Надмини ги очекувањата на купувачите; Постојано контролирај ги трошоците; игнорирај ги стандардизираните правила... ова се неколку од правилата според кои Семјуел Волтон ја создаде најголемата компанија со 2,3 милиона вработени во светот.
Приреди: Игор Ѓуровиќ, igor@instore.si
Во малото гратче Бентонвил, во Арканзас, каде што живеат околу 25.000 жители, дојдовме до улицата Валтон 5-10 во посета на музејот на „Волмарт“, отворен на местото на нивната прва продавница. До 2011 година тоа бил прифатен центар за посетителите, за потоа империјата на Семјуел Волтон да создаде сопствен музеј, каде што посетителите не плаќаат влезници и имаат бесплатни тури. Како посебни гости од „далечната“ Европа, нè пречека младиот водич Дилан Мур, кој е роден и живеe токму во ова гратче, ни кажа дека во „Волмарт“ директно се вработени повеќе од четвртина од жителите. Тука е и седиштето на компанијата, која по светот вработува 2,3 милиона луѓе! Нивната претставничка за медиуми Лаура Поунси Поф ни се заблагодари за посетата и беше подготвена да одговори на сите прашања, како и младиот водич, кој сè уште студира, но во музејот е постојано вработен, како и уште 40 негови колеги и колешки.
Повеќето сме млади, а има и многу работа иако навидум изгледа дека сме многу вработени. Годишно музејот го посетуваат 40.000 луѓе и сите ги интересира семејството Волтон, на чело со Семјуел и сопругата Хелен, и нивните деца кои сè уште се живи - Ќерката Алис и синовите Џим, С. Робсон и Џон. Сите се поврзани со компанијата која ја создаде нивниот татко. На ова семејство многу му значи местото од каде што потекнува, а јас лично се познавам со двајца од синовите, се пофали Дилан покажувајќи на витрината каде што стоеја фотографиите со Семјуел и неговиот брат Бад. Тој на својот брат му го доверил водењето на правата продавница, каде што сега се наоѓа овој музеј. За нив, посебно место зазема нивната мајка Ненси, која сакала нејзините синови да работат нешто заедно.
Во музејот дознавме многу занимливости за компанијата, чиј идеен творец минатата година, на 29 март, би прославил 100 години, но почина на 5 април 1992 година. Истата година почина и неговата сопруга, која постојано му укажувала на чистотата, а особено му приговарала дека мора да го исчисти тоалетот откако ќе го користи. Затоа и денес нашите тоалети во маркетите се секогаш чисти, се пошегува нашиот водич, кажувајќи ни ја анегдотата за сопружниците.
Постои само еден шеф. Тоа е купувачот. Тој може да отпушти секого, од директорот па надолу целиот тим, единствено ако одлучи да ги троши своите пари на друго место. Ова се зборовите на Семјуел Волтон, кој во 1945 година, кон крајот на Втората светска војна, како потстанар го отвори својот прв маркет. „Волмарт“ е симбол на американските соништа, во земјата каде што сè е можно. Денес оваа компанија е најголема во светот според приходите и според листата на „Форбс“, вреди повеќе од 500 милијарди долари. И според бројот на вработени нема поголема компанија во светот. Во нивните 10.000 маркети и во администрацијата работат веќе споменатите 2,3 милиона луѓе!
Кога 27-годишниот Семјуел и брат му Бад ги завршиле воените окови, одлучиле да се вратат во родниот Бентонвил и таму да продолжат да живеат и да работат, бидејќи поубавата половина на Семјуел сакала мирен живот во помал град. Тој ја послушал, но на почетокот морал да работи во помала продавница на трговскиот синџир на Бен Френклин. Тој набрзо станал раководител во продавницата, а за три години двојно ги зголемил приходите на таа продавница. Потоа одлучил да отвори сопствен синџир на дисконти „Волтонс“, а продавниците ги отворал во близина на градови со помалку од 5.000 жители. Првиот маркет „Волмарт“ го отворил во 1962 година во градот Роџерс (Арканзас). Сè друго е историја, а неговата приказна за успехот се должи на соработката. Секогаш сакал да нагласи: Само доколку соработуваме, ќе ги намалиме трошоците за живот за секого. Од тој пристап во секојдневното живеење и работење произлегува и слоганот на компанијата: Save money. Live better. (Заштеди. Живеј подобро). Логото со искра е создадено дури во 2007 година.
„Десетте заповеди“ на Волтон
Во автобиографската книга „Произведено во Америка: мојата приказна (Made in America: My Story), Семјуел Волтон ги открива своите десет животни правила:
- Биди посветен на својата работа;
- Профитот дели го со своите соработници и третирај ги како партнери;
- Мотивирај ги своите вработени;
- Разговарај со своите партнери за сè, кога и да можеш;
- Почитувај го сето тоа што твоите соработници го прават за компанијата;
- Прославувај ги успесите;
- Слушај ги сите во компанијата;
- Надмини ги очекувањата на купувачите;
- Постојано контролирај ги трошоците, имај ги под контрола повеќето од конкуренцијата;
- Пливај по реката нагоре и игнорирај ги стандардизираните правила бидејќи можеби токму таму се наоѓа шансата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.