FMCG Македонија 2023

Панел-дискусија: Кој добива, а кој губи со актуелните мерки? Секторот VS Владата

20 окт 2023

На единствената панел-дискусија на 9 FMCG Summit Skopje, на тема: „Кој добива, а кој губи со актуелните мерки? Секторот VS Владата“, своите ставови ќе ги споделат Крешник Бектеши, Бранко Азески, Икица Павлоски и Климе Булоски.

На панел-дискусијата, чиј модератор ќе биде новинарот Горан Теменугов, ќе се дискутира за актуелните предизвици:

  • Даноци, повисоки и пониски маржи, намалени цени, гарантирани цени...;
  • Какви влијанија имаа и сè уште имаат владините мерки врз работењето на компаниите во FMCG-секторот;
  • Како да се надминат досегашните предизвици;
  • Кои се очекувањата и можните решенија?

Крешник Бектеши е министер за економија. Во 2008 година дипломира на Колеџот за менаџмент со развој за применети науки и технологијa (менаџмент и бизнис-администрација) на Институтот за технологија во Рочестер, а во 2009 година се стекнува со титулата магистер по менаџмент и стратегија (логистика и управување со снабдувачки синџири) на Универзитетот Шефилд. Од 2011 до 2016 година работи како раководител на Меѓународната канцеларија на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извозот на РС Македонија во Брисел (Белгија). Во 2016 година, како раководител на Меѓународната канцеларија на Агенцијата за странски директни инвестиции и промоција на извозот на РС Македонија, работи како промотор на бизнисот на земјава во Берн, Швајцарија, и е задолжен за соработката со Стопанската комора на Швајцарија. Од 2017 година ја извршува функцијата министер за економија.

Бранко Азески е првиот човек на Стопанската комора веќе 17 години. Со кариера што вклучува политика, бизнис и дипломатија, неговата биографија е доказ за лидерство. Почнувајќи како претседател на Републичката конференција на Сојузот на комунистичката младина на Македонија во 1986 година, Азески брзо преминува во бизнис-секторот. Беше извршен директор на „Сломер-Слобода-Меркур“, претседател на „Македонија пат“ и генерален менаџер на „Александар палас“. Тој бил член на Националниот совет за евроинтеграции при Собранието и претседател на Сојузот на балканските комори во 2006 и 2014 година. Одигра клучна улога во управувањето на Шпаркасе Банка. Од 2005 година Азески е претседател на Стопанска комора на Северна Македонија.

Икица Павлоски својата кариера во FMCG-индустријата ја гради повеќе од 18 години. Кариерата ја почнува како менаџер за клучни купувачи во „Мако маркет“, каде што се задржува речиси две години. Работното искуство го надградува во „Еуротрејд“ на позицијата директор за продажба, на која се задржува речиси пет години. По речиси две години работи во компаниите „Медикус хелп“, „АВТ интернационал“ и „Тотал логистик“. Речиси 4 години работи и во малопродажбата, како менаџер за продажба на мало во „Гранап“. Во 2019 година се вработува во „Лион“ како комерцијален директор и директор за продажба.

Климе Булоски е магистер по машински науки, со 14 години искуство во сопствени фирми за продажба и производство. Од 2007 година е сопственик и извршен директор на „МКМолд“, компанија во која го гради работното искуство во наредните пет години. Во 2013 година ја презема позицијата извршен директор во компанијата „Енерџи нет“, каде што работи повеќе од две години. Во „Еуро табак“ се вработува во 2016 година на позицијата директор за продажба и за маркетинг и на оваа позиција се задржува речиси 8 години. Во мај годинава, ја презема позицијата извршен директор во компанијата.

9 FMCG Summit Skopje, кој ќе се одржи на 26 октомври во „Александар палас“ во Скопје, е во организација на магазинот InStore и агенцијата „Кликер маркетинг“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...