Македонија

ОРМ: Дури 40.000 работни места се наоѓаат во непосреден ризик

04 Jun 2020

Кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19 има големо влијание врз 82% од македонските компании, покажува анкетното истражување на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).

Девет сектори, во кои се ангажирани 62% од вкупниот број вработени во стопанството, се најмногу погодени од кризата, а дури 40.000 работни места се наоѓаат во непосреден ризик. Без соодветни мерки и поддршка за овие компании и вработени, сегашната стапка на невработеност во земјата ќе се зголеми и до пет процентни поени.

Анкетното истражување на ОРМ меѓу домашните компании е спроведено како основа за изготвување на неодамна објавениот извештај за брза процена на влијанието на Ковид-19, изработен од Меѓународната организација на трудот (МОТ), преку проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, финансиран од Европската Унија.

Деветте најпогодени сектори од кризата предизвикана од Ковид-19 се: услужните дејности (особено тие што се поврзани со храна и пијалаци); малопродажбата; транспортот и складирањето; преработувачката индустрија (особено производството на прехранбени производи) и градежништвото. Дури 43% од компаниите во овие сектори, особено микро и малите претпријатија, пријавиле пад на приходите за половина или повеќе, а 11% привремено прекинале со работа. Околу половина од анкетираните компании изјавиле дека нивната компанија нема да го „преживее“ третиот квартал од годинава доколку ситуацијата со кризата значително не се подобри.

Оцена на најголемиот дел од компаниите што учествуваа во истражувањето е дека досегашните економски мерки на Владата за поддршка во време на Ковид-19 беа навремени, но големината на обезбедената поддршка и времетраењето на мерките нема да бидат доволни за да се постигнат посакуваните ефекти, вели Ангел Димитров, претседател на ОРМ.

Повеќе од 70% од анкетираните компании сметаат дека државната помош за исплата на платите на вработените треба да продолжи до шест месеци, а повеќе од половината од компаниите велат дека треба да се обезбедат дополнителни даночни олеснувања во делот на персоналниот данок, данокот на добивка и ДДВ, како и да се зголеми обемот на бескаматни кредити што би биле пласирале преку Развојната банка. Бескаматните кредити треба да придонесат што повеќе компании погодени од кризата да ја одржат економската активност, со што би избегнале стечај, ликвидација и отпуштање на вработените.

Заедничко укажување на компаниите што учествуваа во истражувањето е дека распределбата на државните средства и кредити во рамките на владините програми за поддршка треба да се прави на фер и транспарентен начин, потенцира Димитров.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...