Трошоците за живот во март во споредба со февруари годинава се зголемија за 0,5%, а цените на мало за 0,6%, додека во споредба со март лани бележат пораст од 2,1%, односно од 2,6%, објави Државниот завод за статистика.
Според статистичките податоци, пораст на трошоците за живот во март 2021 година во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите (3,5%), свежото и разладеното овошје (2,1%), минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук (1%), шеќерот, џемот, медот, чоколадото и кондиторските производи (0,8%), свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови (0,4%), месото и жестоките пијалци (0,2%).
Во март, пораст на индексите на трошоците за живот е регистриран и кај собирањето на отпадните води (8,2%), течните горива за домаќинствата (7,4%), фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти (6,8%), горивата и мазивата за сопствени превозни средства (5,8%), информатичката опрема за обработка на податоци (5,5%), моторните возила (3%), гасот за домаќинствата (2,3%), малите електрични апарати за домаќинствата, фризерските салони и центрите за разубавување (7%), снабдувањето со вода (0,5%), мебелот и покуќнината (0,3%), материјалите за одржување и поправки на станот, теписите и другите подни покривки, резервните делови и приборот за сопствени превозни средства, другите апарати и производи за лична хигиена (0,2%).
Намалување на трошоците на животот во март во споредба со февруари е забележано кај рибата и морските плодови (0,6%) и конзервираното овошје (0,3%). Исто така, намалување на трошоците за живот е регистрирано и кај медиумите за снимање (0,9%), опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики (0,7%), обувките (0,5%), домашните миленици и сродните производи (0,4%) и облеката (0,2%).
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.