Македонија

Во февруари ќе биде објавен петтиот сет антикризни мерки

18 Jan 2021

Петтиот сет антикризни мерки ќе биде објавен најдоцна во првата недела од февруари, информираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој рече дека во моментов во тек се консултациите со стопанските комори и со сите засегнати страни, за да се донесат што поефикасни решенија.

Во моментов разговараме, не се точно дизајнирани мерките. Има различни предлози, но во рамки на можностите и буџетските средства определени за ковид-програмата и, секако, по состаноците со стопанските комори, ќе излеземе и заеднички ќе ги презентираме, изјави Бектеши.

Според него, досегашните пакет мерки ги дале очекуваните резултати и во делот на зголемување на ликвидноста на компаниите и во делот на зачувување на работните места. За најпогодените сектори, како туристичкиот и угостителскиот, додаде дека ќе има мерки, но како ќе изгледаат ќе треба прво да се причекаат сите предлози од стопанските комори.

За годинава министерот најави дека ќе се продолжи со доделување ваучери за одмор за работници со ниски примања кои ќе може да ги користат ваучерите во домашните туристички капацитети

Според Бектеши, ваучерите ќе изнесуваат по 12 000 денари по апликант, а јавниот повик ќе биде објавен во првата половина од годинава. Доделувањето на ваучерите ќе биде по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Продолжуваме со мерката организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања по семејство не го надминуваат нето-износот од 30 000 денари. Ефектите од ваучерите лани, за време на пандемијата, дадоа резултат, посебно за домашните туристички капацитети, рече Бектеши и додаде дека лани беа искористени над 65.000 ваучери.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...