Актуелно

Горан Теменугов: Има ли бизнис?

13 мар 2024

Иако овој вовед изгледа долг, сепак, ова е само мал дел од нашето сè полошо економско секојдневие. Речиси и да нема бизнис каде што е вмешана државата, а да не биде спорно за една, втора или трета страна. Најчесто е спорно и за јавноста.

Пишува: Горан Теменугов, економски новинар

Пропаднат 14. тендер за ХЕЦ „Чебрен“. Оспорувани стратешки инвестиции во енергетиката, пред сè, за комбинираната гасна централа што треба да ја гради грчки „Митилинеос“. Спорна изградба на коридорите 8 и 10Д од страна на „Бехтел – Енка“. Сопрени отворања на рудници. Неможност да се купи државно земјоделско земјиште, без што нема влез на големи, странски компании кои ќе донесат исплатлив бизнис-модел во земјоделството. Предупредувања за криминални тендери во РЕК Битола за ископ и купување јаглен. Спорни локации за изградба на сончеви електрани. Чуден избор на нов универзален снабдувач со електрична енергија за населението каде што учествува компанија која работи со загуби, што е спротивно на одредбите за учество на тендерот. Забрана за увоз на алтернативно гориво со кое ќе се намалат трошоците за производство. Нерешавање на проблемите со отпадот и неможноста тој да се преработи во алтернативно гориво...

Иако овој вовед изгледа долг, сепак, ова е само мал дел од нашето сè полошо економско секојдневие. Речиси и да нема бизнис каде што е вмешана државата, а да не биде спорно за една, втора или трета страна. Најчесто е спорно и за јавноста.

Но, тука доаѓаме до клучните прашања, зошто е ова така и дали во вакви услови, каде што секој е против секого, воопшто е можно да се води бизнис. Да го дадам веднаш одговорот и тој е НЕ. Во Македонија веќе одамна нема елементарни услови да се развива бизнис, да се преземаат храбри чекори и да се освојува економскиот простор со нови и иновативни чекори кои ќе ја подобрат економијата во државава. 

Општата недоверба и упорното покажување на институциите дека се некадарни да спроведат што било навремено се врвот на попречување на бизнисот.  

Главна причина од каде што потекнува проблемот со тешкотиите за водење бизнис е огромното инволвирање на државата и пренасочување на буџетски средства кај одреден број компании кои не можат да одговорат на барањата за добро извршување на задачите. Ова е основа за огромна корупција, каде што мали и некомпетентни фирми добиваат големи зделки, а за возврат тесно соработуваат со владејачките партии. Овој проблем е повеќедецениски, но веќе ескалира до таа мера што го наруши пазарот и ги истисна сериозните компании кои имаа капацитет и знаење да спроведат големи проекти.

Со слабеењето на домашните големи компании кои немаат пристап до вредни домашни тендери, пред сè, во градежниот сектор, кој активира над 40 други сектори, се губи и можноста тие да се во работна кондиција за големи и важни проекти, како што е изградба на енергетски објекти.

Проблемот со градежниот сектор е само илустрација како државата има лош пристап кон економијата. Но, можеби поголем проблем е тоа што поради сомнителните зделки со мали фирми, се урива довербата во институциите. Општата недоверба и упорното покажување на институциите дека се некадарни да спроведат што било навремено, во одреден рок, според одредени јасни и однапред познати и утврдени правила, според законите, се врвот на попречување на бизнисот. 

Поради ова, јавноста не верува дека ако се отвори рудник, тој ќе работи според стандардите. Не веруваме дека ако се дозволи увоз на алтернативно гориво, тоа ќе биде безбедно, не веруваме дека ако сакаме стратешки партнери, државата ќе има бенефит, а не само странската компанија и поединци од власта. И за секоја констатација од почетокот на текстов, одговорот ќе биде ова. Политичките партии ја уништија довербата во институциите. Додека се во опозиција, се против одредени проекти, кога се на власт истите или слични проекти, сакаат да ги спроведат. И вака во круг со децении.

Можеби поради сево ова, нашата заслепеност од дневната политика и затруеноста на јавноста од политичките битки, во јавноста не помина со посериозно внимание она што го побара Стопанската комора на Македонија преку својот стратешки документ, кој беше преточен во книга. Комората го побара следново: Да се промени досегашниот модел на економски развој, да спроведеме модерна реиндустријализација и структурна трансформација на извозот како фундаментални процеси во забрзување на растот на македонската економија, да се реши, намали сивата економија и да се донесе декларација за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки. Поголема дебата за ова досега нема. А нема ниту бизнис.      

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...