Македонија

Горан Теменугов: Време за плак(ќ)ање

15 Sep 2022

Пишува: Горан Теменугов, економски новинар

Одамна не сум се навратил на темата капитални инвестиции. Се обидував да ја избегнувам за да не се повторувам бидејќи досегашните влади, како и актуелнава СДСМ – ДУИ, толку често потфрлаат со нивна реализација, што едно време пишувањето ми наликуваше на филмот „Денот на мрмотот“. Се повторуваа темата и текстовите, па веќе изгуби смисла и добар вкус да се „замара“ читателската публика со оваа тема, која како да не ја интересира јавноста.

Но, најновиот „успех“ од реализација на само 30,44% капитални инвестиции, или во превод изградба на патишта, енергетски капацитети, училишта, болници, пруги и други инфраструктурни објекти за седум месеци од 2022 година, ме потсети на една друга „мантра“ на нашите политичари, а тоа е дека големите буџетски дефицити се должат, пред сѐ, на потребата од пари за финансирање на капиталните инвестиции. Добар дел од нашите премиери и министри за финансии во изминативе 20 години се обидуваа да ни објаснат дека буџетскиот дефицит или во превод парите што ги немаме во буџетот и кои мора да ги најдеме бидејќи се испланирани за трошење, а кои се движат најчесто од  200 до 700 милиони евра годишно, се за да ги финансираме токму проектите што треба да овозможат развој.

Ние граѓаните, а не политичарите и нивните партии должиме на домашните и на меѓународните финансиери секој поединечно 3.935 евра или вкупно 7.227.000.000 евра.  

Овој буџетски дефицит е во суштина ново задолжување. Нови заеми за да се покрие буџетската дупка, која од година на година расте ли расте. И убаво би било кога овие нови долгови навистина би се употребиле за капитални инвестиции кои потоа на среден и долг рок ќе му помогнат на бизнисот да расте, а со тоа и полесно да се сервисираат задолжувањата. Но, со секој ребаланс на буџетот, па така и со овој за 2022 година кој летово помина во Собранието, први за кратење беа токму овие инвестиции. Од друга страна, пак, буџетскиот дефицит драстично се зголеми. Од основните 545 милиони евра на 694 милиони за оваа година.

Ова значи дека парите ќе се трошат за други потреби на Владата, пред сè, за справување со енергетската криза, но и за гасење на социјалните пожари. Но, значи и дека ќе треба дополнително да се задолжиме. Само за илустрација, во последниве три години, 2020, 2021 и оваа 2022 буџетските дефицити се вкупно 2.364.000.000 евра, или со букви - две милијарди триста шеесет и четири милиони евра. Ова значи дека за само три години владата предводена од СДСМ – ДУИ секој жител на Македонија, од бебе, па до возрасни, нѐ има задолжено со нови 1.287 евра. Инаку, ние граѓаните, а не политичарите и нивните партии, должиме на домашните и на меѓународните финансиери секој поединечно 3.935 евра, или вкупно 7.227.000.000 евра.

И овие пари ќе треба да се вратат. И кој ќе го направи тоа? Секако ние, граѓаните. Во Министерството за финансии веќе се крои новата даночна реформа која ќе зафати од приходите и заштедите на граѓаните. Но, како и досега, нема да ги оданочи огромните профити на одредени сектори, кои и го финансираат долгот на државата, а исто така прашање е дали воопшто ќе се намали сивата економија која според процените и на владата и на меѓународните финансиски институции, е од 35 до 40% од бруто-домашниот производ.

Во суштина долгот ќе го враќаме сите ние што и досега редовно ги подмируваме обврските кон државата и кон фирмите. Сивата економија нема да се намали. За тоа нема политичка волја бидејќи во Македонија како да има екстериторијални подрачја, а тоа, види ве молам, не се амбасади. Има региони кои не плаќаат електрична енергија и таму кражбите се милионски. За нив плаќаме ние, редовните плаќачи, а исто така и за задолжувањата на Владата плаќаме ние кои сме даночни обврзници, кои ги плаќаме редовно сметките и пазариме во дуќани каде што издаваат фискални сметки. А парите од задолжувањето би требало да ги користиме сите, иако редовните плаќачи на давачките како да немаат баш некој бенефит од државата.  

Инаку, кон крајот на оваа и во 2023 година ќе дојде нешто што се надевавме дека нема ние да го доживееме, туку нашите правнуци, чукунвнуци или други потомци. А тоа е дека долговите ќе мора да се платат. Наскоро под дрво и под камен ќе се бараат пари за да се сервисираат долговите. Што ќе значи дека ќе дојде време за плаќање или време за „плакање“, по српски.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...