Македонија

(ВИДЕО) Следната есен ќе биде готов трговскиот центар „Ист гејт мол“-доаѓаат нови светски брендови

30 Jul 2020

Во периодот од септември до ноември 2021 година во Скопје ќе биде отворен „Источна порта“-„Ист гејт мол“ третиот по големина шопинг мол кој ќе има дваесетина светски модни брендови кои за првпат ќе се најдат на македонскиот пазар и најголемата „Зара“ во регионот. 

Комплексот се гради на просторот на некогашниот Скопски саем.  Вкупната изградена површина изнесува над 500.000 метри квадратни. Покрај шопинг молот, центарот ќе се состои и од премиум деловни објекти, резиденцијален комплекс и зелени површини. Предвидени се околу 2.500 нови вработувања. 

Вкупната инвестиција изнесува 103 милиони евра, од кои денес беа обезбедени 72 милиони евра преку синдициран заем кој беше потпишан од страна на домашни и странски банки со кои се заокружува финансиската конструкција.Ова е досега најголем ваков заем во нашата земја, а го потпишаа НЛБ Банка АД Скопје како лидер на заемот и банките учесници НЛБ д.д. Љубљана, Комерцијална банка АД Скопје, Raiffeisen Bank Албанија и Халк банка АД Скопје, а корисник на заемот е „Ист гејт мол“ односно групацијата „Балфин“ која е инвеститор на проектот.

Со синдицираниот заем се обезбедени 38,5 милиони евра од НЛБ групацијата (20 милиони евра од НЛБ дд Љубљана и 18,5 милиони евра од НЛБ банка – Скопје, 18,5 милиони евра од Комерцијална банка Скопје, 10 милиони евра од Raiffeisen Bank Албанија и 5 милиони евра од Халк банка – Скопје.

Со овој договор покажуваме дека заеднички можеме да поддржиме  и да реализираме големи развојни проекти и во ситуација како оваа предизвикана од корона вирусот, рече Антонио Аргир од НЛБ банка.  Тој додаде дека ова е еден од најголемите проекти што се финансирани во Македонија и дека претставува чест, но и одговорност што НЛБ банка – Скопје за прв пат се јавува во функција на лидер на синдициран заем, каде што има двојна улога-покрај обезбедувањето на средствата и како банка која е носител на активностите поврзани со организација и управување со целокупната финансиска конструкција.

Генералниот директор на Комерцијална банка Хари Костовв, рече дека банката веќе има позитивно искуство со групацијата „Балфин“ со финансирањето на „Скопје сити мол“ и со која се заедно акционери вво Тиранска банка. Тој нагласи дека е многу значајно што во сегашните услови не само што не се откажала од проектот и не го ставила во мирување, туку е цврсто решена да ги интензивира работите и неговата реализација што е од значење и за целокупната македонска економија.

„Балфин групацијата“ кај нас е позната по изградбата на „Скопје Сити мол“. Присутна е и во повеќе држави од Западен Балкан и неколку држави во Европа. 

Инвестицијата за која денес го заокружуваме финансирањето, со своите 158 илјади  метри бруто изградена површина и 57 илјади метри нето површина за изнајмување, регионално гледано е најголемиот трговски центар, изземајќи ги „Белград на вода“ и „Парадајз“ во Софија. Се проектира да има 12 милиони посетитеели годишно, а закупците да остваруваат промет од 120 милиони евра“, рече Игор Давков, генерален извршен директор на „Ист гејт“. 

 Нешто повеќе од една година пред свеченото отворање веќе се потпишани договори со над 150 трговци, односно околу 80 отсто од трговскиот центар е веќе издаден.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...