Актуелно

Петар Денковски: Деталите ја прават разликата

01 јул 2020

Петар Денковски, генерален директор на „Веропулос“ – Скопје​

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Од 2 декември 2019 година Петар Денковски е генерален директор на „Веропулос“ – Скопје. Тој е дипломиран економист и е дел од „Веропулос“ уште од почетокот, односно од отворањето на првиот маркет „Веро“ во скопската населба Аеродром во мај 1997 година. Работел во секторот финансии, менаџер на маркет, регионален менаџер, менаџер за набавки, менаџер за комерцијала и маркетинг, а последните 10 години беше комерцијален директор на „Веро“ во Србија. Со него разговаравме за долгогодишното работно искуство, трансферот во земјава, современиот потрошувач, справувањето со предизвиците од Ковид-19, приспособувањето на новите услови за работа...

„Играј како шампион денес“ е Вашето мото во разговорот за InStore пред седум години (април 2013 година) кога бевте на позицијата комерцијален директор на „Веро“ во Србија. Дали тоа важи и денес?

Ако сакате да бидете успешен во тоа што го работите, мора да размислувате, да се однесувате, да изгледате и да играте победнички. „Играј како шампион секој ден“ е начин на моето работење, моја девиза во бизнисот, но исто така и во спортот, со кој активно се занимавам многу години. Тој победнички став сите овие години ни донесе многу успеси, извонредни резултати и достигнувања, како и лојалност и многу генерации задоволни потрошувачи. Тоа нѐ прави еден од најдобрите синџири маркети во земјата, но и во поширокиот регион. Верувам дека нема успех без напорна работа. Победничкиот менталитет и пристап се клучот до него, но без тимска работа и тимски дух, сето тоа е невозможно. Создавањето тим од луѓе со исти или слични победнички особини и погледи кон работите, луѓе што поседуваат проактивен став, енергија, амбиција, страст, ентузијазам и оптимизам, на кои обврските им се задоволство, а не оптоварување – е условот за да се достигнат и реализираат високите цели и врвните дострели.

На колегите и соработниците постојано се обидувам да им пренесам дека за да се биде добар менаџер, потребни се две најважни нешта – едно уво и друго уво. Едното за да ги слушаш потрошувачите, а другото – вработените.

Од крајот на минатата година сте генерален директор на „Веропулос“ – Скопје. Како дојде до трансферот од комерцијален директор на „Веро“ во Србија до генерален директор во Скопје и како гледате на овој период на менаџирање?

По 10-годишно успешно работење на српскиот пазар и по еден динамичен и предизвикувачки период што донесе и многу успеси, награди и признанија за постигнатото, дојде време за нов предизвик. Плановите на компанијата се поклопија со моите амбиции и еве, веќе 6 месеци сум на позицијата генерален директор на „Веро“ и „Џамбо“ во нашата земја. Од почетокот на моето доаѓање на функцијата, преку новонастанатата ситуација предизвикана од коронавирусот, морам да кажам дека резултатите се над очекувањата и претходно зацртаните планови и цели.

Со оглед на Вашето долгогодишно работно искуство во „Веро“ во Белград и во Скопје, колку се сменети условите за работа од времето кога почнавте до денес?

Од 1997 година, кога го отворивме првиот маркет во населбата Аеродром, па сè до денес, условите многу се променија. Особено се евидентни промените во модернизацијата и примената на информатичките технологии во процесите на работа. Колку повеќе тие се развиваат, толку повеќе се зголемуваат потребата и очекувањата на потрошувачите за брза, прецизна и квалитетна услуга. Грижата за потрошувачите отсекогаш ни била приоритет и тоа е една од нашите тајни за континуиран успех и напредок, за што нашите ценети потрошувачи нѐ наградуваат со долгогодишна доверба и лојалност.

Според искуството од српскиот пазар, кога влезе „Лидл“, предизвика големи промени на пазарот. Многу малопродажни синџири се соочија со големи предизвици да го задржат прометот или да го спречат негативниот тренд во работењето. За разлика од нив, работењето на „Лидл“ наместо закана, за „Веро“ прерасна во предност што умешно ја искористивме.

Колку е сменет потрошувачот? Дали би можеле да направите споредба меѓу српскиот и македонскиот пазар, колку потрошувачите од овие две земји се слични, а колку се различни?

Иако македонскиот и српскиот пазар имаат големи сличности, секој од нив има и специфичности во кои се испреплетуваат различните потрошувачки навики и вкусови. И двата пазара имаат едуцирани и пазарно ориентирани потрошувачи, кои ги следат модерните, светски трендови во малопродажбата што очекуваат да ги добијат и во нашите маркети. Српскиот пазар се карактеризира со многу иновативен пристап во однос на технологијата и начинот на купување, додека за македонскиот пазар карактеристичен е изострениот вкус на потрошувачите во доменот на услугата и вниманието што му се посветува.

