„Алкалоид“ објави раст на консолидираните продажби од 10%, со двојно зголемени инвестиции во износ од над 841 милиони денари и со 111 нови вработувања во периодот јануари-јуни 2020 година.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-јуни 2020 година, продажбите достигнуваат 4.740.145.403 денари, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 6.067.515.783 денари, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 8%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10%. Од вкупните консолидирани продажби, 34% се остварени на домашен пазар, додека 66% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 8%, а на другите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во земјите од Југоисточна Европа, со продажби од над 2 милијарди денари и со раст од 14%, споредено со истиот период од минатата година. САД бележат раст од 16%, Русија и другите земји во ЗНД раст од 8%, земјите од Западна Европа раст од 5%.
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 86%. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со 23%, антибиотиците со 15%, кардиолошките препарати со 15%, невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 14% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3%, козметиката со 8%, а билкарството учествува со 3%.
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 944.488.412 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека единечната нето-добивка изнесува 525.025.059 денари и е зголемена за 10%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 978.792.142 денари и бележи раст од 13%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 511.911.371 денари е зголемена за 11%.
Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-јуни 2020 година, изнесуваат 841.058.536 денари, што е за 99% повеќе во однос на истиот период од 2019 година.
Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното. Комплетирањето на овие инвестиции е предвидено во текот на 2020 година.
Во периодот јануари-јуни 2020 година во „Алкалоид“ се реализирани 111 нови вработувања. На крајот на јуни 2020 година во „Алкалоид“ во земјата работат 1.771 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 529 вработени или вкупно 2.300 вработени во групацијата.
Со одлука на Управниот одбор на компанијата, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.400,00 денари или просечно 11.949,58 денари за една акција, што претставува раст од 40% во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 30.6.2020 изнесуваше 17 милијарди денари.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.