Македонија

Правници: Неопходен е нов закон за работни односи

30 Oct 2019

Неопходна е детална и темелна ревизија на регулативата од областа на трудовото право во нашата земја и донесување нов Закон за работни односи со кој ќе се пополнат досегашните правни празнини и контрадикторности, и кој истовремено ќе понуди современи решенија кои произлегуваат од развојот на науката и практиката во оваа сфера.

Ова е клучната оценка а домашните експерти од оваа област, кои обединети во новоформираното Здружение за трудово и социјално право ја одржаа својата прва конференција на која дебатираа за состојбите, проблемите и предизвиците кои треба да се решаваат со новото работно законодавство. Според нив, дополнително треба да се работи многу повеќе на имплементацијата на законите во доменот на работните односи преку зајакнување на социјалниот дијалог и колективното договарање, зголемување на капацитетите и надлежностите на трудовиот инспекторат и забрзување на судските постапки за споровите од работен однос. 

Оваа конференција е одлична можност на едно место да се слушнат ставовите и мислењата на учесниците во трипартитниот социјален дијалог, а тоа се претставниците на Владата, на организациите на работодавачите и на синдикатите за новото работно законодавство кое треба да биде усвоено во следниот период. Посебен придонес во оваа дискусија се очекува од членовите на академската и научната заедница, кои преку аналитички и критички осврт ќе се обидат да дадат предлози од стручен аспект за тоа како да се регулираат и решат одредени состојби и предизвици, изјави претседателот на Здружението за трудово и социјално право, проф. д-р Тодор Каламатиев. 

На конференцијата се презентираа и искуства од примената на повеќе други законски прописи, како што се: Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници и Законот за социјалната заштита. Се разгледуваа и искуствата на земјите од регионот во областа на работното законодавството и нивното хармонизирање со правото на Европската Унија.

Благодарение на поддршката што ја добиваме од Меѓународната организација на трудот, на оваа конференција ќе биде промовирана и дигиталната база на податоци – CEELex, која содржи информации за трудовите законодавства на земјите од Централна и Источна Европа. Оваа база претставува значаен ресурс на релевантни прописи и знаење кое станува достапно за домашните експерти, истражувачи и практичари на трудово право, но и за државната администрација, работодавачите и синдикатите. Тоа знаење треба да им помогне во формулирањето на релевантни ставови и мислења, како и во креирањето на политиките поврзани со значајни теми од областа, како што се: договорите за вработување, минималната плата, работното време, колективното договарање, правната рамка на откажување на договорите за вработување и други актуелни прашања, рече  доц. д-р Александар Ристовски, кој е еден од основачите на Здружението за трудово и социјално право.

Организацијата на првата конференција на новото Здружение е поддржана од Меѓународната организација на трудот (МОТ), во рамките на одбележувањето на 100 години од основањето.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...