Каков е FMCG-пејзажот во нашата земја? Во поглед на трендовите – кој ги наметнува правилата на игра: трговците, производителите или потрошувачите?

Изборот на производи и брендови е многу голем, можеби и најголем во регионот. Борбата за место под сонцето, односно простор повеќе на полиците, е беспоштедна и сѐ пожестока, а можностите се сѐ помали. Опстануваат само најдобрите и тие што можат да се изборат во таа пазарна борба да бидат прифатени од потрошувачот. Околу правилата на игра, секогаш во преден план е потрошувачот бидејќи тој диктира и одлучува. Трговците сѐ повеќе имаат влијание врз менувањето на потрошувачките навики преку воведување нови трендови, кои порано или подоцна потрошувачите со задоволство ги прифаќаат.

Гледано ретроспективно, колку македонскиот потрошувач ги следи трендовите и колку е подготвен да им биде лојален на трговците?

Нашите потрошувачи се навистина модерни, трговски едуцирани, ги следат светските трендови во малопродажбата и очекуваат да ги добијат на местото што избрале да пазаруваат. Тие се добро информирани, со истенчен вкус и точно знаат што е најдобро за нив, така што нема простор за импровизации или за лоши одлуки. Како еден од пионерите на модерната малопродажба во земјава, секогаш први ги имплементираме најновите процеси во работењето и ги приспособуваме на високите очекувања на потрошувачите. Тие се навикнати во „Веро“ да добиваат искрен, грижлив и максимално посветен однос и затоа со гордост истакнуваме дека ги имаме најлојалните потрошувачи на пазарот. Вистинско задоволство е кога со голем дел од нив повеќе од 20 години се среќаваме во нашите маркети, а таа лојалност се пренесува и на нивната втора генерација, за што сме им бескрајно благодарни.

Од кризата научивме дека денес не опстојуваат најголемите и најсилните, туку тие што најбрзо, најефикасно и одговорно ќе се приспособат на промените.

Кога бевте назначени на позицијата генерален директор, во официјалното соопштение на „Веро“ беше наведено дека се истакнувате со уникатниот стил на управување. Што значи тоа од Ваш аспект, во што се состои уникатноста на Вашето менаџирање?

Уникатноста како имиџ и начин на работење мора да е карактеристика на секој успешен менаџер. Да се биде уникатен, за мене значи да се биде посебен, различен, свој. Уникатноста на менаџирањето подразбира да се биде иновативен, креативен, без страв од промени, туку напротив, да се креираат промени со кои постојано се граби напред. Промените ги прифаќам како предизвик и движечка сила, а не како закана. Во мојот начин на работа не прифаќам „не“ или „не може“ како одговор, просечноста никогаш не ме задоволува и секогаш се стремам кон совршенство и највисоки дострели. Како тим, поразите нѐ мотивираат, а успесите и победите ни даваат дополнителна сила да продолжиме. Нашата стратегија е „Никогаш не се предавај“.

На колегите и соработниците постојано се обидувам да им пренесам дека за да се биде добар менаџер, потребни се две најважни нешта – едно уво и друго уво. Едното за да ги слушаш потрошувачите, а другото – вработените. Секогаш мораш прво внимателно да слушаш, а потоа да дејствуваш брзо и прецизно. Работам така што креирам атмосфера во која, пред сѐ, ќе има доверба и почитување на сите соработници и партнери. Во работата внесувам многу страст, емоции и енергија, и мислам дека тоа се пренесува на целиот тим. Свесни сме дека деталите ја прават разликата и ги издвојуваат успешните (retail is detail), па затоа нашата посветеност на деталите ја прави успешна големата слика. Во „Веро“ работиме искрено, транспарентно, достоинствено, се охрабруваме и се грижиме едни за други. Довербата и меѓусебното почитување се на врвот на нашата корпоративна работна култура. Поставуваме стандарди во работењето, при што секој може да се истакне, да си го најде местото и постојано да напредува.

За мене, „Веро“ е систем поставен на 5 столба: потрошувачот е нашиот шеф, а неговата насмевка е наша обврска; вработените се нашето највредно богатство, заедно ја градиме оваа успешна приказна; дистрибутерите и производителите – со партнерски однос и поддршка заедно ја градиме нашата вин-вин стратегија; заедницата –  општествено одговорни и поврзани, создаваме односи за подобра иднина на сите нас; сопствениците – без нивната храброст и визија „Веро“ денес не би бил тоа што е.

Минатата година реновираниот тетовски „Веро“ доби „Џамбо“. Дали сè уште стратегијата на компанијата е дека вистинскиот рецепт за успех е концептот на отворање „Веро“ и „Џамбо“ под ист покрив?

