Денеска стапува на сила Уредбата за задолжително носење маски, марами или шалови надвор од домот, објавена во „Службен весник“ со број 107 од 22 април 2020 година.
Дваесет евра е казната за неносење заштитна маска за физички лица, а 2.000 евра е казната за домашни и странски фирми кои не обезбедиле заштитни маски за вработените заради заштита од коронавирусот, стои во уредбата.
Сите домашни и странски правни лица на територијата на Република Северна Македонија, се должни во своите седишта, подружници и објекти во кои ја извршуваат својата дејност, да обезбедат носење лична заштита на лицето од страна на сите физички лица кои работат и да забранат влез и движење низ овие простории на секое физичко лица кое влегува како посетител во овие простории, а кое нема да носи лична заштитна опрема од член 2 од оваа уредба со законска сила, стои во член 3 од Уредбата.
Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско правно лице ако постапува спротивно на одредбите од член 3 од оваа уредба, а глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое одговорно лице во правното лице ако постапува спротивно на одредбите.
Личната заштитна опрема за покривање на носот и устата може да биде респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна или свилена марама или шал, бандана и слично.
Во членот 2 од Уредбата е наведено дека и секое домашно или странско физичко лице на територија на Северна Македонија е должно да носи лична заштита на лицето при излегување надвор од својот дом.
За таа цел, Стопанската комора на Македонија апелира до компаниите што произведуваат заштитни маски да ги достават до комората основните информации поврзани со нивната продажба, цените, количините, периодот и начинот на испорака итн.
Стопанската комора бесплатно ќе ги постави овие информации на соодветно место на својата интернет-страница. Со тоа, комората ќе овозможи полесно да се сретнат понудата и побарувачката на заштитни маски на домашниот пазар, стои во соопштението на комората.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.