Македонија

„Тиквеш“ почна со потпишување договори со лозарите

12 Jul 2021
Винарската визба „Тиквеш“ почна со потпишување договори со лозарите. Првите договори беа склучени на средината од јуни, а досега се потпишани 460.
 
Со потпишаните договори „Тиквеш“ веќе обезбеди повеќе од 8 милиони килограми квалитетно грозје од сортите шардоне, ризлинг, темјаника, мерло и каберне совињон.
 
Годинава  го почнавме процесот на потпишување договори со партнерите многу порано од вообичаеното, затоа што сакаме да внесеме поголема сигурност и стабилност во целиот процес на соработка и да го зајакнеме партнерството со лозарите, објаснуваат раководните луѓе од „Тиквеш“.
 
Во „Тиквеш“ се исклучително задоволни од одѕивот и комуникацијата со лозарите и очекуваат дека до почетокот на бербата ќе бидат потпишани до 2.000 договори за деловна соработка.
 
Впечатокот од досегашната комуникација со лозарите е дека тие се задоволни од условите што ги понудивме во новите договори – во делот на количествата, но и во делот на условите за плаќање на откупеното грозје. Истовремено, со договорите се дефинираат правилата и целокупниот начин на одгледување и третман на грозјето, што е дополнителна гаранција за висок квалитет, велат во „Тиквеш“.
 
За да се стимулира и одржи највисок квалитет на грозјето, винарницата одлучи да им понуди повеќегодишни договори на лозарите што произведуваат сорти со највисок квалитет, како што се темјаника и ризлинг. Освен тоа, за грозјето со највисок квалитет што се преработува во процесот на микровинификација, преку кој се произведуваат премиум вина во ограничени количества, предвидени се посебни услови за плаќање на откупот, многу пократки од законски дефинираните рокови.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...