FMCG Македонија 2021

Онлајн-дискусија: Семејните бизниси пред дилема

22 Oct 2021

„Професионален менаџмент или традиционално семејно раководење? Или-или за семејните бизниси“ е темата на онлајн панел-дискусијата на 7. FMCG Summit Skopje 2021 под модераторство на Борис Вукиќ, на која ќе учествуваат Перица Вичишки, Јанинка Чупаркоска и Дејан Ваневски.

Перица Вичишки е генерален директор на „Атлантик трејд“, кој цели три децении бележи успешни резултати на домашната трговска сцена. Со трговија почнал да се занимава во 1990/1991 година, кога ја основал фирмата за трговија со козметика „Вичишки комерц“, првично со двајца вработени – тој и сопругата. Претходно, 10 години работел во државна фирма, како раководител на машински објекти низ цела поранешна Југославија. Како се развива приказната од 2002 година, кога „Вичишки комерц“ ја почнува соработката со „Нева“, па сѐ до денес, кога „Атлантик трејд“ има 201 вработен, плус 50 во „Атлантик Гранд“ и 10 силни бренда (меѓу кои Argeta, Cedevita, Stark, Cockta, Ferrero, Hipp, Nivea...), Вичишки ќе раскаже на онлајн панел-дискусијата.

Јанинка Чупаркоска е жената која пред четири години застана на лидерската позиција на „Кожувчанка“, продолжувајќи го работењето на компанијата и предводејќи ги инвестициите и новитетите. Како Јанчева уште од мала е инволвирана во семејниот бизнис и во структурата на „Кожувчанка“. По студиите и добиената диплома за инженер по индустриска логистика, работи во „Кожувчанка“ најпрвин во одделот финансии и комерција, а од 2017 ја презема функцијата генерален менаџер. Претседател е на фондацијата „Никола Јанчев“, основана во чест на нејзиниот покоен татко, преку која помага на многу луѓе на различни полиња. Член е на Управниот одбор на Регионалната Стопанска  Комора на Р. Македонија.

Дејан Ваневски е менаџер за развој на бизнис-стратегии во „Thrivity“. Осумнаесет години работи во странски и локални компании, од кои најдолго во Wrigley и Mars. Последната деценија активно работи на консултантски проекти и градење на развојни програми на темите: бизнис-планирање, менаџирање на портфолио, стратегии за пазарен настап, развој на продажни тимови, коучинг, лидерство, градење програми за развој на менаџери, преговарање... Можноста да биде дел од тимот на „Thrivity“ во изминатите речиси 3 години,  за Ваневски отвора нови професионални и животни хоризонти и претставува предизвик за компетенциите да ги стави во функција на насочување и градење на луѓето како најважна алка во бизнисот.

Модераторот Борис Вукиќ е партнер и еден од основачите на „Adizes Southeast Europe“ (ASEE) и виш соработник на Adizes Institute САД, каде што е сертифициран во 1995 година за водечки организациски промени. Негова прва работа како консултант за организациска трансформација со семејна компанија е уште од 1996 година. Зборува на конференции на тема семејни компании во: Загреб, Белград, Сараево, Бања Пука, Скопје, Подгорица, Приштина, Санкт Петерсбург, Вилнус..., модератор е на панел-дискусии, коорганизатор е на настани... Автор е на книгата „Основачи, наследници, менаџери“, резултат на десетгодишната работа со компании што го поминуваат патот на промена на лидерството и менаџментот од првата на втората генерација.

Седмото издание на најголемиот трговски настан, во организација на магазинот InStore и агенцијата „Кликер маркетинг“, ќе се одржи онлајн на 28 октомври.

И годинава, можете да ни се придружите БЕСПЛАТНО! Ја очекуваме вашата пријава.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...