Меѓународниот саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ се одржа во саботата (25 септември) во Куманово на отворено, пред комплексот базени.
Организатори на саемот, кој се одржува по четврти пат, се Комората на органски производители и здружението „Живот“.
На саемот имаше 134 излагачи (индивидуални производители, фирми, задруги, сојузи) од земјава, Србија, Бугарија, Црна Гора, Косово, БиХ, Унгарија, Албанија и од други држави, кои презентираа зеленчук, јаткасти плодови, слатка, зимница, вина, сокови, млечни и месни продукти, мед, органска козметика, семиња итн.
Саемот има цел да им помогне на производителите да ги презентираат производите, да ги прошират контактите во регионот и да ги согледаат предизвиците со кои се соочуваат и да почнат да се вмрежуваат. Размената на искуства е клучна за овој саем, важно е да се вмрежат производителите, да најдат контакти, да се консултираат со институциите, да настапат заеднички на пазарот, изјави претседателот на комората, Драган Цветковиќ.
Покрај операторите со храна, на саемот учествуваа и компании што се занимаваат со производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехранбени производи, како и производители и увозници на препарати и ѓубрива за органско производство и механизација. Учествуваа и земјоделски задруги, стручни училишта, комори од земјава и од соседните држави.
Според амбасадорот на Унгарија, Ласло Дукс, производството на органската храна е еден од стратешките интереси на двете држави. Веќе подолго време работиме да изградиме систем на соработка, што беше и посебна тема на мешовитиот меѓудржавен совет. Многу ни е драго што трета година по ред присуствува Здружението на Унгарци и ги презентираме унгарските специјалитети, истакна тој.
Експерти за рурален и земјоделски развој, како и претставници од секторот за развој на руралниот туризам, ја презентира моменталната состојба на теренот. Претставници од средните земјоделски училишта и факултети и институтите се фокусираа на образованието и ширењето на знаењето поврзано со успешниот агробизнис.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.