Пазарниот инспекторат за „Тинекс МТ ДООЕЛ “ изрече прекршочна казна затоа што не сме ја почитувале одлуката на Владата за замрзнување на цените на овошје и зеленчук. Но, тоа не е сторено затоа што добавувачите не ни носеа овошје и зеленчук, реагираат од компанијата откако Министерството за економија објави дека и „Тинекес“ е меѓу субјектите на кои се изречени казни поради непочитување на владината одлука.
„Казните за маркетите на „Тинекс“ се изречени затоа што во маркетите немало количини или воопшто немало одделни производи (овошје, зеленчук) кои се опфатени со мерките на Влада. И покрај сите сторени напори, направени нарачки и остварени контакти со добавувачи, „Тинекс-МТ“ не успева да ги обезбеди потребните количини на овошје и зеленчук пропишани со Одлуката на Влада, од причина што истите не се достапни на пазарот по цени по кои е наложено да се набавуваат и продаваат. „Тинекс-МТ“ како трговец со својата најдобра намера да излезе во пресрет на своите потрошувачи како и да ги исполни одлуките на Влада, не е во можност да продава производи доколку добавувачот не му ги дистрибуира, се вели во реакцијата на компанијата.
Претходно, пазарните инспектори во кординација со Финансиската полиција, Царинската управа, Управата за јавни приходи спроведоа акции на терен за да проверат дали се почитуваат одлуките на Владата за цените на основните прехранбени производи. Министерот за економија, Крешник Бектеши, ги набројуваше казнетите компании: Во текот на оваа недела ќе бидат доставени и кривични пријави за непочитување на одлуките на Владата. Нема да има никакви отстапки за никој што не ги почитуваат одлуките на Владата. Во текот на вчерашниот ден се одземени над 15 тони овошје и зеленчук и акциите ќе продолжат. Има прекршочни пријави и за управителите на Кванташки пазар, компанијата „Анмарк ДООЕЛ“, има казни за увозници на овошје и зеленчук за компаниите „Астра фреш“, „Савари“, „Атлантик“, „Фрута-Фрукта“, „Стрима“, „Нехар фреш“, „Ема стил“ и други, а секако има и казни за трговците на мало како што „Кипер, „Стокомак“, „Зендолино“, „Тинекс“, „Веро“, „Миса МКБ“ и нема да застанеме со акциите и контролите тука, ќе продолжат секојдневно, кажа Бектеши пред неколку дена.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.