Македонија

Стопанска комора предложи итни мерки за пост-ковид развој на земјоделството

23 ное 2020

Наместо по површина, потребно е субвенциите во земјоделството да се даваат по предаден килограм производ, предаден на регистриран купувач и преработувач, предлагаат до Стопанската комора на Македонија, како една од мерките која може да му помогне на аграрот да ги преброди актуелните проблеми и да биде еден од носителите на економскиот развој.

Според Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија, досегашната политика на субвеницонирање во изминатите дваесетина години не ги даде очекуваните резултати.

Од 20 милиони евра во 2006 година до речиси 200 милиони евра предвидени во 2020 година, до сега се потрошени речиси 1 милијарда евра за сите овие изминати години, но наместо зголемување на извозот, увозот е неколкукратно зголемен, рече Ристовски на онлајн прес-конференција.

Тој нагласи дека е потребна измена во методологијата за доделување субвенции. Некогаш голем производител на традиционални производи, пред се млеко и млечни производи, зеленчук, овошје, оранжериско производство, денес Македонија е голем увозник на истите. Се наметнува и потребата за окрупнување на земјоделските парцели, наместо негово расцепкување или пренаменување, а неопходно е да се воспостави и нова рамка меѓу бизнис секторот и ресорното министерство што ќе овозможи поголема ефикасност на развојните мерки и нова форма на дијалог.

Доста е веќе традиционално земјоделско производство, треба да се поддржат се повеќе бизнис ориентираните професионални производители, рече Ристовски.

Земјоделството и прехранбената индустрија економски гледано се третиот најголем сектор кај нас кој има значаен придонес во домашниот бруто-производ, во надворешната трговија и во јавната и приватната потрошувачка. Социјано гледано овие две индустрии се голем работодавач со вкупно 10.967 активни преттпријатија, објасни Ристовски, додавајќи дека измена во асортиментот е една од мерките која бизнис секторот смета дека може да придонесе за подобрување на резултатите во земјоделско – прехранбениот сектор.

Млечната индустрија, месната индустрија, мелничарството и винарството се клучни потсектори во агроиндустријата со потенцијал за развој за што бизнис секторот има конципирано и предлог мерки.

Во изминатите година дена, нагласи тој, кулминираа проблемите во сите четири сектори што покажа дека е потребно решавање на одредени структурни проблеми за да се зачува сточниот фонд, лебното жито и лозарството како статешка суровинска база за дури потоа да може да се размислува за регулативни мерки кои ќе носат нов раст. Така на пример, производството на млеко се карактеризира со голем број мали фарми. Дури 75 отсто имаат се со една до три крави со ниско годишно производство на млеко. Многу е мал бројот на големи специјализирани фармери со повеќе од 20 крави – околу три проценти од вкупниот број со висока продуктивност и годишно производство од околу 5.000 литри по крава, а само еден процент од фармите имаат повеќе од 50 грла и треба да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за преостанатите фарми.

Се наметнува потреба од интервенции во примарното производство со воведување стандарди со кои се детерминираат основните услови за одгледување добиток, рече Ристовски, додавајќи дека Комората предлага воспоставување рамнотежа меѓу откупната цена на млекото и неговиот квалитет, како и субвенциониран трансфер на молзна стока од мали кон поголеми фарми за да дојде до пренасочување на сите молзни крави во поголемите фарми што, пак, ќе значи поголема ефикасност и профитабилност, подобрување на квалитетот на млекото и намалување на огромните логистички и пред се, транспортни трошоци на млекарниците.

Во месната индустрија која се соочува со нелојална конкуренција и недостиг на суровина за преработка, одлуката на Владата за безцарински увоз на свинско замрзнато месо како инпут ги даде првите позитивни резултати веднаш со воведувањето, оценува Комората. Иако реалните економски ефекти на одлуката донесена во јуни 2018 почна во четвртиот квартал на 2018, позитивните резултати се повеќе од задоволителни. Со вакво темпо, како што истакна и Ристовски, се очекува месната индустрија повторно да стане нето извозник и да остварува забележителен девизен прилив. Исто така, економските ефекти од воведената автономна мерка на Владата претставува дополнително оправдување за барањето на домашните преработувачи на месо и преработки од месо истата да се преточи во постојано законско решение за потребите на месната индустрија.

За подобрување на состојбите во винарството и зголемување на пласманот, Комората сугерира ревизија на субвениционирањето на лозарството, односно воведување поинаков начин кој ќе води кон подобрување на квалитетот на грозјето и на виното, окрупнување на индивидуалното производтсво на грозје и поттикнување на создавање кооперативи, воведување страндарди на национално ниво за лозарство и винарство, итни измени во Законот за вино и донесување регулатива за регистрација на географски ознаки за вино според Европската регулатива, определување стратешки буџети за интернационална промоција на флаширано вино, како и користење модерни техники и приспособување на производството кон пазарот и кон барањата на винарниците од страна на домашните лозари.

Во делот на мелничката индустрија, според комората, треба да се изнајде начин за дополнително субвенционирање на домашните земјоделци или производителите на пченица по предаден килограм пченица кај лиценциран откупувач по класи на квалитет со што нашето лебно жито би имало конкурента цена во опкружувањето, а исто така и мелниците конкурентно брашно. Неопходна е и целосна котрола на пуштањето во промет на увезеното брашно и придржување до постоечкиот Правилник за квалитет на брашното при увоз, односно да не се пушта увозно брашно во промет додека АХВ не даде дозвола по направени анализи за квалитет од акредитирана лабораторија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...