Македонија

Година на можности и предизвици

12 Feb 2025

Реструктурирање на компаниите, умерен економски раст, поддршка на иновациите и технологиите, стабилизирање на инфлацијата... се дел од очекуваните насоки во кои годинава ќе се движи македонската економија.

Пишува: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

Минатата година заврши со пораст на трошоците за живот од 3,5 отсто, а кај индексот на малопродажните цели порастот е 3,8 отсто. За годинава, според прогнозите зацртани во новиот буџет, се очекува економски раст од 3,7%, бруто-инвестиции за 8,1%, а според владините анализи, се очекува подобрување на надворешното опкружување и зголемување на надворешната побарувачка.

За економскиот аналитичар Абил Бауш, овие прогнози се амбициозни, но нивното остварување зависи од повеќе фактори.

Глобалниот економски контекст, како што се инфлацијата, геополитичките тензии и ризикот од рецесија, може значително да влијаат врз остварувањето на овие цели. Истовремено, макроекономската стабилност на државата, подобрувањето на деловната клима и прогресот во процесот на интеграција со ЕУ играат клучна улога во привлекувањето странски инвестиции и зголемувањето на домашната продуктивност. Дополнително, капиталните инвестиции треба да се реализираат во планираниот обем бидејќи ниската реализација во претходните години создава сомнеж за оптимизмот на овие проекции. За остварување на предвидените цели, неопходно е владата да спроведе структурни реформи, да ги намали корупцијата и административните бариери, како и да ги насочи јавните и приватните средства кон продуктивни и одржливи проекти. Ако јавниот долг се зголемува без значајни капитални инвестиции, постои ризик дека ова ќе го отежне долгорочниот економски раст. Прогнозите се остварливи само доколку се постигне стабилен напредок во реализацијата на капиталните проекти и доколку се имплементираат мерки кои создаваат доверба кај инвеститорите, смета Бауш.

Сопственикот и генерален директор на Insider Ltd., Сергеј Зафироски, смета дека и покрај многубројните светски случувања, најголемо влијание врз развојот на македонската економија годинава ќе имаат проблемите со кои се соочува германската економија.

Сепак, тоа и не е толку голем проблем доколку го гледаме низ призмата на реструктурирање на македонските компании да настапат на нови пазари, што би ја намалило зависноста од германскиот пазар. Оваа година ќе биде клучна за тоа преструктурирање и можноста за „свеж развој“, што би требало да биде искористен. Ние сме мала економија и треба да бидеме многу флексибилни на ситуацијата, а сме докажале дека сме доста жилави, така што не очекувам дека ќе има особено отстапување од тоа што сме го постигнале во минатото, истакнува Зафироски.

Според Бауш, економските очекувања за оваа година се фокусираат на неколку клучни точки.

Пред сè, очекувам умерен економски раст поттикнат од зголемени инвестиции, особено во инфраструктурата и дигиталната трансформација. Владините програми за поддршка на стартапи и мали и средни претпријатија би можеле да донесат позитивен импулс за домашната економија, особено ако се поврзани со одржливи технологии и зелена транзиција. Дополнително, напредокот во евроинтеграциите би можел да стимулира доверба кај странските инвеститори, но тоа ќе зависи од политичката стабилност и способноста за имплементација на реформите. Сепак, постојат и ризици кои можат да ја забават економијата, како што се глобалната економска нестабилност, инфлацијата и евентуалните ограничувања на капиталните инвестиции. Растот на јавниот долг и фискалната политика ќе бидат клучни за одржување на економската стабилност. Доколку фокусот остане на краткорочни популистички мерки наместо на долгорочни стратегии за економски развој, тоа би можело да ја ограничи можноста за посериозен раст. Очекувам 2025 година да биде година на предизвици, но и можности, ако се искористат правилно расположливите ресурси и меѓународната поддршка, потенцира Бауш.

На 15 јануари заврши акцијата „Новогодишна кошница“, а Владата соопшти дека била успешна и го дала посакуваниот ефект. Спротивно на тоа, економскиот институт „Фајнанс тинк“ во последниот извештај наведе дека мерките за ограничување на цените на храната ја смируваат инфлацијата само привремено, бидејќи штом мерката престане да важи, цените повторно се зголемуваат.

Овие мерки, според аналитичарот Бауш, се краткорочни и не го адресираат суштинскиот проблем на економскиот развој и потребно е да се надминат овие популистички пристапи и да се премине кон стратегии кои ќе го поттикнат економскиот раст и ќе ги искористат уникатните конкурентски предности на земјата.

Дополнително, субвенциите за енергетска ефикасност и поттикнување штедење енергија можат да помогнат во намалувањето на трошоците за домаќинствата. Среднорочно, инвестирањето во зголемување на домашните производствени капацитети и поттикнувањето на конкуренцијата ќе ја стабилизираат понудата на основни производи и ќе го намалат увозот, со што ќе се спречат големи ценовни осцилации. На долг рок, монетарната политика треба да биде внимателно насочена кон стабилизирање на инфлацијата преку контрола на каматните стапки и понудата на пари. Инвестициите во обновливи извори на енергија ќе ја зголемат енергетската независност и ќе го намалат влијанието на глобалните енергетски шокови врз локалната економија. Истовремено, поддршката за иновации и технологија ќе ја зголеми продуктивноста, со што ќе се намалат производствените трошоци. Социјалната политика треба да биде насочена кон заштита на куповната моќ преку приспособување на минималната плата и целни трансфери за најранливите категории, смета Бауш.

За намалување на инфлаторниот притисок врз цените оваа година, потребни се мерки на краток и на долг рок, истакнува Бауш и додава дека на краток рок потребно е субвенционирање на основните прехранбени производи, како и привремено ограничување на профитните маржи во клучните сектори, инвестирање во домашни производствени капацитети, субвенционирање на енергетиката.

На долг рок, монетарната политика треба да биде внимателно насочена кон стабилизирање на инфлацијата преку контрола на каматните стапки и понудата на пари, истакнува Бауш и додава дека инвестициите во обновливите извори на енергија, поддршката на иновациите и технологијата и правилно водената социјална политика и приспособувањето на минималната плата ќе овозможат стабилност на цените и одржлив економски развој.

Зафироски смета дека повеќе се прави конфузија помеѓу термините инфлација и нормално движење на цената.

Потрошувачите секогаш ќе очекуваат пониски, а компаниите повисоки цени за производите. Колку и да порасне приходот на двете страни, секогаш ќе се заложуваат за своите позиции. Ако гледаме историски, во која било пазарна економија, цените секогаш растат, и секогаш ќе растат во иднина, тоа ја движи приватната потрошувачка, да трошат сега наместо во иднина, и го поттикнува растот на економијата. Лично сум поборник на слободна економија и пазар, едноставно побарувачката ја дефинира понудата и секој обид на државата за регулација придонесува само до пролонгирање на резултатот, а тоа е зголемување на цените. Тоа што би го предложил е многу подолгорочна стратегија од само една година, а тоа е фокусирање на зголемување на домашното производство и намалување на зависноста од увозот, особено на прехранбени производи. Кога зборувам за прехранбени производи, не мислам само на финални производи, туку и на репроматеријали, од примарно производство до готов производ. Регулацијата на финалните цени без домашно производство на репроматеријали кое би ги намалило реално цените, не верувам дека ќе го намали тој инфлаторен притисок, потенцира Зафироски.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...