Навикнати дека промените во Западен Балкан се случуваат единствено ако ги притисне некој друг, на пример Европската комисија, ММФ, или некоја од влијателните држави во светот, многумина беа изненадени не толку од предлогот за пониски цени во роаминг, колку од динамиката за остварување на оваа идеја.
Пишува: Мирче Јовановски, уредник во „Утрински весник"
Според познатата изрека, ако не сака брегот кон Мухамед, нека појде Мухамед кон брегот, така и балканските регулатори за телекомуникации се решија да направат исчекор за да се договорат за пониски цени во роаминг. Засега е рано да се констатира дека тоа целосно ќе ги приближи кон „брегот" – што во случајов е Брисел и тамошните регулатори кои во рамките на ЕУ презедоа мерки за да ги намалат цените на телефонирањето од и кон странство и за „интернет-неутралност". Ако не во целата Европа, граѓаните од регионов, барем кога ќе посетат некоја од земјите во соседството, ќе можат да очекуваат сметките да им бидат поприфатливи, а не да се прашуваат кому ли му згрешиле што плаќаат толкав цех. И тоа не во некое идно неопределено време, како што е случајот со многу работи што се ветуваат за подобро утре, туку, доколку се остварат заложбите на регулаторите, веќе во почетокот на наредната година.
Во време кога овој текст оди во печат, во Будва се одржуваше конференцијата „Инфофест", каде што надлежните министри за телекомуникации требаше да потпишат спогодба што ќе овозможи цените во роамингот да се намалат на нивото што го имаат земјите-членки на Европската унија.
Оваа спогодба треба да го отвори патот граѓаните на Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и на Албанија да плаќаат многу пониски цени за мобилните разговори, односно да зборуваат по домашни цени и кога се наоѓаат на територијата на некоја од овие земји. Спогодбата е отворена и за други држави што ќе сакаат да се придружат на иницијативата, што уште повеќе ќе придонесе граѓаните послободно да вртат кон дома или да примаат повици кога се во странство.
Доколку се оствари целта една минута разговор во роаминг да биде најмногу 11 денари, СМС до 3,5 денари и еден мегабајт-интернет во роаминг најмногу 12 денари, тогаш и ефектите ќе бидат поголеми – не само за граѓаните кога одат на некое туристичко патување, уште повеќе можеби за фирмите и за деловните контакти меѓу бизнис-партнерите.
Според студија на АЕК, Македонците плаќаат петпати повисоки цени за мобилна телефонија додека се во странство. Разликата е уште поголема за роаминг интернет, за што Македонците плаќаат и до 26 пати повеќе од корисниците од ЕУ. Сега, на пример, македонските граѓани, кога престојуваат во Србија или во Албанија, минута разговор во роаминг ги чини меѓу 80 и 150 денари, една СМС-порака од 17 до 20 денари, а доколку се решат да сурфаат треба да очекуваат да платат од 120 денари до 980 денари за еден мегабајт-податоци, во зависност од операторот на чијашто мрежа се поврзани.
Разликата помеѓу овие цени и оние што би важеле по воспоставувањето балканска зона без роаминг е очигледна. Сепак, и покрај јасната волја на регулаторите и на владите, патот кон целта не е сосема без предизвици. Најмногу отпори има кај мобилните оператори кои засега не го коментираат намалувањето на цените на роамингот, иако, неофицијално, сметаат дека треба да бидат вклучени во целата постапка.
Високите цени во мобилната телефонија за разговорите од и кон странство, придонесоа и на голема примена на апликациите што овозможуваат премостување на оваа пречка. Сепак, користењето на апликациите е ограничено, односно зависи од пристапот до некоја бесплатна вај-фај мрежа. Така што конечниот резултат од иницијативата може дури да биде и поволен за операторите. Со помали цени, но со зголемен сообраќај би имале и поголеми приходи.
Македонија уште пред две години почна иницијатива да се вклучи во европскиот процес, каде што 28 држави-членки на ЕУ би требало да го укинат роамингот до декември 2015 година. Кон оваа иницијатива се приклучија и другите земји од регионот, но засега таа не е прифатена од Брисел. Затоа, регионалната иницијатива е логичен одговор на бриселското „не". Впрочем, и објаснувањето за изреката за Мухамед во „Вујаклија" е дека таа зборува за потребата да се работи на остварување на своите цели, а не да се чека тие самите да се реализираат.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.