Проектот за заеднички концепт на „Веро“ и „Џамбо“ во иста продажна единица се реализира и на српскиот и на домашниот пазар. Овој концепт се покажа како извонреден потег и добитна комбинација на две успешни приказни. Овој начин на работа планираме да го продолжиме и да го имплементираме во нашите идни амбициозни планови и нови проекти, следени со нови инвестиции и отворање уште многу работни места.

Што мислите за експанзијата на хард-дисконтерите и на нивниот сè поголем удел на македонскиот пазар? Дали гледате конкуренција во нив?

Сите малопродажни објекти што нудат исти производи како нас ги гледаме како конкуренција, без разлика на нивната големина. Не потценуваме никого, напротив, сите ги почитуваме и сериозно ги анализираме нивните недостатоци и предности. Особено внимание обрнуваме на сѐ поголемото учество на хард-дисконтерите на пазарот, како и најавите за проширување на домашните, но и на странските големи малопродажни системи. Според искуството од српскиот пазар, кога влезе познатиот бренд „Лидл“ постави нови стандарди, воведе новитети во работењето и предизвика големи промени на пазарот, при што многу малопродажни синџири се соочија со големи предизвици да го задржат прометот или да го спречат негативниот тренд во работењето. За разлика од нив, „Веро“ со добра подготовка и организација на работењето мошне успешно го менаџираше периодот на доаѓањето на „Лидл“ и подоцнежната работа. Така, наместо закана, неговото работење прерасна во наша предност што умешно ја искористивме, со што во тој период бројот на потрошувачи се зголеми и продажбата забележа пораст, и „Веро“ зазеде уште подобра позиција и поголемо учеството на пазарот.

Како „Веро“ се справува со Ковид-19?

Ова е нова ситуација за сите нас, не верувам дека некој пред 6 месеци можеше да предвиди дека светот и економиите ќе се затворат. Со брзите и вистински реакции и со максимална посветеност и ангажираност на целиот тим на „Веро“, од првиот до последниот вработен, успешно го менаџираме кризниот период. Притоа, единствени цели ни се да го заштитиме здравјето на потрошувачите и да им излеземе во пресрет на потребите најбезбедно да се снабдат со неопходните животни намирници. Во целата ситуација огромно внимание посветивме на сите безбедносни мерки и активности за максимално да ги заштитиме и вработените, на кои во овој специфичен период сме особено горди и бескрајно благодарни. Воведовме нови содржини и услуги, ги имплементиравме услугите на Vero Drive – нарачки преку нашата интернет-страница и подигнување на производите без контакт со вработени или други потрошувачи. Исто така, воведовме нова услуга за нарачки преку телефон во време на полициски час и испорака на производите до дома, а истовремено почнавме и подготовки за онлајн-продавница за нарачки и испорака до дома, што ќе биде наша редовна услуга и по завршувањето на кризата. Од кризата научивме дека денес не опстојуваат најголемите и најсилните, туку тие што најбрзо, најефикасно и одговорно ќе се приспособат на промените.

Што по пандемијата, кои се плановите за понатаму?

Се надеваме дека кризата ќе ја пребродиме успешно и брзо ќе се приспособиме на новите услови на работа. Свесни сме дека ова значително ќе влијае врз промената на навиките на потрошувачите и начинот на купување. Во наредниот период очекуваме уште поголемо учество во е-трговијата и купувањето преку интернет, сектор во кој нашиот тим веќе работи на модерни решенија. Очекуваме да се менуваат и навиките во исхраната, со особено внимание на здравата исхрана и здравиот начин на живот, дополнети со безбедно купување. Паралелно со тоа, ќе продолжиме несебично да ѝ помагаме на заедницата и да соработуваме со институциите, барајќи решение за сите новонастанати ситуации. Во овој контекст, би сакал да ја споменам нашата донација од повеќе од 1 милиони денари за Клиниката за инфективни болести како наша поддршка во најкризниот период, но и многу други активности што ги реализиравме, и со кои ќе продолжиме и во иднина. Тоа е наша желба, но и обврска како дел од бизнис-заедницата во земјава.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Се бара кривична одговорност за фирми кои зеле субвенции, а не поделиле плати

20 јул 2020

Словенија ги продолжува мерките за спас на работни места

20 јул 2020

Зоран Богетиќ: Што се наоѓа под „врвот на ледениот брег“?

20 јул 2020

Milka загуби судски спор во Германија

20 јул 2020

Во маркетите потрошени 16 милиони евра од домашните платежни картички

20 јул 2020

Црна Гора повторно прогласи епидемија на целата територија

20 јул 2020
Вчитува уште новости...