој има за цел да ја зајакне регионалната економска интеграција меѓу членките на ЦЕФТА.

Министерот за економија Крешник Бектеши на промоцијата на проектот истакна дека трговскиот столб на Акцискиот план има за цел олеснување на слободното движење на стоки, услуги, капитал и луѓето да овозможи економски просперитет на сите граѓани на ЦЕФТА. Истовремено, додаде тој, сите активности во рамки на овој столб, но и комплементарно со другите делови на Акцискиот план, ќе овозможат полесно интегрирање на ЦЕФТА земјите во рамки на нивниот пристапен процес кон ЕУ.

Заедничкиот регионален пазар и Акцискиот план преку годишните програми на ЦЕФТА има за цел поддршка кон отстранувањето на неоправданите гео блокирачки мерки со идентификација на овие бариери и препораки за нивното отстранување преку европското законодавство, рече Бектеши.

Според него, важен придонес последнава година е остварен преку интензивирањето на активностите за унапредувањето на електронската трговија. Со оваа активност, нагласи, во значајна мерка навлеговме во имплементацијата на Дополнителниот протокол 6 за трговијата со услугите.

Консолидираниот пазар на ЦЕФТА  претставува можност за експанзија на бизнисите кои ги нудат своите услуги електронски. Иако поеднинечно мали пазари, членките на ЦЕФТА претставуваат заедно интегриран пазар од околу 20 милиони потрошувачи со проценет приход од околу 1 милјарда евра кои би им овозможиле на локалните бизниси да ја прошират својата работа инвестирајќи во нови технологии и процеси, кадар, маркетинг и друго. Но, од друга страна има многу бариери кои попречуваат ЦЕФТА пазарот да се смета за еден интегриран пазар. Тоа се недостатокот на стандардите, различната регулатива, високите трошоци при испораката, недоволното дигитално знаење како предуслов за е -трговијата и друго, рече Бектеши.

Тој додаде дека како резултат на тоа некои компании продолжуваат да се ограничуваат само на локалните пазари, додека останатите кои се трудат да ги надминат овие проблеми, имаат за цел експанзија на поголеми пазари и зголемување на бројот на потрошувачи, чиј значаен двигател е електронската трговија

Министерот Бектеши потенцираше дека со овој проект и праксата која ќе следи очекува дека ќе доведе кон елиминирање на четирите гео-блокирачки фази во електронстата трговија и тоа пристапот, регистрацијата, испораката и плаќањата, односно ќе овозможи подетални согледувања за овие мерки кои го успоруваат процесот на развивање на е-трговијата кај нас и во рамки на ЦЕФТА .

Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија истакна дека овој проект служи за поддршка на регионалната економска интеграција односно за создавање заеднички регионален пазар, како и подобрување на трговските односи меѓу земјите.

Мислам дека постои огромен простор за натамошен развој. Ние сме тука да го искористиме овој потенцијал и да ја помогнеме оваа економска соработка помеѓу земјите во регионот. Успехот на овој проект во голема мера ќе зависи од чувството на сопствеништво што ќе се постигне кај нашите засегнати страни, се со цел да се идентификуваат посточеките пречки со коишто се соочуваат економските оператори во регионот и да се надминат, рече Худолин.

Давид Оберхубер, претставник на ГИЗ во Северна Македонија, на презентацијата на проектот истакна дека неговата реализација претствува ново поглавје за олеснување и подобрување на трговската размена во регионот.

Проектот е поддржан од Европската комисија и германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ). 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...