Македонија

Нова кредитна линија на Развојната банка за дигитализација на компаниите

23 Mar 2023

Нова кредитна линија воведува националната Развојна банка која е наменета за компании за дигитализација и дигитална трансформација. Ќе има поволни услови односно ниски каматни стапки, а корисници може да бидат микро, мали и средни компании. 

Директорот на Развојната банка, Кире Наумов, на прес-конференција во Владата соопшти дека кредитната линија ќе се реализира преку квалификувани банки учеснички и е креирана, пред сѐ, да им овозможи на компаниите поволна кредитна поддршка при реализација на проекти од сферата на дигитализација и дигитална трансформација.

Реализацијата на кредитната линија во почетокот е исклучиво од сопствени средства на Развојната банка. Корисници на оваа линија преку банките учеснички може да бидат микро, мали и средни трговски друштва. Каматната стапка до крајните корисници ќе биде максимум до 2,9 проценти, рече Наумов.

Новата кредитна линија ја промовираше премиерот Димитар Ковачевски кој истакна дека со дигитализацијата им се овозможува на компаниите побрз и поефикасен деловен развој. Степенот на дигитализацијата и економскиот развој се директно поврзани, не само што отвораат врати за нови можности за компаниите, туку ги прават и поконкурентни и отвораат нови бизнис-можности за вработување нови генерации дипломирани студенти од нашите универзитети, рече Ковачевски.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман Марти, на промовирањето на новата кредитна линија рече дека дигитализацијата е предуслов за трансформација на општеството, за раст на економијата и за просперитет на земјата.

Новите дигитални технологии и алатки може да имаат значително влијание врз промовирањето на иновациите, зголемувањето на ефикасноста и  да доведат до подобра конкурентност на приватниот сектор… Инвестирањето во дигитална трансформација бара значителни финансиски и човечки ресурси на краток и на долг рок, рече амбасадорката. Истакна дека создавањето приспособена кредитна линија за дигитализација со поволни услови може да има сериозен препородувачки ефект и да придонесе кон значително зголемување на инвестициите во оваа област. .



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...