Повеќе од 380 претставници на најголемите компании од секторот трговија со стока за широка потрошувачка присуствуваа на 5.FMCG SUMMIT што вчера се одржа во хотелот „Александар Палас“.
Магазинот InStore е организатор на овој самит веќе петта година по ред.
Учесниците заминаа побогати за нови знаења, кои со нив ги споделија 11 еминентни говорници и ексклузивниот гостин, футурологот за малопродажба, Метју Браун. Тој ги понесе присутните на едно глобално шопинг - патување, на кое ги опфати клучните трендови во технологијата, персонализацијата и им покажа како можат да ги применат овие трендови во сопствените бизниси.
Во преполната сала, присутните слушнаа искуства од 30 годишниот раст на „Даути Комерц“ од генералниот менаџер на компанијата, Џемаил Даути. Тој порача дека компаниите треба да имаат сила да влијаат на општествените текови.
Економскиот новинар Горан Теменугов ги претстави состојбите на македонскиот пазар и прогнозите за во иднина.
Тине Крачун, директор на Институтот за стратешки решенија од Словенија, зборуваше за задолжителните стандарди кои треба да се исполнат по влезот на ЕУ – пазарот.
Сања Михаиловска, генерална директорка на „Саманта“ нагласи дека информациите се нафта на 21 век и овозможуваат профит доколку компаниите знаат како да ги искористат.
Во динамична презентација, генералниот директот на „Орбико“- Македонија кажа дека луѓето се тие кои ги движат компаниите и затоа ако се развиваат вработените, тоа води и кон развој на компаниите.
Саша Кириќ, консултант од Србија зборуваше за иновациите во FMCG секторот.
Сергеј Зафировски од истражувачката агенција „Инсајдер ИД“ укажа на нова категорија потрошувачи на пазарот – „финансиски логични“ потрошувачи, кои маркетите допрва треба да ги придобијат.
Патрик Зупанчич, сопственик на „Промо фил“ од Словенија и Хрватска, претстави мобилна апликација корисна за компаниите. Драгиша Ристовски од „Гилберт центар груп“ од Србија зборуваше за техниките како да им се продаде производ на различни купувачи.
Добрата среќа е резултат на добар план, порача Дејан Ваневски, менаџер за дистрибуција на „Марс“ за Македонија, Албанија и Косово.
Овој самит е ексклузивно случување во трговскиот сектор во Македонија и е централно место кое ги поврзува трговците, произведувачите и дистрибутерите.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.