Македонија

ОПМ: Граѓаните прашуваат дали навистина ДДВ е 0 денари

15 Mar 2022

Во изминатиот период до Организацијата на потрошувачите на Македонија – ОПМ пристигнеле 2.600 поплаки, жалби и прашања од потрошувачите. Најголем дел од потрошувачите се жалеле на неисполнетите законски права, декларациите, цената што е различна со онаа на каса, изјави претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија – ОПМ, Марија Лончар Велкова пред почетокот на одбележувањето на 15 Март, Светскиот ден на правата на потрошувачите.

Во последниов период, како што кажа, голем дел од граѓаните се жалат околу новата состојба со замрзнатите цени и маржи.

Граѓаните се жалат и се јавуваат кај нас бидејќи не можат да знаат дали навистина ДДВ е 0. Се очекува промена на фискалните каси за да може на сметката што ја добиваат да го проверат тоа и да видат дали данокот е 0. Кај маржите, пак, не можат да контролираат и тука настапува Државниот пазарен инспекторат и се применува една од мерките предвидена во Законот за заштита на потрошувачите врз основа на нечесната пазарна пракса која и како директива е поместена во Законот за заштита на потрошувачи во Европската Унија, а се зборува и за измамното огласување или означувањето на цените, рече Лончар Велкова. 

Препорача да се предвидат уште некои мерки во делот на храната за доенчиња и одредени козметички производи.

Како најголем проблем на граѓаните и понатаму остануваат техничките апарати и уреди за домаќинството, а најмногу кај мобилните апарати и кај мебелот. Истакна дека најголем дел од поплаките се однесуваат на мобилните телефони особено во делот на нивната поправка и кој е надлежен да го поправи телефонот, како и каде да се однесе на поправка. Кај храната како проблем се покажа  читливоста на декларацијата, бидејќи луѓето не можат да прочитаат што пишува и кој се нутритивните својства на производот, а некои и не се на македонски јазик или не се целосно и точно преведени, посочија од ОПМ. 

Првиот закон за заштита на правата на потрошувачите во Македонија е донесен во 2000 година. Во 2004 година е донесен нов закон и тој многу пати е менуван, а во моментов во тек е донесување на нов закон и Стратегија за заштита на потрошувачи.

Светскиот ден на правата на потрошувачите се одбележува од 1985 година. Станува збор за Резолуција на Обединетите нации во која се воспоставени насоките за заштита на правата на потрошувачите. Осумте насоки за заштита на правата на потрошувачите се прифатени од Европската Унија и врз нивна основа насекаде во светот се развива потрошувачкото право и политики. Со тоа всушност се штитат потрошувачите со законски мерки и политики за заштита на потрошувачи, како и со други поблаги мерки.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...