Во саботата почна со работа новиот, ексклузивен маркет „Жито“ во Велес, кој е 15. објект на трговскиот синџир во овој град и 58. во земјава.
Лоциран е на ул. Оливер Китановски, бр.1, во близина на гимназијата, на вкупна површина од 590м2. Објектот, кој е на два ката, внатрешно и надворешно целосно е обновен и преуреден. За услугата се грижат вкупно 20 вработени.
Како што соопштуваат од велешката компанија, маркетот е модерен спој од два дела, кои како целина ќе им понудат поинакво искуство на посетителите. Во првиот дел, потрошувачите ќе најдат широк асортиман на производи како и во другите маркети „Жито“, вклучително и пилјара, свежо печени пекарски производи и печка за печење пилиња. Вториот кат располага со голем избор на производи за домот – кујнски прибор, постелнина, текстил, играчки, книги, домашен декор, предмети за домаќинство... од домашни и странски брендови.
Приказната за „Жито“ почна во 1988 година, токму во Велес. Овојпат, почувствувавме потреба да ја зголемиме понудата за нашите купувачи со дополнителни содржини, по што овој маркет ќе се разликува од другите. Со посебно внимание и љубов се потрудивме да создадеме едно катче за граѓаните, почнувајќи од визуелниот изглед и внатрешниот амбиент, па сè до различниот и богат асортиман. Задоволството е уште поголемо кога граѓаните позитивно коментираат дека имаат еден од најубавите објекти во централното градско подрачје, каде што ќе имаат можност со задоволство да пазаруваат, изјавија за InStore од менаџментот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.