FMCG Македонија 2023

(ВИДЕО) По панел-дискусијата на 9 FMCG Summit, укината забраната за акции и промоции

15 Nov 2023

Дозволени се мерки за продажни акции? Има ли недостиг на комуникација меѓу Владата и бизнис-секторот? Каков ќе биде Законот за нефер трговски практики?, беа темите на панел-дискусијата што се одржа на 9. FMCG Summit, на која ставовите ги соочија претставниците на секторот: комерцијалниот директор на „Лион“, Икица Павлоски, извршниот директор на „Еуро табак“, Климе Булоски, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и министерот за економија Крешник Бектеши, а активно учество во дискусијата имаа и учесниците на самитот.

Најинтересните моменти од панел-дискусијата yes

Присутните го чекаа одговорот. Сите сакаа јасно и гласно да слушнат од министерот што смее, а што не смее околу акциите. Публиката имаше можност да прашува, а и често и бурно реагираше.

На почетокот на панел-дискусијата, на која модератор беше Горан Теменугов, Павлоски и Булоски посочија дека поради недостигот на маркетиншките алатки, како акции и промоции во маркетите, бил забележан пад во продажбата, а малопродажните места биле под стрес дека доколку спроведат такви активности, ќе следуваат санкции.

Она што го добиваме како информација од терен и што ние лично го забележуваме е дека голем удел во падот на продажбата има недостигот на промоции и акции, кои веќе 32 години функционираа, не само кај нас, туку и секаде во Европа. Таа алатка ни е одземена во овој период, истакна Икица Павлоски, кој даде забелешка и на покачувањето на ДДВ за одредени производи.

Министерот за економија негираше дека имало забрана за продажни акции и нагласи дека тоа било дозволено не само за производите што подлежат на владините мерки, туку за сите производи во маркетите, по што следуваше бурна реакција од посетителите.

Во однос на промоциите, акциите или маркетинг-алатките што се користат во делот на трговијата, во делот на основните прехранбени производи и тие што се опфатени во одлуката за утврдување највисока цена која е референтна на цената од почетокот на август, таа одлука важеше само три-четири дена и потоа се укина, а за тоа беше информирана целата јавност и сите во трговијата. Тоа значи дека, акции, промоции и секакви маркетинг-алатки што се користат во трговијата се дозволени и тоа се прави од сите, колку што следам во трговијата на мало. Пред да ја носиме секој мерка, се јавуваме во Стопанската комора и бараме да донесат претставници со кои ќе разговараме за нашите предлози, кои не се финални. Забрането е да се ставаат потрошувачите во заблуда со акции кои се спроведуваат заради истек на рок, истакна Крешник Бектеши.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, истакна дека бизнисот не претендира да ја кажува единствената вистина и дека друго не постои во општеството. Нагласи дека претседателот на државава треба ги одликува со орден сите од секторот за тоа што го издржале сите овие години. За справување со кризната ситуација, Азески го повика секторот на обединување.

Запомнете ги моите зборови, тие се зборови на искуството. Ако не се обединиме, отидовме, ние сме мала земја, мал пазар. Мора да го најдеме механизмот и да заборавиме на она што е минато, да ги рушиме границите, луѓето да добијат пазар, а ние да им помагаме, истакна Азески.

Како тема на дискусија на панелот се најде и предлог-законот за нефер трговска практика, за што Павлоски посочи дека поголемиот дел од секторот не бил запознаен со содржината на предлог-законот, додека Булоски истакна дека донесувањето на овој закон ќе има позитивен ефект и тој имал можност да ја прочита неговата содржина.

Тој треба да овозможи компаниите што се доминантни во даден сегмент да не можат да го користат тоа доминантно учество и да поставуваат или условуваат други учесници во синџирот на снабдување. Тоа е позитивна работа за сите нас, законот нема да биде на нечија штета, рече Булоски.

Според министерот за економија, предлог-законот повеќе од триесет дена бил објавен во ЕНЕР и бил донесен на јавна расправа во просториите на Стопанската комора, а биле доставени и забелешки кои дополнително ќе биле консултирани со Стопанската комора. Тој рече дека синџирите маркети, производителите и дистрибутерите имале дијаметрално спротивни ставови во однос на законот и посочи дека секторот треба активно да се вклучи во донесувањето нови закони.

                     

Нема едногласни решенија. Како членови на Владата, најважен ни е гласот на тие на кои се однесува законот, односно забелешките на чинителите и на Стопанската комора. Голем процент од забелешките ќе се обидеме сите заеднички да ги вградиме, потребен е консензус во секторот за трговија, нагласи Бектеши.

Како тема на дискусија на панелот се најде и предлог-законот за нефер трговска практика...

Ова законско решение лично ми се допаѓа и ова е значајна работа. Повикувам да не се повторува практиката да донесуваат закони во скратена постапка затоа што се заобиколува Стопанската комора и сите бизнис-заедници да се произнесат, истакна Азески.

Панел-дискусијата на годинашниот 9. FMCG Summit го даде одговорот на една од дилемите со кои се соочуваше секторот во последниот период. Маркетите слободно ќе можат да ги употребуваат маркетиншките алатки, како што се промоции и акции за продажба на производи без да стравуваат од санкции.

Еден ден по 9. FMCG Summit, Министерството за економија донесe одлука со којасе укина забраната за акции и промоции. Тоа што произлезе од панел-дискусијата, а што е клучно за бизнисот е единството во барањата. Потребно е да се настапува како група, таа да има добра организација и јасна цел што сака да постигне. InStore и настаните што ги прави секако се можност каде може да се почне со промените. Во наредниот период секторот ќе мора активно да се вклучи во донесувањето на новиот Закон за нефер трговски практики, за да се избегнат решенија кои би биле на негова штета.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...