Актуелно

Весна Кузмановиќ: Македонските потрошувачи очекуваат пониски цени

22 Oct 2012

Гостин-воведничар: Весна Кузмановиќ директор на ГфК - Скопје

Најнапред да посакам успешно работење на регионално познатото списание InStore и во Македонија. Верувам дека ова списание, што вообичаено содржи сознанија за актуелните трендови во малопродажниот сектор, како и совети на најеминентни стручни лица од областа, ќе придонесе за подобро разбирање на навиките на потрошувачите.

Кога зборуваме за потрошувачите во Македонија, како и сите останати, и тие го чувствуваат влијанието на економската криза што се случува во светов во минативе години. Но, депресивните реакции и ниското ниво на доверба што македонските потрошувачи ја имаат во однос на нивната економска иднина се индикативни. Исто така, тие сметаат дека во моментов не е добро време за трошење пари, туку за штедење и чување пари, што воедно ја задоволува и нивната потреба од повеќе пари, но не како можност за поудобен живот, туку како основна сигурност за преживување на кризата. Најпрактикувани механизми за справување се внимателното и планираното купување производи за секојдневна употреба, одложување на купувањето додека производите не се на попуст или распродажба, префрлување од брендирани производи на поевтини производи и употреба на купони.Доволно е да се заклучи како сето ова изменето однесување на потрошувачите има влијание врз малопродажниот сектор и нивната работа. Сепак, овие однесувања на потрошувачите се ситуациски.

Покрај нив, се забележуваат генерални трендови кај македонските потрошувачи кои имаат долготраен ефект врз малопродажниот сектор во Македонија. Сè поголем број потрошувачи набавките на производи за широка потрошувачка ги прават на неделна основа и тоа во големите супермаркети или во трговските центри, што вклучуваат секаков вид стока за домаќинството и за потрошувачите. Така, освен планираното, често се случува да се направи и непланирано купување. Забележливо е тоа што само два странски синџира на трговски центри се присутни во Македонија, грчкиот „Веро“ и турскиот „Рамстор“. Генерално, странските малопродажни објекти се супериорни во однос дополнителните комоција и удобност, како доволно паркинг-места, адекватна локација, широк простор, широк избор на производи, дополнителни олеснувања, програми за лојалност, дополнителни услуги итн.Од друга страна, домашните малопродажни објекти се во предност во однос на распространетоста низ целата територија на државата, пониските цени и промоција на политиката „Купувајте домашни производи“. Цените на одредени брендирани производи што им се нудат и на македонските граѓани се во некои случаи двојно повисоки од истите во соседните земји. Експертите се децидни дека трговците додаваат превисоки маржи што ги прави производите прескапи за граѓаните.

Јасно е дека очекувањата на македонскиот потрошувач од малопродажниот сектор се удобноста и сите предности на странските малопродажни објекти, што би нуделе широка палета на производи како домашни, така и странски, но пред сè по реални цени или цени што соодветствуваат на потрошувачката моќ на Македонецот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...