Актуелно

„Инсајдер ИД“: Инфлацијата главна тема и во следните две години

24 јан 2024

Автор: Сергеј Зафироски, генерален менаџер на „Инсајдер ИД“

За специјалното издание на InStore, консултантите од „Инсајдер ИД“ изработија специјална анализа за влијанието на инфлацијата врз потрошувачките навики, во која се користени податоци од НБРМ и истражувања од „Инсајдер ИД“. За повеќе информации, контактирајте ги на sergej@insider.mk или info@insider.mk.

Инфлацијата е една од главните теми што ја одбележаа 2023 година. Наглото зголемување на цените, особено на производите за широка потрошувачка, предизвика значителни негативни ефекти и промени во однесувањето на потрошувачите, пред сѐ, поради желбата да се намалат трошоците се секојдневните активности. Инфлацијата по дефиниција е зголемување на цените на производите и услугите. Тоа што често не се потенцира е дека таа е последица (меѓу другото) на зголемувањето на масата на парите во економијата при исто ниво на производство или пак нагло зголемување на цената на клучни ресурси без разлика дали се увезени или домашни.

Во периодот на здравствената криза и по неа мерките што беа преземани за нејзино ублажување и надминување директно посочуваа дека е очекувано да има инфлаторни движења. При инјектирање голема количина готовина, како грантови, финансиска помош за граѓани и компании без покритие, односно производство кое ќе ја поткрепи таа готовина и со продуктивност приближно еднаква на нула (голем дел од бизнисите имаа забрана за работа или рестрикции), инфлацијата е природна последица. Проблемот е што сите држави во светот ја применија истата стратегија за надминување на кризата, што креира ризик за општо зголемување на цените. Војната во Украина и значителното нарушување на синџирите на снабдување дополнително го забрзаа процесот на зголемување на цените.

Според последните податоци достапни на НБРМ во однос на инфлацијата, во 2022 на годишно ниво изнесувала 18,7% додека во првите три квартали од 2023 е помеѓу 14,7% и 6,6% со проекција дека на годишно ниво ќе изнесува 9,5%. За 2024 година се очекува стабилизација на цените со инфлација приближна на 5% доколку повторно нема значителни турбуленции на глобално ниво.

Моментално компаниите се обидуваат да балансираат помеѓу цените на сопствените производи и барањата на потрошувачите за нивно намалување, зголемувањето на цените на нивните добавувачи, притисокот од вработените за зголемување на платите и општото зголемување на трошоците за работењето. Под најголем притисок за цените, пред сѐ, поради широкото користење, е индустријата за прехранбени производи и пијалаци.

Во истражувањето спроведено од „Инсајдер ИД“ потрошувачите се запрашани B2. Колку проценти сметате дека се зголемени цените на прехранбените производи во последната година? Вкупниот просек од нивните одговори за тоа колку се повисоки цените на производите изнесува 49%, што е над официјалниот просек за поголем дел од производите (според НБРМ за 2023 се очекува да биде 9,5%). Распоредот на одговорите на потрошувачите е зададен во следниот приказ.

Најголемиот дел од одговорите се во распон од 21% до 60% или приближно 60% од потрошувачите. Интересно е дека над 10% сметаат дека цените се зголемени за минимум 81%, што е прилично висок процент на потрошувачи. На другата страна, значително понизок процент на потрошувачи сметаат дека цените имаат раст до 20%. Сепак, тоа што е поважно како информација е колку потрошувачите сметаат дека треба да им се зголемат персоналните приходи за да кореспондираат со новото зголемување на цените. Всушност, разликата помеѓу покачувањето на цените и посакуваното зголемување на приходот го дефинира процентот кој индивидуите имаат желба реално да им се зголеми платата. Информација е од големо значење за компаниите кои се обидуваат да го пронајдат соодносот помеѓу инфлацијата и реалниот раст на платите.

Вкупниот просек на посакуваниот раст на плати даден од сите индивидуи изнесува 69% и е за 20% повисок од перципираното зголемување на цените од 49%. Главно потрошувачите имаат желба да се компензирани за вредноста на перципираното зголемување на цените и дополнителни 20% на платата. Сепак, доколку се исполнат таквите очекувања, ќе се предизвика нова инфлаторна спирала бидејќи и самите компании ќе започнат да ги зголемуваат цените за подмирување на зголемениот трошок.

Размислување за намалување на цените

Потрошувачите се запрашани за тоа како би можеле да бидат намалени цените на производите во маркетите. Интересно е дека главниот фактор за намалување на цените, според потрошувачите, се високите профити без разлика дали се остварени од маркетите или производителите.

Изјава која отстапува позначајно е „Маркетите имаат високи профитни маржи и тоа го зголемува нивото на цените“, каде што учеството е 60% за одговорот „се согласувам” и дополнителни 31% за „делумно се согласувам”. Генерално 91% од потрошувачите сметаат дека маркетите, а 80% дека домашните производители имаат високи профитни маргини. Истовремено, 90% од потрошувачите се свесни дека цените на материјалите се исто така значително зголемени, што придонело за зголемување и на цените. Како дел од мерките што би можеле да се преземат е да се зголеми домашното производство на прехранбени производи и пијалаци, што потрошувачите сметаат дека би го намалило општото ниво на цени.

_________________________________

Инфлацијата ќе биде една од главните економски теми во следните две години. Иако ќе биде стабилизирана, се очекува сѐ уште да биде над потребната граница од 2%, што сугерира дека високите каматни стапки и потребата за дестимулација на приватната потрошувачка (и стимулација на штедењето) ќе бидат присутни. Потрошувачите дополнително ќе ги оптимизираат буџетите бидејќи приходите во најголем дел од случаите нема да ги средат тие движења. Тоа во крајна линија ќе ги промени потрошувачките навики, кои пред сѐ ќе влијаат врз обемот на потрошувачката кошница (бројот на производи што се купуваат) и цената по која се купува секој поединечен производ. „Финансиски логичните потрошувачи” кои се врзуваат за маркети што имаат општо пониски цени се сѐ повеќе на број, а со тоа и силата на хард-дисконтите ќе биде поголема.

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...