Еден од најкористените нови економски термини во последните неколку години е т.н. циркуларна економија. Има многу конференции, вебинари и работилници низ Европа кои во насловот го содржат овој термин. Сите презентации со предлози и препораки за нејзина примена звучат интересно и футуристички. Но, колку се реално изводливи?
Автор: Филип Ивановски, директор на „Пакомак“ и универзитетски професор
Традиционалниот „линеарен“ економски модел е еднонасочна улица која не враќа ништо или речиси ништо во некоја фаза наназад од тоа што е отпад на крајот на синџирот. Наместо еднонасочна улица, се планира економија налик на кружен тек. Таа кружна или циркуларна економија би требало да биде блиску до досега недостижното „перпетуум-мобиле“, имплементирано дури и на глобално ниво!
Циркуларната економија предвидува „еколошки дизајн“ на производите уште во фазата на нивно креирање. Производите треба да се за повеќекратна употреба, да траат долго и да се лесни и евтини за поправка! Производствените процеси и дистрибуцијата треба да трошат малку енергенти, пожелно од обновливи извори. Кога, сепак, неминовно ќе се јави отпад во тој материјално-економски круг, отпадот треба да се селектира соодветно и по рециклирањето повторно да се врати како влезна суровина во индустријата!
Дури и да функционира како што е замислена, циркуларната економија сè уште ќе консумира природни ресурси, веројатно околу 10% од оние што сега се користат, но и тоа под неколку претпоставки! Прва е дека бројот на жители нема да расте (прилично нереално), а другата претпоставка е дека нема да имаме технолошки нови производи (исто така, нереално) кои брзо ќе ја намалуваат „употребната вредност“.
Вообичаено, секој маркетер ги знае основните 4П (Product, Price, Place, Promotion) елементи на секој маркетинг-микс, дефинирани уште во 1960. Секако, маркетинг-науката додавала нови П низ годините (People, Process, Physical Evidence…), но веројатно многу брзо ќе мора да смисли нов поим на П. Тоа ново П ќе треба да одговори на прашањето: колку нашиот производ е создаден со еколошки производствен процес, колку се троши енергија за него и колку отпад се создава од почеток на неговото создавање до постконсумација? Дали може да го промовираме како пријателски кон животната средина?
Циркуларната економија ќе вметне и трета варијабла или оска во мапите на перцепција. Перцепција за циркуларност (Perception of Circularity) или перпеетумбилити (Perpetuumbility) може да бидат називи на новиот столб П на маркетирање на производите и услугите во иднина. И тој столб ќе станува сè поважен!
Купувачите во иднина ќе купуваат производи и услуги за кои имаат перцепција дека се произведени со чиста технологија, мала употреба на енергија и малку загадуваат по нивната консумација. Перцепцијата ја градат маркетинг-експертите, реалноста ја создаваат инженерите и технолозите! Кога тие две функции работат синхронизирано и со иста цел – циркуларност или рециклабилност, тогаш успехот на производот е неминовен во иднина!
Дотогаш, создавајте помалку отпад, а тоа што сепак е отпад - селектирајте го за рециклирање!
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.