Македонија

Донација од 1100 книги од „Витаминка“ за библиотеката во Прилеп

08 Nov 2022

„Витаминка“ денеска ја предаде донацијата од 1.100 книги во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп. Донацијата содржи вкупно 150 наслови од различни жанрови од домашни и странски автори, лектирни изданија, популарна литература, белетристика, детска и тинејџерска литература. Вкупната вредност на донацијата е 160.000 денари а од компанијата велат дека ова е само првиот чекор во популаризација на културата на читање и зголемување на значењето на библиотечната дејност во градот Прилеп. 

Како компанија со голема свесност за состојбите во општеството и воопшто во околината, со оваа донација сакаме да го свртиме вниманието кон значењето на едукацијата и читањето книги и да влијаеме врз зголемување на читачката култура. Потребно е посебно младите да се надградуваат себеси и да го спознаваат светот низ книгата и на тој начин да создаваат вистински и трајни вредности. Веруваме дека овој начин, преку популаризирање на културата на читање и создавање понуда во библиотеката од наслови и содржини кои одговараат на тековните интереси и преокупации на младите и на сите нас, ќе успееме да ја поттикнеме љубовта кон книгата и кон убавиот збор, изјави Симона Симоновска од маркетинг службата на „Витаминка“.

Изборот на авторите и насловите е направен во координација со библиотеката и според потребите од жанрови и изданија. Според директорката ова е значајно зголемување на книжниот фонд и тоа за сите профили на читатели. 

Донацијата од 1.100 книги со 150 наслови, пред сè лектирни изданија, значително ја збогатува понудата на библиотеката во одделот за деца. На овој начин учениците многу полесно ќе дојдат до бараната книга. За учениците кои се вљубеници во пишаниот збор, набавени се повеќе наслови на детски белетристички романи, енциклопедии. Ставен е акцентот на домашни автори, но и во исто време набавена е литература и од странски автори. Сè на се, огромно благодарам на компанијата „Витаминка“ за оваа вредна донација, од името на сите вработени во установата, и од името на учениците - наши читатели. Многу успеси на учениците, и многу успешни проекти на „Витаминка„ во иднина. Во оваа пригода сакам да се заблагодарам и на градоначалникот Борче Јовчески за силната поддршка при реализација на овие активности, изјави Моника Талеска, директорка на прилепската библиотека.
 
Меѓу донираните наслови застапени се странски автори како Џ.К. Роулинг со серијалот Хари Потер како и други од светската белетристика, а од домашните само некои од авторите се Горјан Петрески, Ванчо Николески, Велко Неделкоски, со што се дава поддршка и за домашните автори и книжни изданија. Исто така, како најнови наслови кои досега не беа листирани во библиотеката, присутни е и новата македонска едиција „Светот на Биби и Боби“. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...