Македонија

За домашната ракија ќе се плаќа акциза

09 Aug 2018
Земјоделците кои од овошје и грозје произведуваат жестоки алкохолни пијалоци ќе смеат во текот на годината да произведат најмногу 1.000 литри чист алкохол.
 
Малите производители на ракија и други жестоки пијалаци од грозје, сливи, или од друго овошје во домашни услови, ако го продаваат пијалакот, нема да мора да регистрираат фирма, но ќе мора да се регистрираат во посебен регистар како мали производители на жестоки пијалаци и да плаќаат акциза. Акциза ќе плаќаат и малите производители на пиво и на вино, но тие ќе мора да се регистрираат како мала пиварница или мала винарница.
 
Според Предлог-законот за акцизи, кој е на јавна расправа, годишното производство на мала пиварница може да изнесува најмногу од 150.000 литри пиво, на малата винарница најмногу до 100.000 литри вино. За земјоделците максимално дозволено количество е 1.000 литри чист алкохол, додека за малите дестилации - 2.000 литри алкохол годишно.

Според Предлог-законот, земјоделецот има обврска да ја извести Царината за времето и местото на производство на ракијата.

Редовните акцизи за пивото се 4 денари за еден процентволуменски удел на чист алкохол. За вината акцизата е нула, но за она што е дефинирано како меѓупроизвод има акцизи од 33 денари и 55 денари, во зависност од содржината на алкохолот. Додека, пак, за жестоки пијалаци се плаќа 340 денари за еден литар чист алкохол.
За малите пиварници е пропишано акцизата да се плаќа со намалување од 20 до 50 проценти од редовната акциза во зависност од месечното производство произведените месечни количини. 
 
За малите винарници не важат некои правила што важат за големи во однос на акцизите, а кај малите дестилерии за жесток алкохолен пијалак, акцизата е намалена за 50 проценти во однос на редовната.

Доколку малите пиварници и дестилерии го надминат произведеното количество тогаш и за нив ќе важат редовните акцизни стапки и правила.



 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...