Македонија

Бектеши: Мелниците имаат доволно брашно

14 Mar 2022

Има повеќе од доволна количина брашно во државата, мелниците имаат задоволителна количина резерви за да ги покријат потребите на домашниот пазар. Нема никаков простор да се создава паника кај граѓаните за непотребно купување на брашно имајќи предвид дека сите количини брашно што ѝ се потребни на државата ги имаме во моментот, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, по денешната посета на мелницата „Кокрра е Арте“ во Порој, Тетово.

Оваа мелница е една од најголемите извозници на брашно во земјата и во моментот во согласност со последната одлука за забрана за извоз на одредени житни зрна, брашно и масло за јадење сега продава само на домашниот пазар.

Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме доволна количина брашно во домашните мелници, а цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките што ги донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови. До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите, ќе се укине и забраната за извоз што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови, кажа Бектеши.

Според него, министерството е во постојана комуникација со српските власти за обезбедување дополнителни количини пченица, со цел одредени наши компании производители на брашно, кои се извозници во регионот, по стабилизацијата на пазарот, да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...